Лабораторија за претклинички вежби отворена на Стоматолошкиот факултет при УКИМ


Лабораторија за претклинички вежби за студентите по дентална патологија беше пуштена во употреба денеска на Стоматолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Вредноста на лабораторијата е 10 милиони денари, а средствата по половина ги обезбедија Министерството за образование и наука и УКИМ.

Деканката на Стоматолошкиот факултет, проф. д-р Соња Апостолоска, изјави дека им се остварува голема желба да се отвори ваква лабораторија за претклинички вежби за студентите затоа што со работа во модерни услови ќе се унапреди нивното знаење и вештините.

 

-Проектот обезбедува најсовремени дентални симулациски фантоми од коишто студентите ќе имаат реална слика за работата со пациенти Со овие услови тие ќе имаат европски стандарди, голема практична обука за да бидат подготвени за својата професија, изјави деканката на Стоматолошкиот факултет, кој има околу 700 студенти на сите студиски програми.

Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, изјави дека овој едукативен центар ќе им обезбеди најсофистицирана настава на студентите и поврзување на теоретската настава и практичната обука по најсовремени стандарди во стоматолошката едукација.

-Со оваа лабораторија ќе обезбедиме систематска, многу побезбедна и поквалитетна обука на нашите студенти, поквалитетн пристап во третманот на денталната патологија, а со тоа индиректно и многу подобар третман на нивните идни пациенти и подобра грижа за оралното здравје на пациентите, рече Ангелова.

На отворањето на лабораторијата присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изјави дека инфраструктурата во високото образование забрзано се модернизира и дека тоа е исклучително важно за поквалитетна настава за студентите и за научно-истражувачката работа.

-Оваа година за универзитетите беа издвоени 7,5 милијарди денари, а во 2023 година, во времето на претходната влада, буџетот за нив беше 3,8 милијарди. Тоа значи двојно повеќе вложување во високото образование во нашата земја, што гарантира напредок и во инфраструктурата и во образовниот процес за добивање подобар квалитет на студентите, истакна Јаневска./МИА