„Културата е најлесна мета“: Протест на културните работници пред Уставниот суд
Културни работници денеска протестираа пред Уставниот суд, во организација на Синдикатот на културата (СКРМ). Културните работници стравуваат дека судската постапка во уставниот суд поврзана со Колективниот договор во културата може да доведе до уривање на веќе стекнатите работнички права.
На протестот изјавија дека Уставниот суд треба да биде последниот штит на правдата, последната линија на одбраната.
„Она што се случува со Колективниот договор за културата, не е техничко прашање, туку е порака дека културата е најлесна мета. Дека уметникот може да се обезвредни. Порака дека стекнатите права не се сигурни. Ако денес падне културата – утре паѓаат сите. Ова не е формалност, не е ситница, ова се суштинско прашање. На јавната седница на Уставниот суд на 8 април, слушнавме многу аргументи кои нам, како културни работници – иако не сме правници – ни звучеа најмалку чудно. Зошто? Затоа што истиот тој Уставен суд и речиси истиот состав на уставни судии пред само пет години за истото прашање зборуваа едно, а денес зборуваат друго“, посочија од СКРМ.

Според СКРМ, Колективниот договор не е привилегија или бројка во буџет, тој е резултат на преговори и години борба. Синдикатот е на став дека ако Колективниот договор за култура падне на Уставен суд, тоа нема да биде изолиран случај, туку „почеток на падот на сите колективни договори“.
„Почитувајте ги стекнатите права, тие се изборени, а не подарени. Не го рушете договорот. Не сме буџетска ставка – туку луѓе. Ова не е реформа, ова е уривање“, порачаа од Синдикатот пред Уставен суд.
Судот поведе постапка за оценување на Колективниот договор за култура по поднесена иницијатива од адвокатот Томислав Стефков, и по сопствена иницијатива поведе постапка за член 78-љ од Законот за култура.