Кристално чиста препорака за нејасна иднина


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Еврокомесарот Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини,  вчера застанаа цврсто зад препораката за преговори за членство со Македонија. Ги употребија сите аргументи и сите „оружја“ за да ги убедат земјите членки дека нивната одлука треба да биде потврдена и дека таа ќе биде пресвртна за нас и за регионот. Никогаш досега толку не се труделе и никогаш толку отворено не ги притискале земјите членки кои, уплашени од налетот на евроскептиците, се плашат да носат какви било одлуки кои асоцираат на прием на нови членки. Силата на Хан и на Могерини вчера беа аргументите и досието на нашата држава, пред сè, а нивна слабост беше што се на заминување, што времето да се потврдат одлуките е кратко, а долги се процедурите. Бидејќи ова е втора препорака за преговори откако ЕУ ни напиша во извештај дека до декември оваа година треба да ги почнеме реално, прашањето што се поставува сега е – ќе ја материјализира ли конечно Унијата препораката што ни ја дава Комисијата, или и оваа ќе остане евроинтеграција на хартија, имајќи ги предвид сите препораки за преговори што не се остварија во изминатата деценија?

Не треба да се биде експерт за да се сфати дека одлуката треба да се протне низ „иглени уши“ и дека ако има волја кај земјите членки да ја остварат пред доаѓањето на новата Европска комисија во ноември, ќе мора да применат некакви креативни решенија. Пораката што дојде пред објавувањето на извештајот на ЕК од Берлин не сугерира баш дека дури и земјата што е наш најголем поддржувач за Унијата, Германија, ќе се потепа да ја заврши процедурата пред самитот на 21 јуни. Следниот е веќе во средината на октомври кога Грција ќе има нова влада  која може да го искомплицира процесот, бидејќи не стои зад Преспанскиот договор, а францускиот лидер Емануел Макрон нема да биде ништо поохрабрен од тоа што беше пред евроизборите, па ќе биде и дополнително обесхрабрен од новите ветрови во Брисел. Како и да е, јасно е дека добивме по првпат кристално чиста  препорака за преговори, испорачавме многу реформи, го решивме спорот што нè блокираше две децении во ЕУ – и пак не ни е јасно што ќе добиеме и дали. Единствена придобивка е дека Владата и натаму ќе мора да прави реформи бидејќи одлуката на земјите членки нема да трпи никакво неостварување или назадување.

Поентата е дека вчера добивме датум, а повторно не можеме да му се израдуваме. Добивме силна поддршка од Брисел, кој им отвори дури и фронт на земјите членки со пораката дека мина времето кога требаше да  поставуваат услови бидејќи сега ЕУ е таа што треба да испорача тоа што вети. Гласно зборуваше Брисел, но молчаливи се тие што треба да го финишираат процесот.

Вчера немаше охрабрувачки одговор и на најсензитивното прашање – има ли воопшто пријатели на проширувањето во ЕУ, по што испадна дека тоа се само соседите на кандидатите, без да се спомне ниту една голема и моќна земја членка од тие што порано го промовираа овој процес. Иако нашата држава се најде на опашката на евроинтеграцијата главно поради своите непостигнувања и поради Грција, голема е и одговорноста на Унијата што цели три децении државата е во лимбо ситуација од аспект на перспективата. Време е ЕУ да ја исправи неправдата кон Македонија, колку и да се гласни евроскептиците во Франција, во Велика Британија, во Италија, па и во Германија. Време е ЕУ да ја стави Македонија на европската карта, со или без Албанија, зашто ако потфрли и овој пат, единствена перспектива ќе ни биде Голема Албанија. Ако не почнат преговорите и овој пат, најдобро е да нè поштедат од скрининзите, самитите на високо ниво и извештаите, бидејќи оваа земја веќе нема ни пари ни време за губење на перспектива што не се остварува, која постојано се оддалечува и веќе е тешко да се види дали е реална или е фатаморгана.