Копров за Владо Јаневски: Најсилна страна му беа текстовите

И кога тој продолжи понатаму, со свои текстови и композиции да реди успех, секогаш се радував, вели Копров за „Независен“


Беше пребирлив, талентиран, ексцентричен, џентлемен, со свој стил на живот и не се оптоваруваше со другите. Перфекционист и со изборот на песните и со изгледот. Текстовите му беа најсилна страна, вели хитмејкерот и композитор Григор Копров за поп-ѕвездата Владо Јаневски, во разговор за „Независен“.

На времето, кога не постоеја социјалните мрежи и врските,  требаше да бидете талентирани, да имате амбициозни родители, да пеете во „Златно славејче“ и да ве забележи Григор Копров. Тој е еден од ретките кај нас кој го знае патот од талент до ѕвезда и кој со своите песни знае ѕвездата да ја направи уште поголема ѕвезда.

И поп-ѕвездата Владо Јаневски се вивна на ѕвезденото естрадно небо, благодарејќи на соработката со Копров, кој му ги компонираше едно од најубавите песни од почетокот на кариерата, како „Црно тиквешко“, „Не зори зоро“, „ Еден бакнеж“, со која победи на „Макфест“ во 1994 година, и со која замина на фестивалот Славјански базар во Белорусија, „Чаирска романтика“, која во 1993 година го освои второто место на „Макфест“.

Копров (82), роден охриѓанец, кој во богатото музичко портфолио од 1700 песни, според статистиката на ЗАМП, и 4700 песни, уште необјавени, и кој може да се пофали со соработката со ѕвезди како Тоше Проески, Каролина Гочева, Калиопи, Маја Оџаклиевск… за „Независен“ откри за соработката со Јаневски, кој по кратко боледување и ненадејно почина на 28 јуни, во една од скопските клиники, на 65 години.

Фото: Б. Грданоски

Нивната средба била случајна, кога Владо се уште бил дел од „Куку леле“.

-Ми пријде во „Пелистер“ додека пиев кафе, и ме праша дали сакам да му компонирам неколку песни. Јас, со задоволство прифатив и така почна нашата соработка, прво со песната „Ко је крив“ на фестивалот„Белградско пролече“, не се сеќавам која година, па продолжи со „Црно тиквешко“, со одличниот аранжман на Кокан Димушевски, на негов текст, кој стана бр. 1 и македонски евергрин, па се нижеа „Еден бакнеж“, „Не зори зоро“…Еве еден куриозитет. Тогаш кога Македонија испраќаше прв претставник на Евросонг во Бирминген, Англија, во 1998, на Скопскиот фестивал три мои композиции се пласираа на првото, второто и третото место. Победи „Не зори зоро“ која не претставуваше,  па „Самовилска свадба“ со маестралната изведба на Сашо Гигов- Гиш која сакав да победи, и трети беа Дуле и Коки . Нашата соработка траеше неполни десет години. И кога тој продолжи понатаму, со свои текстови и композиции да реди успех, секогаш се радував, вели Копров.

Вели дека во случајот со Владо, за  голем „грев“  го смета тоа што тој остана ѕвезда исклучиво во Македонија, не го распосла својот талент и во регионот и пошироко, иако беше познат во соседството, дури и се обиде во Русија.

„Беше елоквентен, зборуваше неколку странски јазици. Не знам дали тој одлучи така, или такви беа околностите, објаснува почитуваниот композитор.

Копров потенцира дека дека за успех на секоја песна треба добар пејач, добар текст и емоција.

-Владо беше одличен текстописец, а како пејач тој ја пренесуваше емоцијата на авторот, во овој случај композиторот. Кога некој пее, никој не прашува за композиторот или тој што го прави аранжманот, сите се поистоветуваат со пејачот, вели Копров. Тој истакнува дека за една добра композиција, важна е и естетиката.

„Без естетика и емоција, ништо од успешна песна“, вели Копров.

Музичките ѕвезди се создаваат и за да се опстане, тоа бара многу труд, многу работа и многу услови треба да се исполнат.

„Македонија како и Балканот има извонредни таленти, ама од талент до ѕвезда патот е многу долг. Зошто? Затоа што по првиот успех имаш ситуација во која тој што те молел да му направиш песна преку ноќ „знае повеќе“ од композиторот и од аранжерот. Тоа е така со повеќе од 98% од интерпретаторите со кои сум соработувал и затоа несвесно преку ноќ ги снемува.Чест на исклучоците и ѕвездите со кои сум работел и уште се ѕвезди“, вели  композиторот.

Како го открива  потенцијалот кај одредени пејачи?

-Секако дека долгите години искуство поминати со различни интерпретатори придонесуваат да изградиш свои критериуми кои кај сите нас се различни.

Од каде ја наоѓа инспирацијата за неговите песни?

-Јас имам три начини како работам: првиот начин е кога мене ми доаѓа идеа ја разработувам, со што на самиот почеток не знам за кого е наменета таа композиција и за кого би одговарала. Вториот начин е добивам готов текст кој носи одредена порака и на тој текст правам музика(композиција) што за многумина е мислена именка. Тоа ми е најтешко. Третиот начин е кога имам задача да направам за одреден интерпретатор, тогаш го гледам неговиот распон и боја на глас, дали е предодреден за балади или за брзи песни, каква личност е и сл. Значи, да дообјаснам, како и во спортот, како и во сето друго, или во спортски жаргон кажано, скокач е и оној што скока 1 метар и оној што во секое време може да скокне 3 метра, а и за едниот и за другиот се вели дека се скокачи, а дали се тие исти? Така е и во музиката, вели Копров.

На што се должи неговата успешна и децениска работа?

-Секако, јас сум од луѓето што функционираат како сега да сум почнал, што значи дека со секоја новосоздадена композиција јас морам да го потврдам или да го надминам она што веќе сум го создал, во спротивно ја рушам мојата кариера. Затоа што нема оправдување дали е пејач, глумец или инструменталист. Дали тоа значи дека ако не спиел ноќта – тој треба да пее, свири или глуми лошо?, вели Копров.