Коњановски ја правда изградбата на „улицата трафостаница“ во Битола
Градоначалникот Тони Коњановски одржа прес-конференција на која се осврна на повеќе актуелни теми, но најголемо внимание привлече новоасфалтираната улица СРУ-5 во Касарната – веќе позната во јавноста како „Улица Трафостаница“.
Информираше дека улицата сѐ уште не е пуштена во употреба, дека е изградена според постоечки проект стар 15 години, дека не може да се промени проектниот план и дека трансформаторот не претставува функционален проблем, а показ за тоа е добиеното сообраќајно решение.
За оваа тема новинарите прашуваа зошто улицата не е минимално поместена, кој е одговорен за ваквото решение и дали сепак има промена во проектот, каде ќе биде тротоарот?
„Во планската документација која е во сила она што можеме да го видиме на терен во моментот е понуденото решение за овој трансформатор каде пешачката патека е предвидено да го заобиколи трансформаторот“, рече Коњановски.