Кому ги носел парите уапсениот директор на инспекторатот за земјоделство. Дали на министерот, праша пратеничката Петровска


 

На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ извади фотографии, според кои директорот на Државниот инспекторат, Васе Анакиев, бил уапсен со пари на подземниот паркинг во зградите Џевахир, каде стан според неа, имал и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

„Локацијата на апсењето на директорот е во подземна гаража од каде се оди кон станот на Цветан Трипуновски. Моето јасно прашање до вас е дали вие или некој друг свесно и намерно во МВР ја прекина операцијата односно го уапси директорот пред тој да ги достави парите до министерот за земјоделство. И брат да е, ќе одговара, рековте вие“, го праша Петровска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Петровска рече дека тој податок околу локацијата на апсење никогаш не бил објавен. „Го уапсивте само директорот, а не и крајниот корисник на тие средства“, рече Петровска.

Притворениот директор на Државниот инспекторат за земјоделие, Васе Анакиев, беше фатен со 50 илјади евра кои наводно ги барал како поткуп за да издаде согласност за влез на камион со земјоделска стока. Министерот Тошковски тогаш изјави дека „за рекетирање, посебно кога функционери се фатени на дело, ќе има строга истрага и одговорност“.

Тошковски одговори дека таму каде што е упсен Анакиев, живеаат многу поранешни и сегашни функционери и фатен таму е фатен како ги прима парите. „Јас ќе бидам таинствен и ќе кажам дека во предметниот објект живеаат согласно информациите, кои што ги добив 30 секунди откако ми го поставивте прашањето, многу сегашни и поранешни функционери. Лицето е апсено на локацијата затоа што таму ги примило средствата. Кој друг живее во тој објект искрено не знам, можеби вие подобро би знаеле од мене“, рече министерот Тошковски.