Компетитивност


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Полека стивнуваат емоциите и реакциите по драматична изборна ноќ, која ја донесе најнеизвесната трка и најблискиот резултат меѓу водечките кандидати од веројатно сите досегашни избори (вклучително и парламентарни и локални).

Конечниот резултат објавен од Државната изборна комисија изнесува 4.489 гласа повеќе за Стево Пендаровски, или 0,6 отсто разлика, е изненадувачки блиску, иако најголем дел од објавените анкети пред изборите предвидоа неизвесна борба и мала предност на кандидатот на СДСМ (од два, преку 2,6, до најмногу 3,7 процентни поени). Во извештајот на МЦМС од првата анкета за изборите која ја спроведе агенцијата „М-проспект“, објавена на 25 март (вклучително и на ТВ Телма), напишав: „Стево Пендаровски, кандидатот на СДСМ и ДУИ, е во благо водство (25,0 отсто) пред Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ (22,4 отсто), односно разликата е 2,6 процентни поени, што е во границите на статистичката грешка, па може да се каже дека се работи за изедначена трка и еднаква можност за победа на изборите“.

Веќе се направија многу анализи и напишаа уште повеќе коментари за исходот од првиот круг на изборите. Во кампот на кандидатот на СДСМ кој води на изборите, сепак доминира чувство на пораз, главно заради губиток на огромен број гласови од последните локални и парламентарни избори, па и речиси половина од гласовите „за“ на референдумот. Во партиските анализи се зборува за потреба од метла и од чистки, но премиерот ги најавува за после вториот круг на изборите.

Новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), но и многу други, посочија на неколку случаи на корупција, непотизам и неспособност, кои требаше да бидат решени многу одамна, уште кога настанаа, за евентуално да се превенира или избегне казната која од гласачите стигна во неделата.

Често се споменува и факторот Преспански договор и уставните измени. И се констатира дека е ова таа „висока цена“ која владејачката коалиција сега ја плаќа. Но повеќето коментатори, главно поддржувачи на договорот, се чини премногу лесно констатираат дека тоа не бил најзначајниот елемент за нискиот резултат на СДСМ-ДУИ, па дури и дека со овој резултат „се потврдил“ договорот. Да, се согласувам дека тоа е веројатно веќе завршена или надмината работа и дека да – требаше да се постигне некаков договор со Грција и да се отвори евроатлантската перспектива која ја посакува и огромното мнозинство граѓани. Но, мене повеќе ми личи дека овој резултат кажува и нешто друго – дека постигнатиот договор сепак не беше доволно добар, ниту достоинствен (да не речам понижувачки), дека граѓаните сега казнија за неисполнетите ветувања од изборите во 2016-та година на оваа тема (нема да се менува Уставот, а во некои предизборни изјави – ниту името), а особено што не се испочитува референдумскиот исход и не се направи обид (како што, на пример, сè уште се прави во Велика Британија за „Брегзит“) – да се постигне подобар договор, кој ќе е прифатлив за мнозинството граѓани.

Значи, резултатот на изборите може да се толкува и како е превисока цената за постигнувањето на договорот и кога е така – треба да ја платат оние кои се договарале, вклучително со можно губење на овие (а веројатно и на следните парламентарни избори). Но, тоа не би требало да е проблем, нели изјавуваа дека се подготвени да ја платат таа цена, а сега и дека е „слушната пораката од граѓаните“ и дека е разбрана. Сепак, не ми личи дека е така… и наместо покажување понизност и признавање дека можеше и требаше подобро, се продолжува со истата реторика, па дури и со поголема ароганција. Да не биде после изненадување на 5 мај, ако навистина Пендаровски и СДСМ загубат.

Во другиот камп, иако поразени, владееше победничка атмосфера, како што, исто така, извонредно како и за атмосферата во хотелот „Хилтон“ на владејачкиот изборен штаб, многу сликовито ја опишаа новинарите од порталот „Призма“. Се славеше блискиот резултат со противкандидатот, кој на моменти беше и водечки, но на крајот сепак заврши со мал пораз. Прашање е дали имаше простор за толку и такво славење. Резултатот е најнизок за партијата од парламентарните избори 2006 година (тогаш освоија околу 303 илјади гласови… додуша и со толку, ја освоија власта) и од претседателските избори во 2004 година. Исто така, резултатот е понизок и од последните локални избори (околу 335 илјади за советничките листи) кои беа доживеани како целосен дебакл, со освоени само пет општини. Но, како што велат, во политиката е поважна перцепцијата – а таа е дека ВМРО-ДПМНЕ помина многу подобро од очекувањата (базирано на реалноста дека загуби многу помалку од тоа што го загуби СДСМ во фонд на гласови). Дополнително, се надмина „психолошката“ граница од 300.000 гласови, која на некој начин ја потврди довербата во новото раководство, со што се чини тоа ја заокружи својата консолидација. Тоа сигурно ќе им даде мотивација и елан за вториот круг, да се обидат да стигнат и до реална победа, иако и натаму Стево Пендаровски е фаворит за завршување на првото место на 5 мај.

Она што е важно за вториот круг е прашањето дали ќе се постигне цензусот од 40 отсто, односно дали ќе излезат на гласање повеќе од 723.253 граѓани? Во првиот круг за малку се надмина тој праг (41,8 отсто гласаа), што е најнизок одѕив кога немало активен бојкот од некоја партија. Покрај пораката (или шлаканицата) за партиите (и тоа сите) што овој одѕив ја даде – дека се потребни радикални промени во однесувањето на партиите, нивното практикување на политичко дејствување и особено на начинот на владеење (кога се на власт), нискиот процент само малку над потребниот праг рашири загриженост дали тој воопшто ќе се постигне во вториот круг. Особено и заради нискиот одѕив кај етничките Албанци, од кои пак и тие што излегоа и му дадоа речиси 80.000 гласови (4,4 отсто од вкупниот број избирачи) на кандидатот Блерим Река, може да се очекува воопшто да не гласаат во вториот круг.

И јас ќе бев загрижен доколку резултатот на двајцата кандидати кои ќе се натпреваруваат во вториот круг – Пендаровски и Силјановска-Давкова, не беше толку близок по првиот круг. Имено, компетитивноста на кандидатите (пресликано во резултатот), барем според моето мислење, ќе придонесе за многу помасовен одѕив во вториот круг, особено кај поддржувачите на двете партии (ако ништо друго, заради народните поговорки, за козата на пример – да НЕ победи „другиот“), со што не би требало да биде проблем да се постигне цензус, дури и со уште помала излезеност кај Албанците (иако сметам и дека ДУИ ќе се потруди да демонстрира дека може да добие и повеќе од 80.000 гласови во средините каде што Река освои толку гласови во првиот круг).

Конкуренцијата, заради која, нели, пред 30-ина години го напуштивме социјализмот и ни беше претставувана како нешто добро, што неминовно води кон подобри решенија и прогрес, треба да се покаже на дело на 5 мај. И верувам дека така и ќе биде. Кампањата за вториот круг ќе биде и подинамична и со поголем ангажман на целокупните партиски машинерии, се надевам и поиновативна и интересна, а и без сето тоа, верувам дека веќе и со самиов резултат, многу симпатизери на СДСМ кои ја казнија својата партија во првиот круг за сите горенаведени пропусти, како и многу симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаа дека треба да се продолжи со бојкот (како на референдумот) или пак имаа резерви кон новото раководство, овој пат ќе излезат и гласаат во поддршка на „својот“ кандидат. И многу неутрални граѓани сметам дека ќе се поттикнати сепак да излезат на гласање, токму заради неизвесноста на исходот и вербата дека токму нивниот глас може да биде одлучувачки.

Како љубител на спортот и особено фудбалот, месецов ја почувствував возбудата на неизвесниот исход, како и благодатите на здравата конкуренција и компетитивните фудбалски клубови. Верувам и повеќето од вас не останаа рамнодушни на раскошниот талент на „децата“ од Ајакс кои го „растурија“ фаворизираниот „Голијат“ Јувентус, како и на суперпресвртите, адреналинот и миксот на сите можни емоции во 90-те (а особено последните две) минути од двобојот на Манчестер Сити и Тотенхем во Лигата на шампионите.

Доволно возбудливо беше и вечерта на 21 април додека се соопштува постојано резултатите и предноста на едниот се топеше, па едно време дојде и до пресврт во водството, па сè така до крајот. И очекувам така да биде и во вториот круг и ќе може да уживаме вечерта на 5 мај во натпреварот, а и до тогаш во убедувањето на кандидатите да го добијат нашиот глас.

И не е толку важно кој на крајот ќе заврши со повеќе гласови, двајцата покажаа дека се многу добри кандидати и одлично ќе ја извршуваат функцијата, важно е натпреварот да е фер и по можност интересен до крај, а на крајот двајцата да си честитаат и оној со помалку гласови да му посака успешен мандат на другиот. Не мора да се секираме ни ако сепак не се постигне цензусот – верувам дека и Талат Џафери ќе биде одличен на функцијата в.д. претседател додека не се избере нов во евентуално повторени избори во септември.

Да ги поминеме претстојниве празници спокојно и да уживаме во тоа што ќе ни донесе компетитивноста на кандидатите во преостанатиот дел од кампањата и изборниот ден, како што фудбалските фанови во целиот свет уживаат деновиве во драмата на „мртвата трка“ за победник на англиската Премиер лига, меѓу Манчестер сити и Ливерпул.