Кој со кого ќе се помирува


ЕРОЛ РИЗАОВ

Волунтаристичките идеи за граѓанско помирување кои стануваат сè погласни, на кои се „налепи“ и претседателот на државата Стево Пендаровски во својот прв работен ден, се опасни пробни балони кои можат да ја уништат историската мирновременска револуција за европска, демократска, општествена, културна и економска преобразба. Ставањето во својата работна агенда маслиново гранче е всушност магарешки трн подметнат од хербариумот на претходниот станар на претседателската резиденција. Не сме имале граѓанска војна пред педесет или сто години, па денес да се заговара помирување. Кој со кого и за што ќе се помирува – се суштински прашања на кои немаат одговор „христијански“ настроените пострежимски политичари.

Најголема и единствена поделба која ја задушува и труе Македонија е главно меѓу политичките водачи, нивните пропаганди и медиуми да се помират криминалните и злосторничките здруженија со своите жртви. Бараат слобода без судска пресуда, со политичка одлука. Бараат бришење на злоделата кои ги правеа непречено над една деценија, како никогаш да не се случиле. Бараат да бидат прогласени за невини и неправедно прогонети, бараат власт за да го задржат ограбеното богатство како да е легално стекнато, бараат нивните жртви да се осудат за истото тоа за што тие треба да бидат осудени, бараат жртвите да бидат прогласени за арамии и тирани сметајќи ги и нив и нивните следбеници за наивни будали. За жал, со полно право бидејќи само наивци во политиката можат да веруваат во помирување со промена на улогите меѓу злосторниците и жртвите. Во Македонија најновата реформа на владеење на правото е кога волците се облекуваат во јагнешка кожа.

Дали политичките креатори на оваа нејасна идеја за граѓанско помирување, зад која сигурно се тркала нешто многу поголемо, мислат дека е неопходна заради идеолошките разлики. Сигурно НЕ. Тие се вообичаени, дури се поизострени и во најразвиените парламентарни демократии. Дали помирувањето се однесува на меѓуетничките и меѓуверски односи. НЕ, со сите проблеми кои постојат меѓу етничките заедници Македонија е на врвот на создавање мултикултурно и мултиетничко општество во целиот регион, па и пошироко. Меѓуверски конфликти речиси и немало никогаш. Дали помирувањето се однесува меѓу граѓаните поради големите социјални разлики. Не, нашите ограбени граѓани се како бајчиња, милина една до болка е да ја гледаш нивната покорност пред неправдата кога во беда и мизерија живеат илјадници луѓе наспроти баснословното богатство на неколку проценти кои ортачеа со транзициските власти и живеат раскалашно како средновековни феудалци. Нив никој не ги прашува како ги стекнале латифундиите, чифлиците и некогаш општествените и државни гиганти. Па тогаш, ако немало граѓанска војна, ако нема изразени идеолошки разлики, ако нема меѓуетнички, меѓуверски и социјални конфликти, кои се основните причини за сите несреќи што го тресат светот, а кај нас од сето тоа нема опасност, зошто тогаш има потреба од помирување и кој со кого ќе се помирува.

Не постои ништо друго за помирување освен попречување на правдата за спасување на криминалците од врвот на власта која 11 години ја ограбуваше земјата и граѓаните, која ја уништи кревката транзициска демократија и сите надежи за побрза европеизација на земјата. Која е таа голема закана за наметнатата потреба од самоубиствено помирување кое може да ја однесе Македонија во неврат и до исчезнување многу побрзо и без голема ѓурултија и крвопролевање. Земја без независен и професионален правосуден систем е банана-држава која не во Европа, туку не може да влезе ни на балканската географска карта. Тешко е да се поверува во сè почестите подземни вести дека се работи за притисок врз политичките лидери од власта и од опозицијата однадвор да се проголтаат сите злодела без правна и праведна судска разврска. Напротив, официјалните јасно искажани бриселски предуслови се владеењето на правото со директно посочување на конкретни судски разврски на неоправдано долгите процеси. Тоа беше и останува суштинскиот услов за почнување на преговорите со ЕУ и забрзување на постапката за членство во НАТО. Попречувањето на правдата беше главната активност на носителите на паднатиот режим на Никола Груевски, а во негово отсуство предводени од неговиот намесник Христијан Мицкоски и партискиот претседател Ѓорге Иванов.

Граѓанското помирување, или поточно кажано отстранување на заблудите кај еден дел од граѓаните за безгрешноста и чесноста на носителите на режимот на Никола Груевски, е можно само ако престане попречувањето на правдата. Независната и непречена работа на јавните обвинителства, и на специјалното и на редовното, е најдоброто помирување и смирување на Македонија од наметнатите политички тензии од првиот ден на падот на режимот. Јавните обвинителства не се судови. Тие не судат, суди судот. Доколку и власта и опозицијата навистина сакаат да воведат владеење на правото, тогаш нека ја препуштат целата работа на правосудниот систем кој мора да биде претходно исчистен од сите кои дадоа придонес за судење по нарачки и за деградација на комплетното судство почнувајќи од тие за прекршоци, па до Врховниот, Управниот и Уставниот суд. Предлогот на сите релевантни парламентарни политички партии за непречена работа на Специјалното јавно обвинителство со уште поголемо зголемување на неговите ингеренции за гонење на криминалот во високите редови на актуелната власт и за завршување на сите започнати предмети и нови истраги за злоделата на претходната власт со предлог на нов закон со ригорозни казни за секое попречување на правдата, би било најголемото граѓанско помирување и смирување на подолг рок. Тоа би го означило отворањето на вратите на ЕУ за преговори уште наредниот месец.

Сите што мудруваат и што филозофираат на тема затворање на Специјалното обвинителство приопштувајќи го тоа како правни авторитети и борци за владеење на правото, а притоа се служат со немушт и неразбирлив јазик поентирајќи со изминати рокови за покренување на истраги на СЈО, за недостиг на докази, за пречекорувања на овластувања на обвинителите, за политичка пресметка и прогон – сè се тоа следбеници на криминалните структури во властите и центрите на моќ, било сегашни, било претходни. Затоа секое изустување на зборот помирување на сметка на правдата е вистинската легитимација кој каде припаѓа и кој и зошто бара помирување.

Додека врвот на ВМРО-ДПМНЕ не се извини за своите злодела и не го прифати непреченото работење на Специјалното обвинителство со поддршка на независноста на судството, не е можно помирување. А, доколку другите политички партии и лидери прифатат вакво помирување, ќе нема и држава. Тоа всушност и го заговараат пребројувачите на гласови по етничка основа, застрашувајќи со поделба на земјата цртајќи ја црвено-сината постизборна карта. Премолчуваат дека и на двете страни се најмногубројни македонските гласови кои сакаат да бидат само на една страна. Ете, со тоа би почнал распадот на Македонија, со новиот фашизам кој Умберто Еко го откри пред 20 години.