Кога еуфоријата ќе премине некои граници


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Пропагандистичките политички пораки на коментаторот на МТВ на крајот на мечот го преминаа прагот на спортот и без потреба го вметнаа големиот успех на фудбалерите во сферата на злоупотреба

 

Кога Дарко Панчев коментираше заедно со прославениот Златко Калински натпревари oд Светското првенство во фудбал во Бразил 2014 година кажа нешто што на многумина им изгледаше како внимателна скромност. Панчев тогаш, парафразирано, рече вака: „Морате да сфатите, фудбалот е само игра, забава. Точно, во него се вртат огромни пари. Кога се работи за репрезентацијата, тоа е работа на национална гордост, кога се во прашање клубовите, тоа работа на престиж, но суштината на фудбалот е дека тоа е игра – денеска победуваш, утре губиш, животот си оди понатаму до следниот меч“.

Македонската фудбалска репрезентација во Тбилиси оствари таков успех кој секогаш изгледаше само како сон и желба што никогаш нема да се оствари. Пласманот на Европско првенство е спортски подвиг на којшто досега му нема рамен. Заборавете на европските и светските првенства во ракомет или кошаркарските успеси на репрезентацијата. Во глобалниот спорт фудбалот покрива сѐ. Нему ништо не му е ни одблиску рамно. Големиот фудбалски успех мобилизира цели нации, може да ги однесе во несфатлива тага и долго спортско жалење. Прашајте ги Холанѓаните дали и денес може да го преболат оној пораз од Западна Германија во финалето на Светското првенство 1974 во Минхен, кога се чинеше дека на Кројф, Нескенс, Резенбринк, Крол, Сурбие… никој не може да им застане на патот, но Брајтнер, Милер и Бекенбауер мислеа поинаку. Холаѓаните уште со копнеж се сеќаваат на тоа финале, но тоа никогаш не беше претставено како битка да се биде или не во пресметката со големиот сосед (без оглед на историските наследства).

Малите нации, како македонската, учеството на големите фудбалски натпреварувања го сметаат како важен чекор во етаблирањето на светската спортска сцена, а преку неа и на мапата на државите. Затоа и победата над Грузија на нејзин терен е извонредно важен за духот на нацијата. Некаде во април идната година ќе почне собирањето на сликичките од фудбалерите на земјите учесници на Европското првенство, па стотици илјади луѓе, од деца до пензионери, ќе бидат неверојатно среќни кога во албумот ќе ги лепат ликовите на Пандев, Адеми, Барди, Несторовски, Елмас, Ристевски…

Но она што го слушнавме на крајот од преносот на МТВ премина некои граници, дури и кога е во прашање еуфоријата. Тоа допре многу точки во кои успехот на фудбалерите (а не на општеството) се поистовети на лажен начин со политичките моменти и му даде конотација на фудбалот којашто не би требало да ја има. Носењето на фудбалот во сферата на политиката е опасно минско поле, а еден новинар, па макар бил и спортски коментатор, тоа треба на многу умешен начин да го избегне.

Едниот од коментаторите, кој уште во најавата пред фудбалерите да излезат на теренот, мечот го претстави како да е Битката кај Термопилите, без причина влезе во политиката, врзувајќи ја спортската игра (како што фудбалот го оквалификува Панчев) со некаква надмоќност на македонската нација врз некои други. Иако да не беше системот на натпреварување преку кој УЕФА со Лигата на нации обезбеди едно место на првенството на фудбалските земји кои се на дното по силина на континентот, ние веројатно ќе поминевме уште многу циклуси додека се избориме за настап на врвно екипно натпреварување. Ако воопшто дојде до тоа преку регуларен систем на квалификации.

Овој коментатор го кажа ова:

„Радувај се Македонијо. Европско првенство во фудбал… Македонија оди на Европско првенство во овој период кога ни оспоруваат и име, и презиме, и нација, и ген. Еве нѐ во Европа, еве нѐ таму, меѓу сите. Тие што ги описменивме ќе нѐ дочекаат наредниот јуни. Ќе ја поздрават нашата репрезентација, ќе стојат мирно на нашата химна. Ова е порака од сите, православни христијани, Македонци Албанци Турци што играат за оваа репрезентација, дека нашата држава треба да ја чуваат тие што ја водат. И едните, и другите, и третите, и четвртите. Ова е голема победа за Македонија, ова е победа за радост на душата и да цитирам зборови од нашата поезија: ‘Сега душата се радува зашто има зошто душа да е’. Оваа Македонија ќе живее, ќе живее уште“.

Во еуфоријата некогаш се кажуваат работи кои во други прилики веројатно се премолчуваат. Но еден новинар, особено од државниот радиодифузен сервис, треба малку повеќе да внимава на зборовите кога коментира спортски натпревар. Кого ние описменивме и кој на каков начин ќе ги пречека фудбалерите во Букурешт идниот јуни? Домаќините – Романците. Или украинските фудбалери? Или фудбалерите на Холандија кога ќе играме со нив на стадионот во Амстердам.

Некои од навивачите може и да викаат „Никогаш северна, само Македонија“ за време на славјето на скопските улици, но новинарите од државниот сервис не можат да бидат дел од оваа атмосфера, освен ако сами не сакаат да се впуштат во пропагандистички пораки. Во МТВ има уреднички тим, тој треба да ја води уредувачката политика и спортскиот успех да го смести на спортското поле, потоа во рамките на спортскиот успех на државата, во рамките на големото достигнување на фудбалерите. А не еден навистина неверојатен спортски успех да премине во политичка платформа и во „патриотско“ кокетирање. И најпосле, за овој успех најзаслужни се фудбалерите и нивниот тренер. Ние само може да се радуваме на нивните успеси, а не да им додаваме политички бензин. Затоа што тоа не само што е апсолутно непотребно, туку и апсолутно неумесно.