Казни за статистика


Да не се погодеше министерот за внатрешни работи да биде присутен во четвртокот на јавен настан, веројатно никогаш немаше да дознаеме дека едниот од загинатите во сообраќајната несреќа кај Драчево и тоа како ѝ бил познат на полицијата. Иако со неполни 21 година, момчето од Батинци дури шеснаесет пати влегол во белешките на полицијата од почетокот на годината. И тоа секогаш за иста работа: брзо возење. Новата и проширена сообраќајница од Кисела Вода кон Драчево и Батинци била како писта. И натаму е, иако само за еден месец на речиси исто место настрадаа седум животи.

Таквата информација бара да биде проверена оти звучи нестварно. Како е можно некој, кој и да е, дури 16 пати да биде казнуван за брзо возење за само пет и пол месеци и пак спокојно да управува зад воланот? Има ли државава полиција и судство, други надлежни институции? Како изгледа кога ќе те казнат за брзо возење? Ти ја одземаат возачката, те повикуваат во станица, чекаш покана од Судот за прекршоци, плаќаш казна? А за сето време слободно си возиш?

Каде е тука системот за казни, кога очигледно во вакви случаи не функционира превенцијата? Зарем е можно дека не можеме да се справиме со возачи што со своето неконтролирано однесување се опасност за себеси, но уште побитно, и за другите учесници во сообраќајот?

Пред неколку години, државата се обиде да воведе ред во сообраќајот со ригорозни казни, кои изнесуваа по неколку стотини евра за разни прекршувања. Истите казни и денеска важат, иако имаше барања сумите да се преполоват. Токму вчера, Министерството за внатрешни работи извести дека само во Скопје за едно деноноќие биле напишани 400 казни за сообраќајни прекршоци, при што 125 за пребрзо возење. Тешко дека ќе има корист од нив, прашање е дали казнетите ќе ги платат глобите, дали воопшто некогаш ќе стигнат на суд и дали, на крајот на краиштата, ќе сфатат дека погрешиле и ќе се покајат, давајќи сè од себе за да не го повторат истото?

Минатата година, нашите северни соседи се одлучија на драстични измени, поточно казни во Законот за сообраќај. Меѓу другото, пречекорувањето брзина во населено место со повеќе од 90 километри на час или надвор од населено место за 100 километри на час се смета за насилничко возење. За овие прекршоци е предвидена затворска казна од 30 до 60 дена, 15 казнени поени и девет месеци забрана за управување со возило. Брзото возење е како пример, полошо ќе поминат оние што возеле под дејство на алкохол.

Кога веќе процесите не можат да се случат по природен пат, можеби треба да размислуваме за драстични казни. Додуша, познавајќи го нашиот менталитет, веројатно и тука ќе наоѓаме „криви дрини“.

Вака ќе биде сè додека не сфатиме дека на местото на загинатите во Драчево, на спротивната страна од возачот престапник, можеше да бидеме ние или некој од нашите најблиски. Несреќите не им се случуваат само на непознати.

Горан Адамовски