Канаѓанка убиена во пукање кај пирамидите во Теотиуакан, Мексико
Една Канаѓанка е убиена, а најмалку 13 други странски посетители се повредени откако вооружен маж отворил оган во археолошкиот локалитет Теотиуакан во Мексико, соопштија синоќа локалните власти.
Пукањето во една од најважните туристички атракции во Мексико, на околу еден час северно од главниот град, се случува само неколку недели пред земјата да биде еден од домаќините на Светското првенство во фудбал.
Вооружен маж отворил оган од причини кои остануваат нејасни, пред да си го одземе сопствениот живот, соопштија мексиканските безбедносни власти, пренесе ДПА.
– Она што се случи денес во Теотиуакан длабоко нè боли – напиша претседателката Клаудија Шејнбаум на X.
Таа изрази солидарност со настраданите и нивните семејства. Мексиканската влада е во контакт со канадската амбасада, додаде Шејнбаум.
Според безбедносниот кабинет на Мексико, повредени се туристи од Колумбија, Канада, Русија, Бразил и САД, од кои седуммина со огнено оружје. Останатите се здобиле со повреди при падови. Меѓу ранетите од огнено оружје се и шестгодишно дете од Колумбија и 13-годишно девојче од Бразил.
Теотиуакан е еден од најзначајните археолошки локалитети во Мексико. Таму се наоѓаат Пирамидата на Сонцето, Пирамидата на Месечината и Храмот на Пердувестиот Змеј. Видео објавено на X наводно го прикажува напаѓачот како пука од Пирамидата на Месечината.
Ова пукање е редок чин на насилство во овој инаку мирен антички град и доаѓа непосредно пред Светското првенство, на кое Мексико, Канада и САД се заеднички домаќини во јуни и јули.
На својот врв во 5-от и 6-от век, Теотиуакан бил најважната метропола во Мезоамерика и еден од најголемите градови во светот. Локалитетот е прогласен за светско наследство на УНЕСКО во 1987 година.