Какво наследство остави зад себе Владо Јаневски?


Во исчекување на отварање на тестаментот од страна на овластениот адвокат на поп-ѕвездата Владо Јаневски, по 40 дена од неговата ненадејна смрт , по кратко боледување на 28 јуни, на 65 години, јавноста се прашува што ќе се случи со музичкото наследство на еден од највлијателните македонски музички автори и изведувачи, кој со своето богато творештво остави неизбришлива трага во современата македонска музика.

Иако Јаневски зад себе остави само шест студиски албуми, од постар датум, речиси секоја негова песна  стана препознатлив хит, што го направи еден од најзначајните кантавтори и пејачи. Да ги спомнеме „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ и многу други. Не постои официјален број на сите негови снимени песни, но неговиот репертоар опфаќа повеќе од 100 авторски и изведени песни. Албумите се „Парче душа“ (1993), „Се најдобро“, 1996, „Далеку е небото“, 1996, „Има нешто посилно од се“, 2002, „Ваков или таков“, (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“, 2006. Тој беше првиот македонски претставник на Евровизија со песната „Не зори зоро“ во 1998.

На крајот од 2023 и почетокот на 2024, Јаневски одржа пет концерти во Филхармонија со наслов „Златни години – Најдоброто од Владо Јаневски“, со кои прослави 30 години кариера. Две години по ред, во 2024 и во 2025 тој го наполни Античкиот театар во Охрид.

Последниот настап за кој објави на социјалните мрежи е од март, кога ѝ беше гостин на хрватската пејачка Весна Писаровиќ на нејзиниот концерт во Македонска филхармонија. Јаневски одржа заеднички концерт со Момчило Бајагиќ-Бајага на 14 февруари во Скопје, а две недели потоа настапи на „Златна бубамара на популарноста“.

Што ќе се случи со новите песни на Јаневски, кои не беа собрани на албум, но исто така, често изведувани и слушани? Како еден од најзначајните текстописци, особено на моќни балади, за својот живот не објавил стихозбирка со своите текстови, и дали неговите песни ќе се снимаат на винил, кој повторно се враќа во мода?

Копров за Владо Јаневски: Најсилна страна му беа текстовите

Јаневски беше и еден од неколкуте македонски уметници кои Владата на Никола Груевски ги прогласи за амбасадори на културата. Беше симболично назначен за македонски амбасадор на културата во Хрватска, каде снимаше песни. Покрај Јаневски, уште осум други добија ваква титула. Режисерите Милчо Манчевски во САД и Иво Трајков во Чешката Република, пијанистка Елена Мисиркова во Австрија, професорката по пијано Снежана Пановска во Малезија, тенорот Благој Нацоски во Италија, Зафир Хаџиманов во Србија, Иван Поповски во Русија и Горан Стефановски во Велика Британија.

Како автор и човек, Јаневски беше контраверзна фигура, со тесен круг на пријатели, отуѓен од најблиското семејство, ја спомнуваше само мајка си (која почина во старечки дом), со приватен живот кој го криеше далеку од очите на јавноста. Во неговите интервјуа често велеше дека музиката, книгите и филмовите се негово уточиште, како и скијањето, далеку од дома, на престижни зимски дестинации. На крај дознавме дека скопската адреса ја замени со таа во Гевгелија,  откако ја продаде семејната куќа во Чаир по смртта на мајка си.

„Ваков или таков“, споменот на Владо Јаневски ќе живее преку неговите песни, кои засекогаш ќе останат дел од македонската културна меморија.