Почина поп-иконата Бони Тајлер (75), препознатлива по моќниот, рапав глас


Фаро – Почина поп-иконата од 80-тите, со моќен, рапав глас, најпозната по хитовите „Total Eclipse of the Heart“, „Holding Out for a Hero“ и „It’s a Heartache“. Имаше 75 години. Веста беше објавена на нејзината официјална веб-страница.

Велшката поп-ѕвезда, чие вистинско име е Гејнор Хопкинс, почина само неколку месеци откако беше лекувана на интензивна нега, каде што беше ставена во индуцирана кома по итна операција на цревата, пренесе ДПА.

Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на пејачката, нејзиното семејство наведе: „Семејството и тимот на Бони со скршени срца објавуваат дека Бони неочекувано почина синоќа во болница во Португалија, како резултат на болеста од која се лекуваше. Во текот на денот ќе излеземе со дополнително соопштение, но засега бараме приватност за да се соочиме со оваа трагедија“.

Во мај беше објавено дека пејачката била пренесена во болница во близина на нејзиниот дом во Фаро поради итна операција.

Тајлер летово требаше да настапи на фестивалот „Саншајн“ (Sunshine Festival) во Ворчестер, како и на неколку други европски локации, а имаше закажано и настап во арената „Утилита“ (Utilita Arena) во Кардиф за 17 декември. 

Од велшки клубови до глобална слава

Бони Тајлер е родена како Гејнор Хопкинс и пораснала во стан во Нит. Таа била откриена во клуб во Свонси од страна на талент-истражувачот Роџер Бел, а нејзиниот прв сингл, „Lost in France“, бил издаден во 1977 година.

Истата година таа ја издала кантри-поп баладата „It’s a Heartache“, која достигнала четврто место на британската топ-листа и трето место на американската Billboard Hot 100, обезбедувајќи ѝ глобално признание.

Песната што го освои светот
Нејзиниот најголем хит, рок-баладата „Total Eclipse of the Heart“, пристигнала шест години подоцна, во 1983 година, и се искачила на врвот на топ-листите од двете страни на Атлантикот. Драматичната песна ја напишал Џим Стајнман, кој напишал хитови за Meat Loaf, и првично се викала „Vampires in Love“ бидејќи била наменета за мјузиклот Nosferatu.

„Никогаш не се заморувам да ја пеам“, изјави таа неодамна за BBC. „Ја обожавам бидејќи публиката едвај чека да ја чуе и да пее со мене.“

Песната ѝ донесе номинација за Греми, а беше номинирана и за албумот „Faster Than the Speed ​​of Night“ и синглот „Here She Comes“.

Стајнман напиша и уште една одлична поп-рок химна од 80-тите, страсната и бомбастична „Holding Out for a Hero“, снимена за филмот  „Футлуз“ и подоцна искористена во анимираниот филм „Shrek 2“.

Активна до последните години
Тајлер го претставуваше Обединетото Кралство на Евровизија во 2013 година, во Малме, Шведска, каде што се најде на 19-то место. Во 2023 година, таа беше наградена со Орден на Британската империја (MBE) за нејзините заслуги во музиката.

Минатата година, таа објави клубска верзија на нејзиниот најголем хит „Together“, во соработка со Дејвид Гета и Хајпатон, а оваа година оригиналната песна надмина една милијарда преслушувања на Spotify, 43 години по нејзиното објавување.

„Многу сум среќна за тоа, особено кога ќе се земе предвид дека има нешто повеќе од осум милијарди луѓе во светот“, рече таа за достигнувањето.

Пејачката ја изведе својата соодветно насловена песна на карипски крузер во 2017 година за време на затемнување на сонцето кое беше видливо над Соединетите Американски Држави. Таа го остави зад себе сопругот, Роберт Саливан, со кого беше во брак повеќе од 50 години.