Каде оди Европа?


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ 

Во изминативе неколку дена, во сите 28 земји членки на Европската Унија, сосе Велика Британија, се одржаа редовните избори за Европскиот парламент. Главните гласања беа во неделата, кога се одржаа изборите во мнозинството ЕУ-држави. Изборите беа исчекувани со релативно голема неизвесност, во однос на тоа што ќе кажат гласачите, односно во кој правец ќе (треба да) се придвижи Европа. Едно од поголемите стравувања беше од напливот на национализам во некои земји членки и подемот на крајната десница, особено за прашањето на миграцијата. Иако може да се каже дека поголем дел од резултатите излегоа во рамките на очекувањата, сепак имаше и некои изненадувања, а секако некои работи прилично ќе ја „размрдаат“ досегашната бриселска администрација.

Првото, ем релативно големо изненадување беше самиот одѕив на гласачите. Со нешто над 50 отсто излезност, ова беше првпат да се запре трендот на постојано намалување на одѕивот, од првите ЕУ-избори во 1979 година (над 65 отсто), до минатите избори во 2014 година (околу 42 отсто). Покрај битното зголемување во однос на претходните избори, за многу коментатори на европските прилики и политики, ова значи и нова надеж, запирање на апатијата и враќање на вербата на гласачите во потребата од учество и влијание на исходите на изборите. За некои, дополнителна вредност на оваа манифестација на граѓански ангажман е и тоа што очигледно за многумина „Брегзит“ (и тогашната апстиненција на 12 милиони гласачи) беше научена лекција – дека не е сè извесно и дека со неизлегување се оставаат решенијата во рацете на други, а посакуваното решение за мнозинството може да не биде избрано ако не излезат да гласаат доволно поддржувачи.

Второто изненадување, многу помало, беше битното намалување на бројот на пратеници на главните две групации: Европската народна партија (ЕПП), во која членуваат и водечките десничарски партии од поголемите земји членки, како ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел, но и проблематичните од поновите членки како партијата на Орбан од Унгарија (таму членува и нашата ВМРО-ДПМНЕ) и групата на Социјалисти и демократи (во која се британските лабуристи, но и „лошите“ владејачки социјалдемократи во Романија, а тука припаѓа и нашиот СДСМ). Според последните достапни резултати (сè уште не се конечни) ЕПП загуби 41 место во Парламентот (од 221 на 180), додека СиД и повеќе – 46 (од 191 на 145). Кај десничарите кои не се дел од ЕПП (како британските конзервативци) имаше загуба на уште 11 места (од 70 на 59 сега), а кај левичарите кои не се дел од СиД (како на пример, грчката Сириза) има намалување од 13 места (од 52 на 39). Значи, вкупната загуба на досегашните главни партии/блокови во ЕУ е 110 места, од кои на водечките две (и досега владејачки) групации дури 86 пратеници.

Што значи ова? Има два битни заклучока. Прво, дека иако има битно намалување на т.н. „мејнстрим“ партии, тие и натаму се најголеми политички групации и веројатно и натаму ќе бидат главните актери во креирањето и водењето на европските политики. Второ, за прв пат во 40 години, тие немаат мнозинство во Парламентот, па ќе мора да има и најмалку трет играч, а можеби и четврт, за да се формира мнозинство и да избере следната Комисија на ЕУ.

Третото изненадување е – каде отидоа тие места (загубените од главните партии)? Изненадувањето е што наспроти очекувањата главни добитници да се партиите на крајната десница и националистите, сепак голем дел од „новите пратеници“ се во редовите на либерал-демократите (плус 42) и Зелените (плус 19) или заедно 61 пратеник повеќе од досега. Со оглед дека и едните и другите се проевропски партии, и тука може да се изведат два битни заклучока: едната од овие групации (или двете) ќе учествува во формирањето на новата „влада“, односно парламентарно мнозинство и Комисијата (сега не е исклучено и  токму од нивните редови да биде новиот претседател, т.е. претседателка на Европската комисија) и поважното – дека сепак граѓаните на Европската унија се определија во големо мнозинство за досегашните политики на унија, заедништво, интеграција, солидарност.

Сепак, иако добија помалку од очекуваните (многу) нови пратенички места, значителен е растот на крајната десница, а во битни држави тие и победија: Марин Лепен (Националниот фронт) стана водечка партија во Франција, пред партијата на претседателот Емануел Макрон, националистичката Лига на вицепремиерот Матео Салвини е убедлив победник во Италија. Исто така, убедливи победи однесоа и партиите на Орбан во Унгарија и Качињски во Полска, кои иако формално се дел од умерената десница во праска се поблиски до крајната десница, а Орбан и најави можно прегрупирање во Европскиот парламент, алудирајќи за можно преминување на неговата партија Фидес партија во коалиција со Лепен и Салвини. Ако на тоа евентуално се придодаде и Качињски, можно е тие да станат една од најголемите, ако не и најголема групација во парламентот. Конечно, во оваа група спаѓа и победата на сосема новата (од јануари годинава) Брегзит партија на Најџел Фараж, кој ете иронично – иако беше и е главното лице на „Брегзитот“ пак си обезбеди место во Европскиот парламент и додека не излезе Велика Британија од Унијата (ако излезе), ќе биде на платниот список на истата таа Европа!

Не беше изненадување победата на Нова демократија во Грција наспроти владејачката Сириза на премиерот Ципрас, освен можеби поголемата разлика од очекуваната (иако отприлика толку и се прогнозираше подолго време). Поразот беше толкав што Ципрас веќе свика предвремени избори, а повеќето опозициски политичари и коментатори таму, побрзаа разликата да ја припишат на Преспанскиот договор, т.е. дека Ципрас со ова ја плати својата политичка цена за договорот.

На крај, што сето ова значи за нас. На некој начин треба да е добра вест, бидејќи и покрај смалената моќ на водечките проевропски партии, не е спорен исходот за „повеќе Европа“, што би требало да значи натамошна поддршка за проширувањето на ЕУ. Но, нема да е баш така розово, бидејќи кај добитниците во овие избори, кои веројатно ќе учествуваат во формирањето на новата Комисија заедно со старите играчи од ЕПП и СиД, проширувањето не беше високо на агендата (а кај повеќето и го немаше). Впрочем, проширувањето воопшто не беше битно присутно во кампањите и дебатите за овие европски избори (приоритетни теми беа: трговските војни, кризата во еврозоната, „Брегзит“, односите со Русија, тероризмот, климатските промени, па и дигитализацијата, пред миграцијата како една точка на поврзување со темата за проширувањето на Унијата). Во таа смисла, тешко може да се очекува нешто добро за нас во смисла на брз напредок во евроинтеграциите, но барем има малку надеж со останувањето на водечките места на силите кои и досега го поддржуваа проширувањето.