Израелската опозиција: Договорот меѓу САД и Иран е тежок пораз за Нетанјаху


Новиот договор меѓу САД и Иран предизвика силни политички реакции во Израел, при што опозициските лидери го обвинија премиерот Бенјамин Нетанјаху за тежок дипломатски и безбедносен неуспех и за меѓународна изолација на земјата.

Лидерот на израелската Демократска партија, Јаир Голан, упати остри критики кон владата, оценувајќи дека американско-иранскиот договор е „лош за Израел“.

Голан, поранешен заменик-началник на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), смета дека дипломатските отстапки на Вашингтон ги поткопаа придобивките што Израел ги постигна на терен.

– Огромните воени достигнувања остварени со храброста на нашите пилоти и со крвта на нашите борци се избришани, додека Нетанјаху стоеше настрана – слаб, болен, изолиран и без никакво влијание – изјави Голан.

Тој оцени дека договорот претставува кулминација на долгогодишниот неуспех на политиката на Нетанјаху.

– Човекот кој ветуваше ‘целосна победа’ го завршува својот мандат со посилни непријатели на Израел, послаб Израел и со одвраќање изградено врз крвта на нашите борци кое исчезнува пред нашите очи – рече Голан.

Договорот доаѓа во период кога Израел се соочува со една од најдлабоките внатрешни политички кризи во својата историја.

Според наводите, крајнодесничарските коалициски партнери на Нетанјаху, Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, се заканија дека ќе ја урнат владата и ќе побараат предвремени избори доколку Израел официјално ги прифати условите од Вашингтон што одат во прилог на Техеран.

Аналитичарите оценуваат дека фактот што Вашингтон постигна договор и покрај јавното противење на Тел Авив претставува јасен показател за сериозно заладување на односите меѓу американската администрација и Нетанјаху.

Израел сега се соочува со можноста самостојно да носи одлуки за евентуални превентивни напади врз иранските нуклеарни постројки, без директна поддршка од својот главен сојузник.