Изборните лекции


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Со завчерашната инаугурација на Стево Пендаровски се заокружија претседателските избори. Драмата од неизвесниот резултат во првиот круг не се преслика на вториот, каде што уште по првиот половина час од пребројувањето на гласовите беше јасно како ќе заврши. Драмата остана само за фудбалските терени во неделата што следеше. Веројатно сè е веќе кажано и напишано во однос на овие избори, па ми останува само да направам едно сумирање за крај на оваа тема.

Некои љубители на теориите на заговор (или, пак, подобри познавачи на политичките случувања од мене), ќе речеа – „сè си беше како што требаше да биде“. А и однесувањето на повеќето (или буквално сите) учесници во изборите им оди во прилог. Уште по првиот круг, Алијансата и Беса „прогласија победа во албанскиот блок“ со освоените речиси 80.000 гласа на кандидатот поддржан од нив, Блерим Река. Со оглед на тоа што тој (очекувано) испадна од трката во вториот круг, тие и не се трудеа нешто посебно во вториот круг (освен што не пропуштија и тие да го нагласат својот придонес во победата на Пендаровски) што, пак, му остави простор на ДУИ да се прогласи за клучен фактор во исходот на овие избори и „тасот на вагата“ заради кој резултатот претежна кон Пендаровски.

И ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа уште во првиот круг (иако и тогаш загуби за малку), а слична реторика задржа и по вториот круг (дека се партија/коалиција со најголем број освоени гласови на овие избори). Дополнително, се откажаа од сериозно оспорување на изборниот процес (иако даваа такви најави во првите изјави по завршувањето на гласањето во вториот круг), со што според конспиративците ја одиграа својата улога во овој процес и го легитимираа новиот претседател, а индиректно со тоа и се што таа политичка опција пропагираше, особено Преспанскиот договор и уставните измени, вклучително и промената на името.

Конечно, по своевидниот шок или нокдаун после првиот круг, му олесна и на СДСМ и на самиот претседателски кандидат Стево Пендаровски, па и тие, заслужено, прогласија победа на изборите.

Еден интересен фејсбук-статус, им се заблагодари дури и на бојкотирачите за нивниот придонес во ваквиот резултат… бидејќи да излезеа само околу 10.000 од нив на гласање и продуцираа неважечко ливче, ни победничкиот кандидат ќе немаше мнозинство од излезените гласачи.

И така, на крајот од оваа изборна приказна, сите ќе продолжат да си живеат среќни и весели… ако не до крајот на животот, барем до следните избори. За жал, како и обично, партиите брзо ќе заборават на значењата на гласовите во овие избори (дадени и недадени), па со оглед на тоа што „оваа битка заврши“, ќе се продолжи со секојдневното препукување со партиски соопштенија и терање на политиката како и до сега. Веројатно и извиканата „метла“ меѓу двата изборни круга ќе си остане во шпајзот и согласен сум со оние кои веќе прогласија дека ѝ помина употребната вредност. Би додал само дека не е најголем проблем КОЈ не си ги завршил работите, туку самото тоа што многу работи што треба(ше) да се прават не се направени… па само некоја смена (или поочекувано само рокада) на кадри, тешко дека ќе доведе до посакуваните ефекти во скоро време.

 

А секако дека има што да ги замисли партиите и во продолжение ќе се обидам да ги сумирам главните работи кои произлегоа од овие избори, вклучително и дел што веќе беа дебатирани (или заклучени) во други текстови и статуси во социјалните медиуми.

Мала излезеност. Иако во вториот круг излезеноста се поправи за околу пет процентни поени (46,7 отсто наспроти 41,7 отсто во првиот), таа е значително помала од сите досегашни избори (на претседателски избори секогаш била над 48 отсто, а најчесто над 50 отсто, додека на парламентарни најчесто над 60 отсто). За споредба, ако се можеби спорни претходните избори, на последните парламентарни во декември 2016 година, излезеноста беше речиси 67 отсто (или точно 1.191.864 гласачи) односно околу 350.000 гласачи повеќе отколку во вториот круг на овие избори и би рекол фрапантни 440.000 повеќе од првиот круг!

За мене, граѓаните со ова ја потврдуваат генерално малата доверба во партиите (20-25 отсто во анкетите) и искажуваат јасно незадоволство од начинот на кој се води политиката во државата и на кој функционираат партиите. Се чини дека е крајно време за темелни реформи во партиите, почнувајќи од нивните статути, кои ќе оневозможат „султанско“ дејствување, преку обновување до внатрепартиската демократија и дебати за стратегиите и важните прашања за државата, до кадровската политика базирана на способности (меритократно) и развивање на идните министри во рамките партијата (како вработени лица).

 

Албанците ги решија изборите. Колку и да се порачува сега да не се делат гласовите според етничката припадност (а патем, тие што го порачуваат тоа, пред вториот круг јавно прашуваа – за кого ќе гласаат Албанците), или дека е манипулација ова тврдење (се аргумент дека околу 120-те илјади гласови на етничките Албанци не се одлучувачки, кога за тој кандидат гласале и повеќе од 300 илјади етнички Македонци), сепак е јасно дека тука лежи разликата – во определеноста на тоа гласачко тело во над 90 отсто своите гласови да ги дадат за кандидатот Пендаровски. Останува сè уште мистерија (барем за мене) и дискутабилно прашање, колку од тие гласови во вториот круг се придонес на ДУИ, а колку на другите партии (вклучително и СДСМ).

 

Потврда на Преспанскиот договор. Да, но…! Ако претседателската трка беше главно во однос на најбитната разлика – односот на двајцата главни кандидати кон Преспанскиот договор, тогаш да – резултатот покажува мнозинска поддршка за договорот. Сепак, исто така е јасно дека договорот нема мнозинската поддршка кај мнозинската заедница – етничките Македонци. На овие избори ниту се потврди резултатот „за“ од референдумот (дури и со многу повеќе излезени граѓани) ниту, пак, се „покажаа“ во доволен број за оспорување на договорот оние (1,2 милиони) кои не излегоа на референдумот. Затоа, за мене, пораката од ваквиот исход е: да, договорот е тука за да остане, но треба многу внимателно да се спроведува за да заживее, со уважување на укажувањата од стручната јавност и од опозицијата, за секој понатамошен детаљ во следните договарања (историски аспекти, означување на споменици, именување на институциите и примената на придавката „македонски“, трговските марки, итн.). Зашто, нели, од фрустрирано малцинство, полошо е само да биде фрустрирано мнозинството.

 

Консензуалност… долг пат до таму. Неколку пати укажав дека е погрешна употребата на терминот „консензуален кандидат“, бидејќи консензуалност предвидува согласност на сите (или во поблаг случај – на сите релевантни) актери (партии) за некое решение (а тоа секако ги вклучува и најголемите опозициски партии – како што Грците направија со нивните црвени линии во спорот со името). Во случајов имавме само заеднички кандидат на две партии, а не консензуален. Дополнително, согласен сум со еден коментар кој аргументира дека „не поминал“ концептот за консензуалност (во етничка смисла), бидејќи во првиот круг, заедничкиот кандидат загубил кај Албанците, а во вториот – кај Македонците.

Би додал, дека всушност и не може да има консензуалност на директни избори (освен теоретски – баш сите битни партии да се договорат за еден кандидат, со што пак не би имале смисла такви избори), па време е сериозно да се преиспита потребата од директни избори за претседател на државата. Би било и усогласување со реалноста да се намалат ингеренциите на претседателот и тој/таа да се избира во Собранието, со двотретинско мнозинство, што пак води до потребата од консензус на сите битни партии и само така може да зборуваме за консензуален претседател!

 

Добри анкети. И овој пат не изостанаа критизерски и цинични коментари за точноста на анкетите, но фактите зборуваат дека овој пат беа прилично прецизни, а со минимални исклучоци, се покажа дека сите прогнози се во рамките на маргината на статистичка грешка. И досега најрелевантните агенции, „М-проспект“, ИПИС и „Рејтинг“, ја потврдија својата кредибилност, сите прогнозирајќи неизвесна трка, но и победа на Пендаровски, со помала предност во првиот и поголема во вториот круг. „М-проспект“ имаше и прилично добри проценки на излезеноста земајќи предвид контролно прашање за веројатноста на излегување (а не само прашувајќи дали испитаникот ќе излезе на изборите).

 

Имаше секако и други лекции, а за крај би ја повторил уште еднаш и констатацијата за сè уште длабоката поларизација во општеството и меѓу водечките партии. Како што и самиот претседател Пендаровски рече при инаугурацијата, тоа е еден од главните проблеми и негов приоритетен предизвик. Се надевам ќе се зафати темелно со таа задача, а верувам дека неговото галичко потекло (и вековните искуства на почит, толеранција, трпеливост, мудрост) ќе му е предност во справувањето со деликатните прашања и ситуации.