Изборите не се волшебно стапче


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Вонредни избори, секако, дека не се најсреќно решение по несреќниот исход за земјава на самитот во Брисел. Сепак, тоа решение стана неизбежно затоа што владата на Зоран Заев, откако ги крена до небо очекувањата за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, тешко ќе го издржеше притисокот од опозицијата која настрвена ја чекаше првата поголема сопка на евроатлантскиот пат, независно од сите оценки дека домашната задача е солидно сработена.
И беше очекувано дека целата одговорност за неуспехот во Брисел ќе падне врз Владата, со оглед на тоа што опозицијата, посебно ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите две години често „се штедеше“ себеси и собираше политички поени во моменти кога беше неопходен консензус за прашања од кои зависеа интеграциските процеси, почнувајќи од блокадите за распишување на референдумот за името, па до недонесувањето на законот за јавно обвинителство. Така и фијаското што Македонија го доживеа во Брисел, опозицијата го претстави како фијаско само за Владата, независно од тоа што евроатлантска интеграција е запишана како стратегиски приоритет на земјава уште од нејзиното осамостојување.
Можеби и неуспехот во Брисел беше вистинскиот повод за бесмислената прослава низ улиците во државава, по лидерската средба во неделата вечерта. Затоа што тешко е да се најде логика зошто некој би славел во октомври за избори што треба да се одржат половина година подоцна. А, со оглед на тоа што политичката почва во земјава е трусна и склона кон „земјотреси“, којзнае какви заплети, расплети и пресврти се можни до април в година и како сите наредни случувања ќе влијаат на позициите на главните политички актери во изборниот ринг.
Вистината е дека десеттите парламентарни избори, кои исто така ќе бидат вонредни – како и сите циклуси од 2008 година досега, сепак, нема да бидат толку брзи, како што ги најави претходно премиерот Зоран Заев и како што инсистираше опозицијата, уште пред да биде соопштен конечниот заклучок на Европскиот совет. Со заедничката одлука за избори кон средината на април, наместо кон крајот на декември, како што предложил Заев, тој добива уште два и пол месеци мандат на „Илинденска“ пред да го отстапи премиерското столче на некој од своите сопартијци. Или со други зборови, опозицијата која претходно толку се брзаше да излезе на избори му остави дополнителен маневарски простор на премиерот повикувајќи се на т.н. пржинска влада, за чие формирање, од друга страна, се предвидени рокови кои не се совпаѓаат со уставните термини за распишување предвремени избори – во период од 60 дена од распуштањето на парламентот.
Формално, вистинската изборна битка ќе почне не тогаш кога Заев ќе замине од премиерската функција, туку во моментот кога парламентот ќе се самораспушти, по што ќе бидат распишани и изборите. Од тој момент ќе почнат да течат изборните рокови и ќе стапат на сила забраните за предизборни вработувања и субвенционирања. Во суштина, пак, изборната арена е веќе отворена и тоа не од моментот кога стигна заклучокот на Европскиот совет за земјава, туку од моментот кога, без посебен повод, низ градовите и селата во државава тргнаа карваните на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа во период кога ќе беше понормално ако главните политички фактори, наместо да ја шпартаат државата, здружени ги насочеа своите потенцијали и енергии во лобирање и кроење стратегии како Македонија да исчекори во следното и многу повисоко ниво од процесот на европската интеграција, по речиси една и пол деценија престој на скалилото наречено „кандидатски статус“.
Претстојните избори, сами по себе, тешко дека ќе значат решение за моментно загрозените европски перспективи на државата. Дури ни единството што го манифестирале партиските лидери на средбата кај претседателот Стево Пендаровски за останување на европскиот пат не мора да значи ништо посебно – без реална, спроведлива и заедничка стратегија во насока на деблокада на процесите. За остварување на таа цел тешко дека може да помогнат политики од дневно-политичка природа, какви што се, на пример, ретроградните повици за поништување на Преспанскиот договор.
Оние политички фактори кои се искрени дека нема повлекување од европскиот колосек треба да ги завршат дебатите за Преспанскиот договор пред стартот на ова предизборие, со назнака дека овој документ, иако во овој момент не ни донесе датум за преговори, сепак, беше причина поради која нашата земја, по подолга пауза, се најде на масата на ЕУ, покрај тоа што ни го обезбеди влегувањето во НАТО и ги релаксира и интензивира односите на релација Скопје – Атина, што е и од регионално значење.
Овие избори не треба да се доживуваат како волшебно стапче што ќе ги избрише сите разочарувања поради пропуштената шанса за почеток на преговорите со ЕУ и преку ноќ ќе создаде нови шанси за враќање на земјава на мапата на проширувањето на Унијата. Од друга страна, токму овие избори би можеле да ја амортизираат веќе подолго време максимално наелектризираната политичка атмосфера во државата. Атмосфера во која човек може да се заборави и да помисли дека Заев и СДСМ да се на власт подолго од една деценија, а не само две и пол години. А тие две и пол години беа период во кој се решаваа и грешките и пропустите на претходните „станари“ на „Илинденска“ бр.2, се правеа и лични грешки, ама и се затвораа крупни прашања од доменот на надворешната и билатералната политика, за што, за разлика од порано, стигнуваа и логистика и признанија и од меѓународната заедница – барем до неодамнешниот европски самит.