Интервју со обвинителот Јовески: Знаеме како се обезбедени парите за „Рекет“


Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден, порачува републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за „Независен весник“. Тој открива некои детали за истрагата за најновиот случај „Рекет“, за сметките на бизнисменот сведок и за проширувањето на истрагата. Освен за истрагата, Јовески зборува и за тоа како треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство и го предлага истото што го предложи премиерот Зоран Заев во новиот предлог-закон за јавно обвинителство кој идната недела ќе влезе во Собрание. Тој ја уверува јавноста дека доколку предметите на СЈО се дадат во надлежност на Јавното обвинителство, ќе се гонат сите сторители за кои ќе се најдат докази

По отворањето на новата истрага за рекетот што го изнудувал сопственикот на телевизијата 1ТВ, главното прашање на јавноста е дали истрагата ќе биде проширена? Дали ќе опфати пратеници и обвинители, или можеби некои други личности?
-Да, истрагата ќе се прошири за сите инволвирани лица во конкретниот случај, како и за други кривични дела доколку во неа се дојде до такви докази. Во овој момент не може да се каже дали ќе бидат опфатени пратеници, обвинители или други личности. Постапуваме неселективно и делото ќе го истражиме и расветлиме целосно и сеопфатно. Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден.

Според информациите од Обвинителството, сведокот му дал на првоосомничениот 1,5 милион евра за да биде прекината истражната постапка против него. Тоа е огромна сума пари. Дали парите биле дадени во кеш и дали Обвинителството ќе истражува од кои сметки се влечени парите и како се стекнати?
-Парите се дадени во готовина во два наврата. Обвинителството уште во предистражната постапка ги утврди начинот и сметките од кои се обезбедени парите. За да не се наштети на постапката, други детали не би откривал. Но кога ќе бидат создадени услови, јавноста ќе биде запознаена со начинот на извршување на кривичните дела во овој предмет.

Една важна дилема е присутна во јавноста: сведокот дал 1,5 милиони евра за да биде прекината постапката, а со тоа го прекршил законот. Како може тој да не биде дел од одговорните за овој голем скандал, затоа што е јасна неговата намера со тие пари да поткупи обвинители?
-Во истрагата Обвинителството ќе истражува дали целта била да се поткупат обвинители или само да се искористи влијанието на првоосомничениот врз јавен обвинител. Лицето за кое прашувате е подносител на кривичната пријава и е сведок во овој предмет. Околностите што се земаат предвид согласно со законот се однесуваат само за овој предмет. Лицето за други кривични дела во други постапки може да се јави и во друго својство, зависно од инволвираноста и учеството што го имал во кривичноправните настани.
За да се стимулира откривањето на овие кривични дела, законодавецот предвидел олеснување на положбата на лицето, кое ќе го пријави кривичното дело, но повторувам само за тој кривичноправен настан. Овој кривичен предмет воопшто не влијае врз одговорноста на сведокот во предметот „Империја“, кој го води СЈО.

Сведокот е осомничен во еден од случаите на Специјалното јавно обвинителство „Империја“. Истрагата за ова дело е покрената по спорниот рок на СЈО. Дали редовното обвинителство е подготвено да ја преземе истрагата за овој случај и што ќе се случува со предметот?
-Јавното обвинителство, и покрај тоа што целосно не е екипирано и нема доволно материјални средства за работа, на што повеќе пати сум укажувал, има професионални капацитети и подготвени сме да се бориме со криминалот.
Предметот „Империја“ е оформен во СЈО и сè додека тоа обвинителство има надлежност врз него, ние не можеме да го преземеме. За да постапуваме по конкретниот и по други предмети на СЈО, тие треба да донесат одлука дека натаму не се надлежни за овие предмети и службено да ни ги предадат, или пак најсоодветно е во законот што е во постапка на носење да се разреши оваа состојба.
Ве уверувам дека доколку предметите се дадат во надлежност на Јавното обвинителство, во сите случаи каде што ќе биде утврдено извршување на кривично дело и за тоа ќе се обезбедат докази, неговите сторители ќе ги гониме.

Партиите преговараат, но не можат да го договорат статусот на Специјалното јавно обвинителство. Кое е Вашето мислење – дали ова обвинителство треба да опстои и без главната обвинителка, Катица Јанева и како треба да функционира понатаму ова обвинителство?
-Институциите треба да се изградат за да не зависи нивното работење од поединци и од промените во раководните функции. Принципите за постапување се предвидени во законот и тие не треба да се менуваат според промената на првите луѓе. Статусот на СЈО треба што поскоро да се реши. Сметам дека токму ова обвинителство докажа дека условите за работа, добрата опременост, доволниот број човечки ресурси, користењето на истражители се неопходни за вршење на јавнообвинителската професија.
Мој став е дека Специјалното јавно обвинителство треба да стане составен дел на јавно-обвинителската мрежа, а за новата надлежност во делот на високата корупција да се интегрира со Обвинителството за гонење на кривични дела од организираниот криминал и корупција, зачувувајќи ги неговите ресурси и самостојноста во предметите за кои беше основано.

Вие испративте до Собранието барање за автентично толкување на членот 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство и се чека мислење од Владата. Барањето е испратено уште во февруари. Дали имате информации до каде е процедурата? Дали сте се обратиле до Владата и Собранието за забрзување на овој процес?
-Во очекување сме Собранието да се произнесе по нашето барање, токму поради причините што веќе ги спомнав или да се донесе новиот Закон за јавното обвинителство. Времето изминува. За помалку од два месеца, доколку не се најде решение за организациската поставеност на СЈО, ќе се отворат и други посуштествени прашања. Се надевам дека законодавната власт ќе донесе соодветно решение во интерес на законитоста во постапувањето и сузбивањето на криминалот.

Бегството на поранешниот премиер беше удар за целиот безбедносен и правосуден систем. Истрагата за тоа како избегал Груевски може да поврати дел од таа загубена доверба. Може ли да ни кажете до каде е истрагата за тоа како избегал Груевски и кој му помогнал?
-Обвинителството собра повеќе материјални и вербални докази. За жал, до дел од доказите не можевме да дојдеме поради одговорот од страна на надлежните органи од Албанија. Се работи на предметот, но до овој момент нема конкретни докази за начинот на бегство на осудениот Груевски, ниту кој му помогнал во бегството. Постапката се води за да се утврди евентуална кривична одговорност на определени лица инволвирани во бегството. Пропустите во работењето на институциите не се во надлежност на Јавното обвинителство и секоја институција треба да ги утврди и да преземе мерки за нивно отстранување.

Дали добивте некои нови информации од Интерпол зошто не се објавува потерницата за Груевски за случајот „27 април“? Дали има пропуст во подготовката на оваа потерница и дали на некој начин Интерпол мисли дека Груевски избегал и добил азил поради политички причини?
-Официјален одговор нема, иако е побаран од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Од наша страна се преземени сите потребни дејствија согласно со меѓународната процедура и до тука се нашите ингеренции.

Јавноста има впечаток дека заедно со обвинителката Вилма Русковска дејствувате како тим. Колку ги координирате истрагите и колку Обвинителството за организиран криминал може да биде ефикасно и темелно во истрагите поради малиот број обвинители во него?
-Организациската поставеност на јавните обвинителства во државава, со исклучок на СЈО поради законските решенија, налага соработка и координација. Во постапките што ги водат, јавните обвинители се самостојни при носењето на одлуките. Но, целокупната јавнообвинителска организација ги вложува своето искуство и знаење во давање поддршка и меѓусебно координирано работење. Целта ни е заедничка – успешно да се бориме против криминалот и да ги гониме сторителите на кривичните дела. Токму ваквата поставеност ни овозможува спроведување на истрагите, дури и во ситуација како оваа во која сега се наоѓаат јавните обвинителства.
Не само во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, туку и во сите обвинителства, состојбата со ресурсите е алармантна и загрижувачка. Ова обвинителство, како и другите обвинителства, веќе подолго време работат со недоволен број јавни обвинители и недоволно стручно административни работници.

Проблемот не е само со Обвинителството за организиран криминал: на институцијата со која раководите ѝ недостигаат многу обвинители за да може функционално да работи. Што правите за да ја подобрите оваа состојба?
-Обвинителството веќе подолго време работи со недоволен број јавни обвинители и администрација. Има и јавни обвинителства во кои нема ниту еден јавен обвинител. Како, на пример, обвинителството во Крива Паланка. Таму по донесена одлука постапуваат јавните обвинители од кумановското обвинителство. Колегите вложуваат вонредни напори за да не се одразат овие состојби на квалитетот и на времетраењето на кривичната постапка.
За функционирање на обвинителствата, неопходни се 251 јавен обвинител, а во моментов, функцијата ја извршуваат само 176 обвинители.
Во поглед на администрацијата, со Правилникот за систематизација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, предвидени се вкупно 1.126 вработени. Во моментов, во јавните обвинителства се пополнети само 356 работни позиции, односно вработени лица, што е за 770 лица помалку од предвиденото. Во овие бројки не се влезени потребите на идните истражни центри за кои ќе бидат потребни нови вработувања.
Голем проблем се недоволната опременост, немањето основни услови за работа, службени возила, средства за исплаќање на стасаните финансиски обврски на јавните обвинителства кон други институции за извршени преводи, вештачења, обдукции итн.
Ние направивме повеќе чекори кон решавање на состојбите. Еден од предлозите беше создавање законска рамка во која можноста за именување во јавни обвинители би била таква што сегашните стручни соработници, кои имаат и по децениски стаж во јавните обвинителства, судовите, адвокатурата и се целосно упатени во работењето, да можат во скратена обука да се запишат на Академијата за судии и јавни обвинители. За жал, таквото законско решение сè уште не е донесено.
Во моментов во тек е постапка за прием на нови кандидати за јавни обвинители. На новите јавни обвинители може да сметаме дури по две-три години отсега, со оглед на траењето на обуката во Академијата.
Верувам дека реформите во правосудството нема да завршат само со законските измени и до крајот на годината, неопходно е надлежните институции да обезбедат средства за стручен и административен кадар. Не можам а да не ја истакнам и околноста дека преку ИПА-програмата работните простории на 11 обвинителства целосно се реновираат, а две од нив ќе продолжат да работат во целосно нови простории.

Вашата изјава за судијата што ја донесе пресудата за случајот со дивоградбите на новинарот Драган Павловиќ предизвика гнев во Кривичниот суд. Останувате ли на ставот за одговорноста на судијата?
-Изјавата не предизвика гнев кај судиите, како што нагласувате во прашањето. Петнаесетина години го јадев тешкиот судиски леб и раководев со еден од поголемите судови. Не ми е сеедно какви се состојбите во судството. И како поранешен судија и сега како обвинител, на крај памет не ми паѓа да коментирам судска одлука која сè уште не е правосилна. Во мојот став за ветингот, јас, посочувајќи го конкретниот предмет, не се раководев од тоа кои се странки во постапката. Всушност, овој предмет е во надлежност на СЈО, а не наш. Меѓутоа, како човек, како правник, не можам да премолчам постапки што белото го прават црно, и обратно. Предметите во кои принципот на слободна оценка на доказите се користи како апсолутна моќ за да се излезе надвор од законот треба да добијат гласност во јавноста и за нив не смеат да молчат судиите, стручната јавност и граѓаните. Ако се погледне образложението при јавното објавување на одлуката, сè е јасно.
Повеќе години наназад се урнисуваше правосудството. За тоа има повеќе причини, дел се поврзани со условите за работа, дел се поради немањето финансиски и човечки ресурси, но и поради мешањето на политиката во неговата работа. Меѓутоа, пресуден е личниот интегритет на секој судија или јавен обвинител. Затоа и се залагам за проверка на интегритетот на судската и јавнообвинителската фела. Од постапките и одлуките на вршителите на овие функции зависат човечки судбини. Секогаш ќе повикувам на отчетност и одговорност во нашето постапување. Оти стоењето на страната на правдата и на чесното постапување е императив за владеење на правото и тоа е нешто што треба да е наша одлика. Затоа ќе повторам, секоја одлука, која е производ на субјективни толкувања и на непрофесионалност, најостро ќе ја критикувам. Не смееме да бегаме од одговорност. Уште повеќе, отворено се залагам за воспоставување на законски основи и механизми за зајакнување на отчетноста и одговорноста во правосудството.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски