Инаугурацијата во сенка на отсутните


ЕРОЛ РИЗАОВ

Јавноста во Македонија треба да ја знае вистината зошто премиерот Зоран Заев, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова не беа присутни на инаугурацијата на првиот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Владата соопшти дека Заев зел четири слободни дена. Дали Мицкоски и Силјановска не добиле навистина покани да бидат присутни на свечениот чин не се обични и банални протоколарни прашања за забавните рубрики на медиумите и социјалните мрежи, кој беше присутен, а кој беше отсутен, кој како е облечен и исчешлан. Неоправданото и намерно отсуство, или спреченото присуство, сеедно, на спомнатите личности на положување заклетва на претседател на државата во Собранието мириса на срамен примитивизам и во секој случај не е добро за угледот на државата. Гостите од странство, високи државни функционери и дипломатскиот кор, присутните пратеници, го проследија свечениот чин на начин кој јасно укажува на значењето на настанот. Отсуството на некои од домаќините ја покажува незрелоста и темната страна на македонските состојби.
Не знам дали Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова ќе беа присутни на инаугурацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски, но мораа да добијат и официјални и лични покани. Мицкоски, како шеф на партијата и лидер на опозицијата, а Силјановска како противкандидат. А, премиерот Зоран Заев немаше поважна работа отколку да биде во Собранието во првиот ред на одреденото седиште. Видеопораката со честитки на Заев упатена до Пендаровски додека користи слободни денови е како оправдување на ученик кој избегал од час. Во случајот со Мицкоски и Силјановска власта си даде два автогола во финалето на Лигата на шампиони. При добиен натпревар, власта сама си заби голови во сопствената мрежа и им даде одлично оправдување на Мицкоски и на Силјаноска да не дојдат кај што немаше да дојдат и да имаа по три покани. Одбегнувањето да му се честита на победникот на изборите кои беа фер не остава простор да се верува дека ќе беа присутни кај што им е местото. Честитката на победникот на избори ќе беше признание за веродостојноста на изборите, а присуството на инаугурацијата е прифаќање на реалноста дека Пендаровски е претседател на Република Северна Македонија. Тоа би било премногу дури и за Давкова, а да не зборуваме за Мицкоски. На нивна голема радост недобивањето покани, ако е точно, ги спасува од оваа непријатност, да го одбегнат присуството на полагањето заклетва на новиот претседател. Во крајна линија, ако претседателот на партијата која го предложи и поддржа Стево Пендаровски користи слободни денови, зошто би биле во Собранието и Мицкоски и Силјаноска.
Почитувањето на државниот протокол во секоја пригода е многу повеќе отколку рутинска работа. Тоа е еден од најпрецизните аршини за мерење на нивото на државноста, тоа е дел од културата и односот кон татковината, тоа и работна и света обврска на сите кои се должни да бидат присутни на настани кои ја симболизираат државноста. Ако тоа до милиметар не е напишано во државниот протокол и ако не е спроведено до најситен детаљ, ќе добиете шарлатанска парада. Вакви сцени на импровизации и непочитување на државниот протокол се многу чести во Македонија. Последен пат тоа се случи при кревањето на знамето на НАТО пред Владата кога на некои јавни личности не им се допаѓало до кого треба да седат, па решиле да останат дома. Исто и при изведување на химната на истиот настан.
Протоколот при посетата на Папата Франциск беше извонреден на светско ниво, што не остана без пофалби и што нè прави горди, но истовремено укажува дека имало строги барања на Ватикан кои морало да се спроведат до точка и запирка без никакви отстапки. Но, кога се во прашање нашите балкански обичаи, инати и суети, нашиот однос кон државата и кон она што означува пишано и непишано правило на култура и воспитување да се испочитува до нијанса, што би се рекло до влакно, секој државен протокол за тоа да се разбере навистина треба да се сака татковината и да се биде патриот. Кај нас патриотизмот е извикана и извитоперена, дури оправдано и навредлива категорија, под која се подразбира само борба за власт и ограбување на сопствената држава и граѓани.
Да се надеваме дека оваа грда слика што ја приредија неоправдано отсутните личности на инаугурацијата на претседателот на државата ќе биде добар повод државниот протокол да биде прецизен, а во јавноста неговото кршење да означува голем непростлив срам.