Игри со судбини


ГОРАН АДАМОВСКИ

Кога во март 2016 година беше затворена т.н. „балканска рута“, над 40.000 мигранти од сиромашните африкански и азиски земји останаа заглавени на грчка територија. Преку ноќ стигна наредба од „горе“ дека портите кај Гевгелија веќе не смеат да бидат отворени за оние што без никаков документ и со еден куфер желби и сништа планираат да стигнат до богатите западноевропски земји, кои веќе примија онолку луѓе колку што им беа потребни.

Три години подоцна, веројатно ниту еден од четириесетината илјади мигранти веќе не е во Грција бидејќи тие изминатиов период сигурно си ја пробаа среќата по нелегален пат да стигнат до таму каде што наумиле. Ако имале среќа вдолж рутата полна со неизвесности и со искушенија, сега сигурно со мака ги следат случувањата со нивните „наследници“, а меѓу нив веројатно има и нивни сограѓани и роднини, кои го оставија своето вчера за да имаат утре. Мирно и пристојно.

Просто неверојатно е како се повторува историјата и случувањата во овие наши простори. Кога ги слушате сведочењата на илјадниците мигранти кои поитаа кон Солун во надеж дека ќе стигнат до Македонија, сфаќате дека ништо не се сменило ниту во свеста на тие несреќни луѓе, ниту во трговците со нивните судбини, ниту во политичарите.

Една „наивно“ лиферувана вест на социјалните мрежи дека јужната граница е отворена се претвори во стампедо во кое на очиглед на целиот свет, луѓето се третираат како предмети кои се забранети за пренесување преку граница.

И, сега само од себе се наметнува прашањето кој е тој што толку сурово си игра со човечките животи, им дава лажна надеж на кутрите луѓе, а на крајот, всушност, повторно и повторно ги разочарува, ги стиска до ѕидот и ги тера да се прашаат вреди ли сето тоа?

Не, не се тоа трговци со луѓе, тие немаат есап границите да бидат отворени макар на еден ден, затоа што тогаш што би работеле тие? Некој ќе рече дека претставниците на невладините организации од западноевропските земји го прават тоа од некои свои причини како што го направија тоа во еден од минатите походи кон Гевгелија што завршија трагично. Има логика и дека проблемот со мигранти секогаш се актуелизира кога треба политички да се поентира. Уште полошо, калваријата на мигрантите се користи како плашило, па и најтрагично, самите мигранти се користат како поим за страв и паника за населението кое ќе мора да се соочи со нив доколку власта покаже дека е неспособна и не успее да го одбие нападот.

Во тој контекст, самата власт не треба да се лепи на јадицата и да дава „смирувачки“ изјави дека државата е подготвена да се справи во нова бегалска криза каква што имавме пред неколку години. На тој начин, индиректно се подгрева атмосферата дека на земјава ќе ѝ се случи тој „проклет и опасен“ бран, ама, ете, можеме да спиеме мирно, затоа што државата ќе знае да се справи и нема да дозволи тие „валкани“ луѓе од некои си далечни земји да ни се приближат и да ни го крадат нашето парче земја.

Априлската епизода на походот кон јужната граница заврши неславно за стотиците мигранти, кои видоа – не видоа, почнаа да го напуштаат реонот околу Солун. Така беше многупати периодов, веројатно така ќе биде и во иднина.

Особено пред избори. Можеби е случајно, исто како и пожарите што уште во март ја запалија земјава. Задача на државата е адекватно да реагира во секоја ситуација, да превенира и да казнува. Тогаш ќе знаеме на што сме, кој, што и зошто го прави. И зошто притоа се користат измачените и напатени луѓе од којзнае каде.