И судбината на Македонија зависи од европските избори


НАНО РУЖИН

Во март 2012, една година пред приемот на Хрватска во Европската Унија, председателот на моќната француско-европска фондација “Робер Шуман“,  Жан Доминик Џулијани, се осврна со еден значаен текст кон идното проширување на Унијата. Тој порача “да се суспендираат новите проширувања се до реформите на Европската Унија“!. Притоа авторот ги таргетира позитивните ефекти на проширувањето, но потоа и верижниот ефект што го оцени како негативен бидејки  ја слабеело Европската Унија. Конкуренцијата, компетитивноста, монетарните политики, трговијата, земјоделството, индустријата, помошта за развитокот, даночната политика, одбраната, треба да бидат предмет на нови договарања на Европјаните, порача Џулијани.  Следната година, на 1 јули 2013, ЕУ се прошири за уште еден член. Хрватска стана 28-та членка , а дебатата околу приоритетите – интегрирање или проширување на ЕУ – се маргинализира.

Седум години подоцна во текот на  евро-изборната 2019, идентичниот наратив   го  разобличи  и  жителот на Елисејската палата,  председателот Емануел Макрон. Тој  од говорницата на  Европарламентот во Стразбур ги шокираше државите-аспиранти  од Западен Балкан кога порача дека “часот на новото проширување на Балканот сеуште не е дојден“ и дека приоритет на ЕУ се внатрешните реформи. Оваа стратешко политичка пируета на француската дипломатија беше во целосна дисторзија со позициите на Европската комисија. На каприциозниот  говор на Макрон реагираше председателот на ЕК,  Жан Клод Јункер кој заедно со канцеларката Ангела Меркел се заложи за продолжување на процесот на проширување на ЕУ  кон Западен Балкан. Неговиот аргумент беше дека  јазот  помеѓу Запад и Западен Балкан постојано се зголемува и ризикува да дегенерира. „Потребно е да се воспостават мостови помеѓу нас“, порача Јункер. Набљудувано од наша дмашна перспектива, на Европската комисија не можеме да и забележиме дека е индеферентна кон  РСМ и кон Балканот.

Впрочем,  Комисијата на ЕУ на 17 април лани им предложи на државите членки на  да ги отпочнат пристапните преговори годинава со  Северна Македонија и  Албанија.  Според изјавата на претставникот на европската дипломатија Федерика Могерини  “вратата на ЕУ е отворена, а Европската Комисија му предлага на Советот на ЕУ да ги отвори преговорите со Северна Македонија и Албанија“.

Според проценката на аналитичарите освен фактот што од  политички аспект одлуката била фундирана на евалуацијата на реализираниот прогрес на двете држави, согласно препораките од 2016 година, другиот битен момент бил од геостратешка природа. Еврократите стравуваат од свртувањето на Балканот кон Русија и Турција.  Затоа, според бриселските аналитичари, оваа одлука претставуваше  охрабрувачка порака за државите  за нивните реформски зафати, но и надеж за отпочнување на преговорите. Меѓутоа конечната одлука им останува на 28-те држави членки на ЕУ, кои ќе го проценат  остварениот напредок и ќе ја фрлат коцката, по изборите од 26 мај со конституирањето на  европските институции.

Она што во моментов ги преокупира аналитичарите од двете страни на Рајна е тивкиот судир меѓу Франција и Германија, каде се почесто наместо Ангела Меркел се појавува  новата шефица на Демохристијанската партија на Германија, Анегрет Крамп-Каренбауер или популарната АКК. Се добива впечаток дека од епилогот на француско-германскиот ривалитет зависи и проширувањето на ЕУ на Балканот независно што темите околу кои се кршат копјата на Бон и Париз се од сосема друга природа. Германската дипломатија настојува сесиите на Европскиот парламент во иднина да се одржуваат единствено во Брисел, ги одбиваат европските социјални покритија во случај на невработеност, одбиваат да се зголеми социјалната солидарност во покривањето на граѓаните од други држави, но затоа Германија настојува ЕУ да добие сопствено место во Советот за безбедност на ОН. Во одбраната Германија бара да се изгради единствен носач на авиони на ЕУ. Единствениот именител на барањата на АКК е : Да и се даде на Европа некогашната моќ на влијание наспроти Кина и САД. “Нашата Европа мора да стане посилна“, порачува Анегрет Крамп.

Идната силна дама на Германија е сугестивна и во поглед на идеите на Макрон во однос на реформите. Наместо тоа, таа предлага да се подобри просперитетот и благосостојбата на граѓаните. Во однос на потребата за заедничка миграциона политика и политика на азил и посигурни граници, таа го подржува францускиот председател.

Дали Макрон е повеке партнер или ривал на Германија? Ова прашање е интелигентно избегнато од страна на двојката Меркел – Крамп. Имено според Макрон, во европската кампања се води битка помеѓу “прогресистите“, на кои им припаѓа тој, со левите проевропски настроени партии и “популистите“ на чело со Орбан, Салвини и останатите од екстремната десница, кои се окарактеризирани како националисти и антиевропејци. Во поглед на ова прашање, Меркел-Крамп сметаат дека “централното прашање на овие европски избори не е одбрана на несовршеното статус-кво на Европа наспроти разурнувачите-популисти“, ниту прашањето “за или против Европа“, туку способноста на ЕУ да се соочи со идните предизвици. Дилемата е дали кога се тепаат слоновите може да настрада македонскиот тревник?

Макрон беше јасен дека за државите на Западен Балкан  предвидува посебно стратегиско досие и француско учество во реформите. Единствена дилема е дали тоа сака да го ефектуира паралелно со отварање на преговорите за членство или ќе чека најнапред да се видат првите резултати од неговата мисија, а потоа да отпочнат преговорите. Се добива чувство дека мнозинството е за првата варијанта и дека Макрон сепак, по изборите од 26 јули, ќе покаже поголем европски авторитет  и ќе и овозможи на Северна Македонија, сама или во пакет со  Албанија, да ги отпочне преговорите.