Громогласниот молк на „шарените“


ПЕТАР АРСОВСКИ

Мислам дека наместо политичариве да се чудат и да сомничат од каде сега се појавија претставниците на „Шарена револуција“, подобро да се запрашаат зошто ги немаше на гласање. Одговорот на ова прашање е важен најмногу зашто претставниците на „Шарената револуција“ се репрезент токму на оние гласачи кои менуваат влади и политички елити, па со тоа нивниот однос кон политичарите е индикативен за односот на неопределените гласачи кон политичката ситуација воопшто.

Имено, партиските јадра се фиксни, непроменливи категории, и тие ќе ја поддржат партиската линија без оглед на квалитетот на партискиот производ (наративот и кандидатите). Ако мериме по последните неколку изборни циклуси, тие партиски јадра се релативно блиски, изедначени. Но овие неопределени гласачи, т.н. swing (променливи) гласачи, се токму она мало јазиче на вагата кое во овој политички контекст одлучува за тоа која партија ќе победи. Парадоксално, иако овие гласачи носат најголем дел од одлуката, партиските штабови најчесто на нив им посветуваат најмалку внимание. Така, митинзите, рекламите и главните наративи се најчесто или наменети за сопствените партиски поддржувачи (кои се веќе секако добиени гласови), или за партиските опоненти (кои се веќе секако изгубени), а за овие неопределени (би ги нарекол критички) гласови, реално останува малку време во кампањата.

Кои се овие гласачи, што мислат и какви пораки им праќаат на политичките елити? Неопределени, односно критички гласачи, по дефиниција се гласачи кои немаат партиска, туку вредносна идеолошка матрица. Тоа значи дека тие гласаат за онаа партија или кандидат која во моментот на изборите ги застапува нивните вредности на начин кој е најблизок до нив. Така тие во еден период, согласно политичкиот „производ“ можат да изберат една партија или кандидат, а веќе на наредните избори да изберат друг(а), или доколку се незадоволни од вкупната политичка понуда, да останат дома. Партиите би сакале да мислат дека нема суштински критички гласови, зашто така е полесно. За победникот (оној кон кого тие гласачи се приклониле во моментот) полесно е да се заклучи дека се тоа трајни гласови кои би се претопиле во партиски верни гласачи, па така често ги запоставуваат после победата. За губитниците (од кого овие гласачи побегнале во дадениот момент) е полесно да ги претстават како инструмент на опозицијата или некои надворешни сили, како обид да избегнат искрена интроспекција за сопствените слабости. Така, критичките гласови (во случајов, „Шарената револуција“) ги третираме како инструментализирани гласови, но мислам дека последните резултати на претседателските избори покажуваат дека тие, сепак, не се партиски приклонети и претставуваат автентично критичко јадро. Овој заклучок, иако е можеби лоша вест за партиите, е добра вест за демократијата.

На пример, ниската излезеност и ниското ниво на поддршка за двајцата претседателски кандидати, покажуваат дека овие гласачи не се никому „во џеб“. Потоа, тие се добра индикација за тоа што мисли критичката јавност за понудите на повеќето партии, но и за правецот во кој треба да се движи нашето општество во иднина. Најпрво, наместо претседателските кандидати да се одвојат од своите партиски јадра, партиите целосно ги вшмукаа во својот наратив и со тоа двајцата фаворити изгубија значаен дел од критичката јавност. Фактот што кандидатот на СДСМ не доби голем дел од тие гласови е индикатор дека критичката јавност не е задоволна од начинот на практикување на власта и дека големите теми за НАТО и ЕУ не се доволни за да се задржи високото ниво на поддршка. Пораката е дека доколку не се направат суштински реформи за владеење на правото, за реформа на администрацијата и начинот на испораката на услугите кон граѓаните; ако не се поправи економијата и социјалната заштита, дека мантрата ЕУ/НАТО не е доволна и дека гласачите имаат малку трпение за „метлата“ која ја вети Заев. Со други зборови, не е доволно што компасот на власта покажува во добар правец ако не се движи во тој правец. Истовремено, ниското ниво на поддршка за опозицискиот кандидат е доказ дека „шарените“ мислат дека компасот на опозицијата сè уште не покажува во добар правец. Доколку опозицијата не направи суштинска интерна реформа, не го прифати новиот курс на државата и не стане повеќе прозападна а помалку албанофобична, ни тие не треба да се надеваат многу на гласови од неопределените гласачи.

Во албанскиот кампус пораките се уште посурови: ниското ниво на излезеност и одбивањето на досегашните политички елити се показател дека ДУИ е во сериозен проблем, но дека ни опозицијата не е многу прифатена. Мислам дека анализите кои тврдат дека албанските гласачи одбиваат заеднички кандидат и дека тоа значи пропаднат концепт на крос-етничка инклузивност и т.н. „консензуалност“ се преуранети. Мислам дека гласачите суштински немаат проблем со концептот на коалициски кандидат, туку со сумарниот квалитет на самата коалицијата. Истовремено, мислам дека и албанската опозиција, веќе во вториот круг на претседателските избори, ќе разбере дека е премногу рано гласовите за нивниот кандидат да ги книжат како свои партиски гласови и дека калкулациите со тие гласови за некои наредни политички маневри не се целисходни.

На крајот, поведението на сите партии после првиот круг покажува дека и тие како да ги примиле пораките од електоратот. Силјановска-Давкова одеднаш „многу е била“ приврзаник на ЕУ и НАТО, одеднаш Преспанскиот договор „ми ти бил“ правен факт, и слично. Пендаровски и СДСМ одеднаш промовираа „метла“, чистење и реформи на владејачката коалиција. ДУИ одеднаш ентузијасти за бројот на гласовите кои „ќе ги испорачале“ за вториот круг. Ќе видиме дали е тоа мантра за пред избори или суштинско разбирање за динамиката на потребите на политичкиот пазар.