Грција распиша повик за проект вреден над три милиони евра за заштита на Дојранското Езеро
Повик за поднесување предлог за проект под наслов „Оптимално управување со Дојранското Езеро“, со цел зајакнување на прекуграничната соработка и заштита на животната средина на Дојранското Езеро, вреден над три милиони евра, потпиша заменик-министерот за национална економија и финансии на Грција, Никос Папатанасис, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, повикот е во рамките на Програмата за соработка Interreg VI-A IPA за 2021 – 2027 меѓу двете соседни држави, а вкупниот буџет на повикот изнесува 3.071.591 евра.
Објаснија дека Децентрализираната администрација на грчките области Македонија и Тракија, како водечки партнер и Грчкиот центар за биотопи, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион од нашата земја „имаат за цел да развијат сеопфатна рамка за соработка меѓу надлежните институции на двете држави за заштита, мониторинг и одржливо управување со Дојранското Езеро.
– Предвидените активности имаат за цел да ја зајакнат соработката меѓу надлежните национални и локалните власти и, меѓу другото, вклучуваат: поддршка на планови за еколошко и хидролошко управување со регионот; активности за информирање и подигање на свест кај населението на брегот на езерото, со акцентот на учениците, земјоделците и другите локални групи; изработка и спроведување на целосни еколошки стратегии за Дојранското Езеро; создавање и развој на заеднички структури и процедури за управување; инсталирање фотоволтаичен систем во Северна Македонија со цел намалување на енергетските трошоци за работа на механизмот за дополнување на водите на езерото, набавка на специјализирана опрема и заедничко управување со клучните информации за животната средина, соопштија од грчкото Министерство.
Проектот е предвидено да трае 24 месеци од потпишувањето на договорот за финансирање, а со објавувањето на овој повик, според грчкото Министерство, целосно се активира вкупниот расположлив буџет на Програмата Interreg VI-A IPA меѓу двете земји за 2021 – 2027, во вкупен износ од 33 милиони евра.