Грција бара начин да го почитува новиот режим за влез, a да не ја блокира границата
Новиот систем за биометриска контрола на патници (ЕЕС), кој е во целосна функција на сите 99 гранични пунктови во Грција од октомври минатата година, предизвика сериозни застои и редици, вклучително и на преминот Евзони-Богородица. Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, денеска потврди дека Атина ќе ги користи сите расположливи алатки од европската регулатива за да се справи со притисокот на границите.
„Регулативата ЕЕС им дава различни алатки и можности на земјите-членки за справување со евентуални притисоци на граничните премини, а Грција ќе ја оценува состојбата и ќе ги презема соодветните мерки и за да го опслужува зголемениот број патници и да е во согласност со регулативата“, објасни портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Маринакис призна дека имплементацијата на системот создала предизвици не само во Грција, туку и во другите земји-членки на ЕУ. Главните проблеми произлегуваат од несоодветната објектна инфраструктура и недоволниот број вработени кои треба да ги опслужат патниците според новите, побавни процедури за регистрација.
Пред само две седмици, Унијата на полицајци од Килкис алармираше дека состојбата на граничните премини е „неприфатлива и срамна“ поради хаосот што го создава ЕЕ системот.