Градилиштето во Кисела Вода, каде што загина работник, не било заштитено
Со првата проверка на јамата, каде што се копаше за станбен објект во Кисела Вода во Скопје, беше јасно дека немало соодветна заштита од нагло лизгање на земјиштето. Таму вчера загина еден работник, а четворица беа повредени. Загинатиот има 34 години и е од Крива Паланка.
Ваквата состојба ја утврдил Државниот трудов инспекторат. Во понеделник ќе одат на втор увид, а очекуваат во вторник да ја добијат и документацијата од фирмата изведувач „Компанија Јакимовски“ и од инвеститорот „НАР инвестмент“.
На Инспекторатот не му беше тешко да заклучи дека немало преземено никакви мерки за заштитат, затоа што тоа можеше да се види од видеата и фотографиите снимени веднаш по трагичниот настан. Испекторатот зел изјави од повредените. Тие и загинатиот работник биле пријавени.
Градилиштето од вчера е затворено. Градежните работи не можат да продолжат додека не се утврдат мерки за заштита и безбедност на работниците.
За да се спречи натамошно лизгање на земјиштето и за да не настане штета врз соседните објекти, општинскиот градежен инспектор предложил итни мерки.
Тројцата повредени работници кои беа на трауматологија, се во стабилна состојба и се пуштени на домашно лиекување. Четвртиот е опериран и е добар.
Дозволата за изградба на станбено деловен објект на улицата „Козјак“ бр 4 е правосилна од 9 март годинава. Сопственик на фирмата која е инвеститор е поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски.