Господари на ракометот


САШКО Ѓ. ДИМОВСКИ

Вардар ја сними и втората сезона од ракометната серија бајки со наслов „Господари на Лигата на шампиони“. Враќањето на елитниот трофеј во Скопје ги крена граѓаните на нозе и ги држеше будни до доцна во ноќта. Песни, скандирања (на моменти и невкусни со политичка конотација и говор на омраза што треба да се сфатат како изолирани случаи), автомобилски сирени, димни факли, насмеани лица, позитивна енергија. Огромната маса луѓе не можеше да остане рамнодушна на новиот успех на „црвено-црните“, реши да го напушти домашниот амбиент, да влезе во патики и целосно да го наполни плоштадот „Македонија“ во чест и за поздрав на сега двократниот европски првак во ракомет. И никој притоа не негодуваше што улиците во централното градско подрачје беа затворени за сообраќај.

Спортот за огромното мнозинство одново се издигна над политиката и стана фактор за освежување и зближување. На централниот плоштад во престолнината имаше симпатизери на двете најголеми политички партии на македонската политичка сцена. Ги имаше илјадници. Меѓу нив и за Република Македонија, и за Република Северна Македонија, и за СДСМ, и за ВМРО-ДПМНЕ. Мотивите да направат слика како да се случува нова „бела ноќ“ беа од чиста човечка и спортска природа, од желба, од страст и од респект за неверојатните партии на момчињата во црвено-црно во Келн против моќната и скапа Барселона и опасниот и непредвидлив Веспрем.

Излезеноста не беше задолжителна. Не беа ветени сендвичи и ланч-пакети, немаше списоци за бележење на присутност, немаше ветувања за вработувања, немаше закани за отказ ако се остане дома. Излезеноста беше од срце и масовна, импулс што ја растрепери секоја искрена душа и на која може да позавиди секоја политичка партија што била власт или опозиција. На потег сега е власта која мора да изнајде начин и конкретно да помогне проектот да опстане како материјал за снимање на нови епизоди на романтичната спортска драма.

Вардаровите ракометари го заслужија секој децибел од грлата на фановите. Длабоко некаде во себе ги потиснаа сите проблеми со кои се соочуваа низ сезоната од финансиска и здравствена природа и единствено на што се насочија беше шампионскиот трофеј на ЕХФ. И, за чудо, успеаја во (не)возможната мисија во која на домашната и европската јавност ѝ покажаа дека не се обични платеници, туку играат од дното на срцето, за сопствената промоција, за промоција на клубот и на Македонија. „Џаба вам новци, моји синовци“ пее Ѓорѓе Балашевиќ во една од своите песни, што во случајот совршено одговара на беспарицата на „црвено-црните“ во однос на двоцифрените милионски буџети на Барселона, на Кјелце и на Веспрем, кои на крајот мора да ги отпоздрават и да се поклонат пред хероите на Роберто Гарсија Парондо.

Неверојатните настапи на Вардар во „Ланксес арена“ изгледаа обединувачки и во регионални рамки. Силна порака испрати и поранешниот вардаров тренер и македонски селектор Веселин Вујовиќ, кој од Белград упати коментар дека клубот треба да биде вметнат во државниот Устав како богатство што не смее да згасне. Не само што не треба туку и не смее оти бесплатниот национален маркетинг што го направи по вторпат во Келн е бесценет. Ракометарите заслужија да им се случи народ, а народот ги заслужува ракометот и спортот што емитуваат вибрации и сплотуваат како ретко што друго во општеството. Клубот ја доби втората шампионска ѕвездичка на логото на која, ако се суди според најавите на газда Сергеј, во иднина ќе атакува на нова, што наиде на експлозија од воодушевување меѓу навивачката армија.