Го сметаат за „национално богатство“. Дејвид Атенборо навршува 100 години
Дејвид Атенборо, највлијателниот човечки глас за природниот свет и автор чии документарци ги гледале стотици милиони луѓе, ќе го прослави својот 100-ти роденден во петок. По повеќе од 70 години снимање документарци, препознатливиот глас на Атенборо е синоним за раскажување приказни за природата, пренесе Хина.
И покрај неговата напредната возраст, тој продолжува да ги предводи напорите за животната средина и создал некои од своите највлијателни дела во последниве години. Меѓу обожавателите на Атенборо се британското кралско семејство, Барак Обама и поп-ѕвездата Били Ајлиш, а неговата харизма, хумор и топлина, заедно со неговото длабоко знаење и дарба за раскажување приказни, го направија телевизиска суперѕвезда.
„Вашата способност да ја пренесете убавината и ранливоста на нашата природна средина е ненадминлива“, му рече кралицата Елизабета II во 2019 година.
Филмовите на Атенборо ги донесоа и чудата и трагедиите на природниот свет на публиката ширум светот. Меѓу најпознатите сцени е средбата на Атенборо со две разиграни млади планински горили кои си играле со него за време на снимањето на култната серија „Живот на Земјата“ во 1979 година.
Нарацијата на Атенборо за „Осамениот Џорџ“, последната желка од островот Пинта што почина кратко потоа, ги трогна луѓето до солзи. „Тој има околу 80 години и зглобовите му се малку крцкави, како моите“, рече Атенборо, тогаш 86-годишен.
Џорџ почина во 2012 година, две недели по тоа снимање, со што неговиот вид исчезна. „Тој го привлече вниманието на светот кон кршливоста на нашата животна средина“, рече Атенборо.
Иако Атенборо често е на врвот на националните анкети за популарност, е прогласен за најпочитувана личност во Британија и најголема жива културна икона на Британија, пријателите велат дека тој превртува очи кога го нарекуваат „национално богатство“.
„Тој чувствува дека ѝ служи на јавноста. Мисли дека имал единствена можност да биде глас на природата, да им раскаже на сите за чудата на природата“, изјави за Ројтерс Мајк Гантон, телевизиски продуцент кој многу пати соработувал со Атенборо.
Неговиот блокбастер од 2017 година „Сина планета 2“, во кој тој предупреди за неволјата од пластика во океанот, беше еден од највисоко оценетите филмови на британската телевизија пред да биде дистрибуиран низ целиот свет.
Фактот дека албатросите несвесно ги хранат своите пилиња со пластика земена од океанот ја шокираше јавноста и ја поттикна британската влада и големите трговци на мало да објават мерки за намалување на употребата на пластика.
Во Британија, неговиот 100-ти роденден ќе биде одбележан со специјални емисии на Би-Би-Си, концерт во живо во Ројал Алберт Хол, настани во музеи, прошетки во природа и садење дрвја. Ќе биде прикажана и неговата нова серија „Тајната градина“. Атенборо останува вклучен во создавањето на програмата, велат колегите од Би-Би-Си, воден од постојана љубопитност и радост од раскажувањето приказни.
Роден на 8 мај 1926 година, Атенборо го поминал детството собирајќи фосили, инсекти и сушени морски коњчиња. Неговата кариера во Би-Би-Си започнала во 1954 година кога бил водител на емисијата „Zoo Quest“. Патувал во далечни краеви на светот и носел животни во лондонската зоолошка градина.
Станал познат по својата серија „Живот на Земјата“, која почнала да се емитува во 1979 година кога имал 52 години. Следеле десетици документарци, вклучувајќи ги „Сината планета“, „Замрзната планета“ и „Династии“. Како што минувале децениите, неговото чувство на итност да преземе акција само растело.
„Како можев да ги погледнам внуците во очи и да кажам дека знам што се случува со светот, а не сум направил ништо?“, рекол Атенборо.