Ги слушнавте ли пораките 


ЕРОЛ РИЗАОВ

Ете, се случи и тоа што го чекавме со години. Се одржаа веродостојни, фер и регуларни претседателски избори. Сè помина во најдобар ред, речиси без ниту еден посериозен инцидент или нарушување на избирачкиот процес. Македонија ги одбегна политичката криза, застојот во евроатлантските интеграции и економскиот развој.Петтиот претседател на државата е Стево Пендаровски избран на беспрекорно чисти избори.
Додека чекам Гордана Силјановска-Давкова да му ја честита победата на својот ривал Стево Пендаровски, а Христијан Мицкоски и Зоран Заев да се обратат до граѓаните и да ги соопштат своите следни чекори, првата помисла, која убеден сум ја споделувам со вас во иста мера, е дали овие по многу нешта пресудни избори за иднината на земјата ќе ги дадат очекуваните резултати и дали политичките лидери од власта и од опозицијата, претседателот на државата, пратениците и најодговорните личности во сите институции на системот, конечно и поголемиот дел од граѓаните ќе ги прифатат поуките и пораките кои се кристално јасни по двата круга претседателски избори. Се разбира, ВМРО-ДПМНЕ не би било тоа ако не направи иле и не ги оспорува резултатите, но на крајот ќе се задоволи и со добриот пораз како надежен за следните избори.
Прво, да ја симнеме од дневен ред папагалската флоскула за мала излезеност повторувана по инерција и од стручни луѓе. Излезеноста и во двата круга на изборите е голема, дури и масовна со над 65 отсто од присутните граѓани во државата. Ако се има предвид фактот дека 400.000 граѓани кои се запишани во избирачкиот список, а се отсутни оправдано, не живеат во земјата, тогаш егзактната наука кажува дека излезеноста е висока бидејќи традиционално покрај отсутните и од присутните во земјата, 20 до 30 отсто од граѓаните никогаш не гласаат. Да, едно време на големи победи на ВМРО во МВРО гласаа и тие кои не беа тука, гласаа и мртвите души, некој им ја правеше таа мрачна „услуга“.
Втората и најважна работа се пораките до политичките лидери од тие што гласаа, но и од тие што не гласаа. Што му порачаа граѓаните на Зоран Заев, на Владата и на градоначалниците и локалните власти на социјалдемократите и нивните коалициски партии. Кажано во три збора: ум во глава. Или, поразбирливо, чукнете ја главата. Забегавте од чалами и се успавте од тапкање по рамо. Големиот успех со деблокирање на патот кон Европа, колку и да е значаен, не е пресуден на домашната сцена. Дајте нешто поконкретно и побрзо. Прогласените мораториуми не се работа, туку неработа. Тоа е чиста загуба. Или градете или уривајте. Стоење во место е катастрофа, неодлучност и незнаење. Што работат 56 градоначалници и стотици советници по општините. Колку се тие виновни за мртвилото, а колку е виновна централната власт која ги заборави и општините и граѓаните.
Не се за споредување криминалот и корупцијата на претходната власт со сегашната, но не може да биде оправдување: ние помалку крадеме од претходниците, ние помалку ја злоупотребуваме власта, ние помалку вработуваме свои најблиски итн. Зоран Заев и СДСМ имаат само уште една и пол година да покажат на дело дека навистина ја разбрале пораката на граѓаните. Метлите и чистките не значат ништо ако се само за тоа да се смири незадоволството. Резултатите кои се очекуваат мора да бидат јасно видливи и опипливи и во делот на стандардот на граѓаните и квалитетот на живеење и во делот на пресметката со криминалот и корупцијата, пред сè во своите редови, во непреченото работење на целиот правосуден систем. Општ впечаток е дека во СДСМ заборавија од поодамна што е европска социјалдемократија. Мислам дека водачите на партијата абер немаат од оваа идеологија ниту, пак, нешто работат на тој план.
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да признаат дека седењето во опозиција значи макотрпна работа и дека не може да се вратат на власт само поради грешките на власта која само две години ја има најголемата одговорност за вкупните состојби во земјата. Сè додека јавно не ги признаат злоделата на 11-годишниот режим, грабежот, криминалите и не им се извинат на граѓаните и на жртвите од нивното тиранско владеење не можат да бараат да управуваат со државата. Додека ВМРО-ДПМНЕ и неговите највисоки партиски функционери ја попречуваат правдата и работата на судството и обвинителствата не можат да обвинуваат други за криминал и корупција, за непотизам и диктатура. Само некомпромитирани и чесни политичари на чело на оваа партија можат да дејствуваат уверливо опозициски и да ја вратат довербата. Кокетирањето со Никола Груевски и одењето кај него на поклонение, одржувањето на неговото влијание во партијата и прифаќањето на неговите директиви не оставаат простор за никаков напредок освен да се игра на националистичката карта, која го забетонира ВМРО-ДПМНЕ во анахроните партии од кои се оградуваат и десничарските и народни европски политички партии. Во ВМРО-ДПМНЕ уште не можат да разберат дека граѓаните Албанци и од другите етнички заедници се тие што ја спречуваат коалицијата со албанските и другите политички партии, а не раководствата на тие партии. Причината за тоа е националистичката и криминогена политика на врмровскиот врв.

Самоубиствен чин е да се коалицира денес со ВМРО-ДПМНЕ. Упорното оправдувањето на насилството во Собранието на 27 април, држењето под надзор на 20.000 граѓани со години, отсуството на осудата на личностите од партискиот врв кои ја доведоа и земјата и партијата во срамна позиција на заробена држава, се тешки баласти со кои не можат истите луѓе, или нивните директни наследници, да се вратат на власт. Тој тежок товар не може да се отстрани со тоа што ќе се истури во комшискиот двор.
Али Ахмети и ДУИ се исправени пред комплетен ремонт. Тој е можен само ако се смени зарибаниот мотор со нов. Да се замине непобеден од политичката сцена е вистинскиот чекор на Али Ахмети, да може партијата да се ослободи многу полесно и од своите „револуционери“ и првоборци кои одамна го потрошија капиталот од партизанството и ја компромитираа борбата за права и еднаквост.Другите албански партии уште се во период на борба за албански права, задоцнет и штетен романтизам, кој ги заслепува да не можат да ја видат големата идеја за демократизација и за европеизација на целото општество, каде што всушност се наоѓа сето тоа што го бараат детски наивно, сега и веднаш, со ултиматуми чекајќи да бидат јазиче на кантарот при поделба на власта. Формулата на Села – кога ако не сега – е погрешна. Таа треба да се замени со доследно остварување на бриселските поглавја. Таму е сè што бараат. Над тоа е одново нестабилност.
Ете, ова се највпечатливите први пораки од претседателските избори. Другите посуптилни нијанси ќе се покажат деновиве како виножито над Северна Македонија. Ќе можат сите да ги видат.