Фудбалско „Наше маало“

Сашко Ѓ. Димовски

Фудбалската репрезентација на Македонија нераскинливо потсетува на суштината на која се темелеше детската ТВ-серија „Наше маало“ од крајот на 20 и почетокот на 21 век. Сигурно се сеќавате на авантурите на Бени, Ице, Мали, Џелјан, Зана, Дарко, Филиз, ликови што беа дел од еден од најомилените и најуспешни проекти меѓу најмладата популација пред дваесетина и повеќе години. Во основата на телевизискиот производ со потпис на УСАИД беше промоција на соживот и меѓуетничко разбирање.

Фотографијата на која се Елиф (Елмас), Гоче (Пандев) и Џани (Алиоски) илустрира радост и заедништво во триумфот на Македонија над Летонија во квалификациите за Европското првенство во 2020 година, но и недвосмислено потсетува на „Наше маало“. Многу националности под едно знаме и химна, во ист дрес и во мисија што обединува – пласман на завршен фудбалски турнир. Сите обединети околу јубилејот на капитенот кој ужива почит во соблекувалната. Играчот на Фенербахче ги посвети двата гола за „батко Горан“, како што му се обраќа на Пандев, но и тој се става во функција на тимот. И покрај неколкуте настапи од клупата, Македонија во Елмас доби нов голем играч. Одигра неверојатен меч и според прикажаното, го натера и Пандев да каже дека националниот тим има нов лидер.

Покрај трите споменати ликови од фотографијата, дел од репрезентативната база се и: Даре, Буба, Аце, Нестор, Висар, Боби, Аријан, Тричко, Егзон, Енис, Шишко… под водство на Ангеловски, кој одлично ја вклопи средината и ги менаџира и негува различностите. Затоа националниот фудбалски тим е светла точка во длабоко поделеното општество по хоризонтала и вертикала од политички, религиозен и патриотски аспект. Националната арена во четвртокот наликуваше на зградата „Кармен“ од серијата и беше уживање да се присуствува на фудбалската претстава во отсуство на „комити“, „балисти“, „чкембари“ и „шверцери“ и нивните националистички испади, навреди, исвиркувања и понижувања кон момчињата во копачки.

Македонија покажа дека може и знае да игра фудбал и пред десетина илјади гледачи во мирна и достоинствена атмосфера, без тензии и набои. Оваа репрезентација покажа дека напредува од година во година, станува сè покомпактна и конечно, остава реална надеж дека е зрела за решавачки исчекор кон голем настан, кон европско или светско првенство. Без разлика, секако, дали ќе биде преку редовните квалификации или преку Лигата на нации. Свежата крв што ја подготви Благоја Милевски, а во сениорите ја инјектира Игор Ангеловски, дава резултати и побрзо од очекуваното. Барди ја „ора“ средината, импресивен е во менување на правци, како и при изведување на слободните удари. Заедно со неуморните Николов, Адеми и Спировски се бетонираа во средина на теренот, страничните позиции се затворени со Ристовски и Алиоски, централните во одбраната со Велкоски, Муслиу и Ристевски.

Нема неизвесна иднина и за голманската позиција. Моментно прв избор е Димитриевски, чија конкуренција се Шишковски и Илиев, додека нападот е резервиран за Пандев од заднина, Несторовски во шпицот, Тричковски, Трајковски по крила, но своја шанса трпеливо демне и Кире Маркоски.

Македонија успешно влезе во циклусот на квалификации за ЕП 2020. Со три гола запиша три бода и како ретко кога досега ќе патува како лидер во група на гостување. Летонија е архивирана, следна е Словенија. Ако можеше во изминатите две години, ако се можеше против велесили од рангот на Шпанија, на Италија, ако се мина Лигата на нации на доминантен начин како што се мина, може и во Љубљана. И не само в недела туку и во другите осум круга од фудбалското чистилиште до завршниот турнир до година.