Филипче: Само Европското обвинителство ќе ја врати вербата во правдата
Во интервју за телевизија Сител, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека само Европското обвинителство ќе ја врати вербата во правдата кај нас.
„Ние ќе го донесеме Европското обвинителство на кое што никој нема да може да му влијае. Гледајте како европската обвинителка до скоро беше активна и какви случаи расчистуваше во регионот. И само така ќе се врати довербата во судството. Нема никако поинаку да се врати довербата во судството. Не со еден човек, лидер или монарх, со систем. И ние за тоа се бориме, да го вратиме и да го етаблираме системот. Повеќе никој да не може да го демантира како тоа се прави со европските институции тука кај нас“, рече Филипче.
Тој нагласи дека вистинските реформи се темелат на професионалност, меритократија и контрола на трошењето на јавните средства.
„Тоа е можно само со луѓе професионалци, само со европска контрола на трошењето на парите. Целата моја енергија во изминатиот период ја трошам во креирање на политиките, што ќе ги презентираме на Конгресот во јуни, за да знаат граѓаните какви политики нудиме и ќе спроведуваме по добиената власт на следните избори, а тоа е – систем. Можности за младите, меритократија, недискриминација по партиска основа, да знаат дека тука имаат иднина луѓето. Не да си бараат карти во еден правец и да заминуваат во државата поради партизација. Еве, гледајте последен сегмент е партизирањето на образованието, каков закон се носи за образованието“, рече Филипче.
Според него, вистинската причина зошто ВМРО го блокира европскиот пат не се уставните измени, туку обидот на власта да избегне контрола врз институциите од страна на европско обвинителство.
„Не сакаат тука да дојде Европското обвинителство. Тоа не сака ВМРО, да има контрола на трошењето на парите, да има контрола на други системи, да има зајакнување на системот. Само брутална партизација и злоупотреба на институциите. Тоа е суштината. Нема никаков друг ризик“, рече Филипче.