Фанови, фанатици, фанатизам !


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Избори се! Изборната кампања започна официјално. Се отвори нова ловна сезона за душите и срцата на граѓаните. Или можеби подобро би било она што се случува да се спореди со отворање на нова шумска сеча! Од првите избори во 1991 година до денес, секој следен изборен циклус, партиите безмилосно ја сечеа секоја пројава на граѓанственост. Граѓаните се најчесто повикуваните фактори за време на изборните кампањи. Но, токму тие, а со нив и граѓанските институции најмногу страдаат.

Граѓанственоста како тема безмилосно се експлоатираше на сите досегашни избори и други политички активности. Многу често кандидатите својот имиџ на политичар го закитуваат со понекој симбол на граѓанственоста. Најчесто себеси се претставуваат како луѓе од народот, како обични граѓани, како граѓански, а не партиски кандидати, како граѓански движења и сл. Секако, во креирањето на својот политички имиџ кандидатите посегаат и по многу други трајни, примордијални општествени институции. На дело е проширување на проектот за деинституционализација на општествениот живот. Тројца научници (професори) сакаат да станат политичари (претседатели), а многумина политичари стануваат научници!

Граѓанственоста и другите општествените институции немаат приватен газда кој да наплати за нивното користење. Затоа тие се предмет на безмилосна експлоатација. Исто како што немилосрдно, заради приватни цели, ги експлоатираме воздухот, водите, езерата, шумите и другите природни јавни ресурси. Но, велат, денот за наплата на „гревовите“ неизбежно доаѓа. Тоа е точно не само според верските книги туку и според уставите – денот на изборите е ден за наплата на долговите. Од избори се плаши само оној што останал должен. За враќање на старите долгови должниците и овој пат посегаат по бескаматен кредит, користејќи ги јавните ресурси. Деновиве, освен по граѓанинот, кандидатите посегаат и по институциите татко, мајка, татковина, држава.

Навистина, должниците имаат на располагање многу моќни средства за маскирање на сопствените срамови и долгови кон граѓаните и другите бесплатни општествени институции што ги трошат. Насловот на оваа колумна соопштува мои толкувања на неколку сигнали во врска со користењето на некои нови техники на моќта за убедување. Примери за тоа наоѓаме во активности кои се директно или индиректно поврзани со актуелната изборна кампања, но и во активности што само навидум немаат врска со изборите. Најдобра илустрација за првиот вид се неколкуте јавно регистрирани и истакнувани френетични настапи на граѓанки на митинзи на претседателскиот кандидат на СДСМ. Тие демонстрираат огнена посветеност кон претседателскиот кандидат. Една од нив јавно побара кандидатот за претседател да ѝ станел татко, оти таа „кутрата“ татко немала! Епитетот „кутра“ го позајмувам од исто толку огнениот речник со кој еден познавач на техниките за политичка манипулација протолкува лапсус на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај овие огнени емоции, актуелните избори се одвиваат и во вистинска огнена атмосфера. Македонија (иако, сега Северна, сепак) гори! Горат стотици хектари македонски шуми! Она што не стигнаа да го досечат сега го горат! Само наивен може да отфрли теза дека пожарите не се случајни и дека се израз на нечиј друг фанатизам – економски или политички.

Трите женички, зналецот и претпоставените подметнувачи на шумските пожари се различни манифестации на еден ист феномен – политичкиот фанатизам. Станува збор за техниката на вклучување на граѓаните во политиката. Таа деновиве наголемо се користи во изборно манипулативни цели. Оваа општествена техника за манипулација е позната од поодамна. Но, во последно време таа станува сè помоќна политичка алатка. Тоа се должи на новите сознанија кои произлегоа од бројните маркетиншки и културолошки студии. Во тие рамки вклучувањето на публиката беше проучувано во функција на креирањето на брендот или на имиџот на некоја естрадна ѕвезда. За тие потреби се развиени конкретни поими и конкретни општествени појави, како што се, на пример, фан/ови и фанатисти.

Примената на оваа техника претпоставува најпрво редуцирање на улогата на граѓанинот на потрошувач на понудата од некој политички лик или партија. Денес е тренд овој нов лик на граѓанинот потрошувач да се нарекува фан. Порано би го нарекле навивач. Фановите и т.н. фанство се израз на спонтана, обична, приватна и лична восхитеност од некој или нешто. Според социолошките анализи на Аберкомби и Лонгурст, фановите се обожаватели кои потекнуваат од пониските општествени слоеви. Тоа го имало отсекогаш и како такво не е инструмент за манипулација. Она што се случува денес е што ова нормално, здраво ниво на популарната култура се инструментализира со креирање на политички култисти или политички фанатисти. Станува збор за свесно пиар поврзување на политиката и популарната култура.

Култистите или фанатистите, за разлика од фановите, се израз на организирано колективно дејствување. Додека фановите се само потрошувачи на медиумски слики и претстави, фанатистите активно учествуваат во создавањето на тие слики. Зависно од местото што го имаат во лабораторијата за перформанс политиката, тие се или изведувачи (како трите стварни женички или како претпоставените подметнувачи на пожарите) или, пак, се сценаристи (како зналецот) и политичко-естрадните ѕвезди (како кандидатот за претседател).

Критиката на политички инструментализираниот фанатизам се потпира врз една од централните тези на социологијата на политичката партиципација. Според неа, степенот на инволвираност на граѓаните во директните изборни активности е обратнопропорционален на степенот на нивно влијание врз власта која се воспоставува по завршувањето на сечата и пожарите. И обратно. Колку што се подистанцирани од политичките настани, толку се помалку податливи за манипулација од страна на политичарите и нивните пиар тимови.

Сепак, секој им право на обид и грешка. Ако нè излажат еднаш, срамот е за измамниците, но ако нè измамат двапати, трипати, срамот е за самите граѓани. Во здравите популарни култури на демократските земји, политиката и политичарите се предмет на потсмев. Било поради нивниот неморал, било поради корумпираноста, превртливоста и сл. Кај нас возрасна и зрела граѓанка се доведува во состојба низ чин на френетично „истурение на душата“ (според премиерот) јавно да посака политичар да ѝ станел татко – преку посвојување, веројатно! Затоа треба да се запрашаме на што сè се подготвени култистите? За нив изборите ќе да се, просто, само уште една перформативна, актерска, политичка акција со можен профит.

Ваквото трошење на толку важните општествени институции, како што се родител (татко или мајка) и избори, е брутално поткопување на самата општественост. За кандидатите така изведените избори ќе бидат уште еден бескаматен кредит во полза на политичката класа, а на сметка на мнозинството граѓани. Група себично ориентирани единки може да создадат партија, клика и слично. Но, не може да одржат општество, нација и демократска држава.