ЕУ ни рече збогум


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

 

„Мизерија“,  беше реакцијата на европски дипломат на заклучокот на земјите членки на ЕУ со кој место да ни дадат датум, како што ветија, најавија дека повторно ќе се навратат на темата. Сите нè фалеле, никој не бил против Македонија, но очигледно не биле ни „за“ бидејќи зад празната реторика остана фактот дека одлуката за преговорите не само што е одложена туку и заклучокот што го добивме вчера не влева надеж дека некогаш ќе ја има, бидејќи е полош од тој во јуни минатата година.

Најпоразителен е фактот дека земјите што се набројуваат меѓу тие што биле против одредување датум за преговори се, со некој исклучок, основачите на Европската Унија, земјите креатори на проширувањето, а сега главните што ја кренаа кочницата. Колку и да сме неуки во игрите на меѓународно ниво, колку и да сме политички слепи и непоправливи оптимисти, јасно ни е дека одлуката во Луксембург не беше избегната поради техничка, па ни поради политичка причина, туку – стратегиска. „Политико“ вчера го опиша тоа со зборовите – доаѓа крај на политиката на проширувањето.

Тоа најмногу го потврдуваат смешните и под нивото на ЕУ обиди да ни се продадат некакви технички причини за одлагањето, додека не дојде на власт некој што не давал никакви ветувања кон Македонија (Кирјакос Мицотакис и новата Европска комисија), па може да ја заврши елегантно работата со датумот на нашата држава. Која дотогаш може и да се дестабилизира од ваквата политика на Унијата, па тие што вчера не сакаа да не поддржат, да имаат реално, а не смешно оправдување за тоа. ЕУ вчера нашата демократска победа ја претвори во меѓународен пораз, покажувајќи по којзнае кој пат дека само го употребува и злоупотребува регионот и дека нема намера вистински да го интегрира. Дури и Црна Гора, која ги отвори речиси сите поглавја (и остана само едно), нема претстава кога воопшто би станала членка на Унијата, а преговара веќе седум години. Во европските кулоари веќе се тркала идејата за некоја нова соработка со регионот, а тоа исто така го навести вчера „Политико“ цитирајќи француска функционерка која најдиректно порача дека проширувањето не треба да биде единствената форма со која ЕУ ќе работи со регионот. Последната стратегија на францускиот претседател Емануел Макрон беше првиот предвесник за тоа бидејќи беше проѕирен обид да ни се понуди божем нешто доволно вредно за да се задоволиме што преговорите никако нема да почнат.

Тргнувајќи од тоа дека ниту датумот за преговори не е никаква гаранција за прием во ЕУ, и дека земјите членки во секој момент можат да го развлечат процесот со нов политички изум, ваквото трескавично борење да не ѝ се дадат преговори на Македонија покажува дека тоа што стои зад одлуката – е многу поголемо. Дека додека ние сме спиеле или сонувале, Макрон работел и си издејствувал многу поголема поддршка за блокадата на Македонија во однос на минатиот јуни, кога ни ветија дека ќе донесат одлука овој јуни, за да ни ветат дека ќе ја донесат во септември, па во октомври, а во заклучокот да напишат дека всушност само ќе се навратат.

Она што е најпоразително е што ваквото однесување на ЕУ влијае на внатрешната ситуација во земјата која е во Европа, а измалтретирана од неа и три децении трпи политички удари. И бугарскиот напад (на Екатерина Захариева) околу тоа чиј е Гоце Делчев сега добива поголема смисла бидејќи некој очигледно ја замолил и Софија, заради повисок интерес, да помогне во правењето лош случај од „блескавиот пример“ во регионот. И згора на тоа, не може ни да се утврди точно кој се застанал зад блокадата на нашата држава бидејќи сите го вперуваат прстот во некој друг. Толку го фалеа Преспанскиот договор претходно што сега, кога го гледаме ефектот, нè фаќа страв од убав збор од ЕУ. Во октомври ќе се најде уште некоја техничка причина или процедура за повторно да донесат заклучок дека повторно ќе се навратат на нас, додека сите не заборавиме дека кога и да е имало предлог земјава да почне преговори со Унијата.