Ем ситни души ем плачковци


ЕРОЛ РИЗАОВ

Откако изгубија на изборите и прогласија победа, од врвот на ВМРО-ДПМНЕ не престануваат истовремено да се фалат и да плачат за големи изборни неправилности. Трубат на сите страни дека нивната победа е чиста како солза бидејќи е македонска, а поразот на власта е валкан и наместен оти е збирштина на Македонци предавници во спрега со разни немакедонци, главно Албанци, Турци, Роми, Бошњаци и други мешавини од непознато странско потекло збрани во 31 политичка партија. Тие што не гласаа секогаш се вмровци по нивниот кантар.
Пошовинистичка и пофашистичка теза, кога гласовите се бројат по единица мерка на чистота на национална и на верска припадност, не е забележан досега во 29-годишната парламентарна историја.
Во предизборните кампањи постојано имало меѓуетнички тензии проектирани од партиските штабови и лидери со говор на омраза, но главно до извојување на победа. А потоа, како ништо да не било, партиските лидери седнуваат да ја делат власта како воен плен оставајќи ги последиците кај рајата да тлеат под пепелта, разгорувајќи ја жарта секогаш кога тоа им било потребно на политичарите во битките за власт и богатење. Но вакво нешто, како сега по овие претседателски избори, кои навистина беа најдобри досега, не само затоа што беа фер и веродостојни и без ниту една посериозна нерегуларност која би влијаела на резултатот, туку најмногу затоа што имаше консензуален кандидат на вистинската страна на историјата, која ја означува европска иднина на Македонија. И тој победи.

И наместо како што е редот да се честита на победникот и да се прифати најголемата заедничка добивка на сите граѓани за тоа што имаше демократски избори, факт што го потврдија стотици посматрачи домашни и странски, што го потврди и Државната изборна комисија и нејзиниот претседател од редовите на опозицијата, што го видоа сите што тој ден гласаа, стасаа жалбите на победничката ВМРО-ДПМНЕ за наводни тешки нерегуларности. Па така, испадна дека одличниот еднонационален резултат е чесен и фер, а мешаната повеќенационална победа е катастрофа. Тие што гласаа за Гордана Силјановска-Давкова се патриоти, а тие што гласаа за Стево Пендаровски се поданици на власта и „Северџани“. Замислете која национална трагедија е кога гласовите на немакедонци станале пресудни за избор на Македонец за претседател на државата. Демек „Шиптари“ избраа претседател Македонец. Од тоа пострашно е само Македонци да изберат немакедонец и нехристијанин, особено чистокрвен Албанец, за татко на нацијата, што сигурно нема да се случи во догледна иднина. Но страшно е и да се помисли на тоа.
Што се крие зад ова пребројување на гласовите по национална основа. Тоа е најлошата работа која нè враќа повторно назад бидејќи паролата „Заедно напред“ станува опасна за сите националисти и шовинисти добро позиционирани во сите партии и медиуми. Деновиве бевме сведоци на јавна аукција на качување на цената на етничките гласови. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и нивниот непартиски кандидат, Гордана Силјановска, излегоа да ѝ соопштат на јавноста дека на Македонците им ја одзедоа победата Албанците. Браво, ете тоа се вика владеење на правото по образец на проф. Силјановска и според патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ, кога демократското право еден човек еден глас не важи ако се од различно етничко потекло и од различна вера. Такво владеење на правото својот зенит го достигнува во следниот чекор кога се укинува правото на глас на граѓаните од втор и од трет ред и на инородните.
За жал, и албанските политички партии и лидери тргнаа по истата логика да докажуваат дека ако не беа нивните гласови Пендаровски и СДСМ ќе ги изгубеа изборите. Така, една мирновременска историска револуција и демократска еволуција е во опасност да биде прегазена поради националистички пребројувања. И некои социјалдемократи ја увидоа големата закана да не се изгубат следните избори, па бедно и загрижено опоменуваат да се обрне внимание на отсуството на македонски гласови, што треба да означи дека станува штетно заедништвото меѓу македонските, албанските и другите граѓани од различни националности, кои сè повеќе ги препознаваат државните интереси и реалноста дека само заеднички може да се стаса во Европа и да се остварат реформите во кои се содржани сите интереси, и националните и јазичните и културните посебности.
Сè на сè, по изборите на политичката сцена еден куп ситни души и плачковци ги вклучија своите калкулатори.
Не е тешко да се открие што ќе се случува наредните денови и месеци. Тоа не е тајна, Христијан Мицкоски веќе најави дека почнува пеколот. Опозицијата ќе ги повика сите граѓани што гласаа за ВМРО-ДПМНЕ да ја спасуваат Македонија од „режимот“ на Зоран Заев, од криминалците кои се нелегитимно дојдени на власт, од предавниците кои ги предадоа националните интереси, го продадоа светото име на државата, го деградираа македонскиот јазик дозволувајќи втор службен јазик, го осиромашија народот кој панично бара спас во иселувања, ја задолжија земјата во странските и домашните банки до гуша, ги стопија големите економските успеси на претходната власт, ја заробија државата и го укинаа правниот и општествениот поредок. Почнува нова патриотска револуција на улиците низ Македонија. Ќе се заговара нова, не шарена, туку чиста еднобојна црвена револуција. Нема правда, нема мир.
Препознавате, почнува последниот очаен обид за спасување на владетелите кои 11 години го ограбуваа народот. Изборните резултати им го матат умот на времените наследници и чуварите на престолот на Никола Груевски дека сега му е мајката да ја кренат Македонија на нозе и да се вратат на власт. Опасно е да се биде опозиција во Македонија. Само тогаш стасува правдата. Добрите и фер претседателски избори кои требаше да ја одбегнат политичката криза од евентуалната недоволна излезеност на гласачите, сега кога се отстрани блокадата на претседателот Ѓорге Иванов, се доведува во прашање со ново попречување на работата на парламентот, на владата, на институциите на системот, на евроатлантските интеграции, пак, наводно поради украдена победа како на последните парламентарни избори. Сега на ново-старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ му текна дека оваа работа на бива без сојузници. Види мајката, и на чистата еднонационална и едноверска опозиција ѝ требало партнери и дома и надвор, па чукаат големите ариевци и патриоти на мала врата за сојуз со Беса и Алијансата за Албанците, а ако треба нема да го отфрлат ни стариот пријател од ДУИ, ако се најде мунасип. Ѝ ветуваат на Европа дека нема да го чепнат Преспанскиот договор и дека се големи приврзаници на западните вредности, божем таа нема абер што се случува кај нас.
Македонија повторно е исправена пред нови тешкотии во еден клучен период кој требаше да биде посветен на реформи и преговори со ЕУ и да ги почувствува бенефитите од членството во НАТО и од претпристапните фондови на ЕУ. Наместо тоа, Владата ќе биде дежурен пожарникар да ги гасне огновите на пироманите.
На плановите за улични немири и националистички конфликти најдобар одговор е владата да настапи со резултати и конкретни мерки кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Нема ништо поуверливо од евидентен успех. Зоран Заев нека ја препушти метлата и политиката на чистки на ВМРО-ДПМНЕ, која уште не расчисти со компромитираните арамии од својот врв и не им се извини на граѓаните за големите злодела и сè уште ја попречува правдата.
Демократските партии наместо метла го воспоставуваат правилото на одговорност за секоја грешка и неуспех. Неспособните и тие што ги злоупотребиле овластувањата и својата позиција треба да ги отстапат своите места на други. Тие што го прекршиле законот треба да се соочат со правдата. Партиските чистки, нарачани пресуди и ќосиња извршители припаѓаат на поразените анахрони револуционерни партии.
На крајот, правдата ќе победи, но задоцнетата правда е, исто така, неправда. Треба голема мудрост, храброст и посветеност „правдата за Македонија“ да се оствари со правда во Македонија. Ако размислите, ова се две многу различни работи. Ако има правда во Македонија, ќе стаса и правдата од светот за Македонија. Друг излез нема.