Економски проблеми и предизвици


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Секоја пролет во Вашингтон традиционално се собира финансиската елита од целиот свет во рамките на пролетните средби на Светската банка и ММФ. Министри за финансии и гувернери на централните банки со нивните помошници, банкари и инвеститори, професори и научници… разни светски луѓе со своите различни финансиски, економски, политички и други интереси. Сите заедно и на едно место во рок од 3-4 дена ги дискутираат актуелните и долгорочни проблеми на глобалната економија и регионалните економии, разменуваат мислења, договараат финансиски аранжмани, инвестиции, економски политики и кредити, но и држат формални состаноци. Секој со своите идеи, проблеми и доверени мандати се труди да го уреди светот во иднина, или барем економијата на светот во иднина. Бројот на настани е толку голем и со таква фреквенција што просто е невозможно да се има увид ни во еден отсто од сè што таму се случува. Затоа делегациите и поединците пристигнуваат таму со многу детални и цврсти агенди на средби и состаноци што се многу од поодамна договорени. Без нив пролетните средби на СБ и ММФ во Вашингтон се чисто губење време и залудно лутање од еден до друг настан без никаква цел. Веројатно така беше и оваа година. Пролетните средби беа минатава недела и завршија изминатиов викенд. Тие се секогаш добра прилика да се промовираат и многу голем број публикации од разни институции и автори што специјално или случајно се издадени во тој период, особено оние соодветните од страна на СБ и на ММФ.

Една таква публикација на СБ, што има упатувачки датум на нејзиното издавање – пролет 2019 година, носи наслов „Финансиска инклузија“ со поднаслов „Економско ажурирање на Европа и Централна Азија“ (Financial Inclusion – Europe and Central Asia Economic Update), подготвена од Канцеларијата на главниот економист на СБ. Таа е битна за Македонија и македонската економија бидејќи ни соопштува и нè предупредува за најмалку два-три важни економски и политички аспекти на нашето живеење. Сепак, најпрво е потребно да се кажат неколку важни зборови за техничките детали (навидум технички) во публикацијата што е шокантна вистина за неажурираноста и негрижата на една од најзначајните институции на ОН, а тоа е Светска банка во време кога на нејзино чело е в.д. претседателката по потекло од нашиот сосед Бугарија. Пред неколку дена се избра нов претседател на СБ со редовен мандат, што традиционално е со потекло од САД, но публикацијата веќе беше претходно издадена.

Имено, како прво, во таа публикација сите држави се претставени со своето име и без одредница на нивното државно уредување, освен нашата. На пример, Белгија, Германија, Хрватска, Литванија, Србија итн., но нашата земја е претставена како Република Северна Македонија, што е особено впечатливо и невообичаено. Како да се работи за некаков посебен случај во кој сè уште има нешто спорно, односно се чини дека со додавката Северна ни го залепија и она Република во нашето претставување, како нешто што е сосема неопходно и што во иднина ќе прави некаков исклучок. Второ и уште повпечатливо е што кај кодовите на земјите во публикацијата, покрај тоа што единствено за нашата земја стои она Република, кодот што е ставен е ПЈРМ (во оригиналот: FYROM).

Но, да се навратиме на посуштинските делови на публикацијата. Во неа директно се предупредува и елаборира дека регионот на Европа и Централна Азија, и ние со него заедно, ќе се соочиме со повеќе предизвици, меѓу кои и намалување на економскиот раст. Нешто од што веројатно нема да се извлече ни светската економија. Но, тоа е помалиот проблем. Поголемите неволи се оние во врска со долгорочните развојни проблеми и се претставени со стареење на населението и суштинско влошување на старосната структура, што ќе придонесе за сериозни проблеми со работоспособното и активно население, проблеми со намалување на продуктивноста и нивото на инвестициите и со климатските промени. Само наивните можат да си речат во себе – па тоа и не се некои преголеми проблеми. Се очекува растот на светската економија во идните години да е во границите од околу 2,8 отсто годишно, а најразвиените економии да растат со само околу 1,5 отсто. Во тие рамки ќе се одвиваат економските активности и во нашиот потесен и поширок регион, но тоа ќе се случува со продолжено апсолутно намалување на населението. Проблем на кој засега не се наѕира решение освен она што веќе го гледаме во развиениот дел од европскиот континент – отворање на границите за имиграција на работоспособно население од другите делови на светот.

Кога на ова ќе се додадат трендовите на намалување на продуктивноста, перспективите изгледаат  уште полоши. СБ измерила дека во последниве 5 години (2013 – 2017) вкупниот фактор на продуктивноста (TFP) во регионов е забавен за 0,8 отсто годишно со тенденција тоа да продолжи поради намалувањето на приливот на СДИ, секторските преструктуирања и забавениот реформски момент во комбинација со намалувачкиот деловен динамизам и отсутност на раст на продуктивноста што произлегува од новите технологии. Тоа, заедно со намалените инвестиции и климатските закани, а во услови на недостаток на политики за долгорочните предизвици на економиите се многу сериозни укажувања за нашата иднина. Да не мислиме дека нашата мала, слаба и полна со проблеми македонска економија е надвор од овие трендови. За жал, податоците покажуваат дека ние сме во самиот епицентар на ваквите проблеми и со нив набргу ќе имаме уште подраматично соочување.

На ова се додаваат и нашите специфични проблеми што произлегуваат од нашите специфични внатрешни економски состојби. Меѓу нив има неколку поалармантни. Наспроти сите очекувања, македонската економија, сепак, во идниот среднорочен период практично ќе биде закована на стапките на раст од околу 3 отсто за што постои консензус дека е сосема недоволна динамика на раст на нашата економија што посериозно нема да ја намали ни релативно високата невработеност, ни сиромаштијата во земјава. Нешто побрз раст се очекува во градежништвото и тоа само заради продолжувањето на, де факто, запрените јавни работи на автопатиштата во минатата година и нивно завршување во наредните 2-4 години. Но, со оглед дека тие се изведуваат со странски кредити, несомнено е дека ќе дојде до повлекување на поголеми кредити и со тоа и до дефицити на буџетот поради што и на тој план ќе останеме заковани на релативно високата стапка од околу 2,5-3,5 отсто годишен дефицит како удел од БДП, со извесност дека тоа ќе го зголеми и нашиот јавен долг до нивото од околу 55 отсто од БДП, состојба што е ни малку посакувана и всушност многу спорна и критикувана и во земјава и од странство. Намалувањето на градежништвото поради еднократните ефекти веројатно во иднина до некаде ќе биде компензирано со реинвестирањето на добивките од постојните СДИ во земјава поради среднорочната извозна побарувачка за соодветните производи, но тоа нема да компензира голем дел од неможноста да се создаде раст и во другите пазарни сектори и особено од неефикасноста во јавниот сектор. Во такви услови, зависноста од извозната побарувачка за сегашните СДИ и растот на продуктивноста ќе се мултиплицира, а тоа носи многу ризици на долг рок.

Конечно, ако за овие проблеми и предизвици немаме долгорочни и релативно консензуални одговори на економската политика, тогаш иднината нема да ни биде многу розова.