Една година дополнително образование го зголемува приходот за 9 отсто


НАНД ШАНИ

Кога помислуваме на 1 Мај, денес мислиме на два слободни дена. Краток, но заслужен одмор, скара со семејството и пријателите и можеби и посета на некои од популарните места за излети во околината и слично. Многумина не размислуваат за историјата и настаните познати како Пазарот на житната берза или масакрот што се случил таму во далечната 1886 година, кога повеќе од 300.000 работници во САД ги напуштија своите работни места и заминаа на првата првомајска прослава во историјата, што за последица имаше смрт за многумина, но и поттикнување синдикални движења ширум светот кои бараа права за работниците и законски утврдено осумчасовно работно време.

Меѓународниот ден на работниците денес е празник кој се слави ширум светот во чест на нивната борба и на синдикатите. Активистите за правата на работниците секоја година ја користат оваа можност да бараат повеќе правда, подобри услови за работа и инклузија.

Овие права, кои се платени со многу крв, а сега се дел од Универзалната декларација за човекови права усвоена и донесена на Генералното собрание на Обединетите нации во 1948 година, за поголемиот дел од светот, како и за нас во Западен Балкан, се подразбираат како здраво за готово.

Сепак, дури и сега, на Западен Балкан, во срцето на Европа, ние и натаму се бориме со невработеноста, со неформалната вработеност, со ниски плати, високи ризици од сиромаштија итн.

Вработеноста е најважен фактор луѓето да се извлечат од сиромаштијата. После децении рецесија, конечно, добрата вест е дека сиромаштијата во регионот е во опаѓање благодарејќи главно на отворањето на нови работни места. Лошата вест, меѓутоа, е дека стапката на сиромаштијата е и натаму висока. Според Светска банка, во 2018 година просечната стапка на сиромаштво во Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија паднала за еден процент на годишно ниво, така што просечната стапка за регионот сега изнесува 21,6 отсто.

Меѓутоа, стапката на сиромаштија на оние што имаат работа не е занемарлива бидејќи, на пример, во Северна Македонија таа стапка изнесува девет отсто, а во Србија 11,9 отсто, што укажува на фактот дека голем број работни места се лошо платени.

Стапка на сиромаштво од 5,5 САД долари/ден, паритет на куповна моќ, проценка за 2018 год.

Година Албанија Србија Црна Гора Р.Северна Македонија
2012. 47,5 14,5 (во 2013) 19,2 19,2
2017. 35,9 22,4 4,4 21,0
2018, проценка 35,2 21,7 4,8 20,7

Податоци: Светска банка

Од друга страна, кога се во прашање трендовите на вработеноста, регионот покажува позитивни знаци, со оглед дека во 2012 година на Западен Балкан биле отворени 700.000 нови работни места од кои 48 отсто им припаднале на жените, но само 4,3 отсто на помладите од 24 години. Во сите шест економии на Западен Балкан, повеќе од една петтина од младите (од 15 до 24 години), не се вработени, не се школуваат ниту, пак, се усовршуваат на некој друг начин. Овие проценти се движеа од 24 до 26 отсто во Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово, до 17 отсто во Црна Гора и Србија.

Но и покрај генерално позитивните трендови во вработувањето, загрижува дека само половина од активното работоспособно население на Западен Балкан има работа. Невработеноста е висока (околу 17 отсто), а неактивноста е уште поголема (38 отсто).

Структурните недостатоци на пазарите на трудот се причина за значителна загуба од продуктивните години на работниот век. Според Светска банка, просечна работоспособна жена на Западен Балкан губи повеќе од 30, а просечно работоспособен маж повеќе од 20 години од својот продуктивен работен век во неактивност, што е шокантно, особено кога се има предвид дека продуктивниот работен век е околу 40 години.

Теодор Рузвелт еднаш рекол дека само со тешка и макотрпна работа и труд, само со голема сила и непоколеблива храброст може да одиме натаму, кон подобри нешта. Но, ние, како општества, како регион, мораме да сториме повеќе и побрзо да ги смениме овие бројки и да ги претвориме во наш раст и напредок.

Да заклучиме со фактот дека образованието е еден од најважните фактори за нечија успешност на пазарот на трудот. Имено, врз основа на глобалниот пресек на состојбите што ги направија Псахаропулос и Патринос во 2018 година, само една дополнителна година во школувањето, во просек, ги зголемува приходите за девет отсто! Приходите се уште поголеми за жените во земјите со ниски приходи, што покажува дека образованието за девојчињата и девојките треба да остане приоритет. Кога на најзагрозените граѓани на една земја ќе им се овозможи да станат квалитетен човечки потенцијал и кога ќе им се подобри можноста за вработување, значително им се зголемуваат шансите и за наоѓање на добро платена стабилна работа и бегство од сиромаштијата.

(Авторот е лидер на тимот Платформа за вработување и социјални прашања при Регионалниот совет за соработка [РСС])