Единствена вина на Блерим Река е што е Албанец


РОБЕРТ НЕСИМИ

Кампањата за претседателските избори полека влегува во завршна фаза. За разлика од неколку претходни претседателски избори кои се одвиваа во драматични моменти и тензични ситуации, оваа година кампањата е крајно мирна и поминува без каков било вид инциденти. Голем придонес за тоа секако имаат и профилите на самите кандидати, како и нивната изборна реторика. Во претседателската трка имаме тројца професори, и без разлика на нивните ставови и политики, мора да признаваме дека секој од нив е достоинствен кандидат, кој достоинствено може да ја изврши функцијата за која се натпреварува.
Мојот фаворит, и верувам најпогоден за функцијата претседател, сепак е професорот Блерим Река. Првата помисла на многумина читатели секако ќе биде дека тоа го кажувам како некој вид етничка солидарност, т.е. како еден етнички Албанец да поддржи друг етнички Албанец, само затоа што е Албанец. Таков аргумент слушнав и во една дебатна емисија каде што се коментираа анкети. Гостинот рече дека Албанците секогаш гласаат за Албанци, свесно или несвесно алудирајќи дека во политиката тие се водат исклучиво од групниот инстинкт. Притоа, изгледа го заборави фактот дека дел од Албанците сепак би гласале за Пендаровски, а од друга страна помеѓу етничките Македонци поддршката за Река е помала од 1 отсто. За жал, таквиот дух е присутен кај многумина политичари и политички коментатори, вклучувајќи и Албанци. Така, прилично лесно се поминува преку габаритот на професорот Река и тој априори се дисквалификува само поради етничкиот предзнак. Затоа, вистинското прашање на овие избори не е зошто Албанците ќе гласаат за Река, туку зошто скоро и да нема Македонци што ќе гласаат за него?
На почетокот кажав дека сите три кандидати, како личности, се достоинствени за функцијата претседател. Сепак, според мене, Река е фаворит од причина што го нема товарот што го носат двајцата други кандидати, делумно наметнат и од нивните политички партии. На пример, ставовите на професорката Силјаноска изгледаат анакронистички, па така е кристално јасно дека нејзините изборни ветувања се само празна реторика. Името на државата е веќе сменето и тоа е единствениот пат кон интеграциите. Тука нема враќање назад. Истото се однесува и на Законот за јазиците, кој не само што нема да се поништи туку треба и да се надгради со промена на името на „јазикот на 20 отсто“ на „албански јазик“. Спорно е и нејзиното двоумење да јасно и гласно ги осуди настаните од 27 април, кои беа чин на екстремно насилство врз институциите, токму тие што претседателот треба да ги чува. Се наметнува и прашањето колку лица од тие настани, па и од други афери од времето на владеењето на ВМРО, е Силјаноска спремна да амнестира ако стане претседател.
Од друга страна, Пендаровски страда од неговото минато и од грешките на неговата партија на власт. Тој веќе еднаш се кандидираше за претседател и изгуби на изборите. Точно е дека тие избори имаа низа нерегуларности и донекаде држи вода неговата теза дека изборите му беа украдени, но од друга страна тој сега е опколен со голем дел од истите луѓе и партии кои пред пет години му ја украдоа таа победа. Точно е и дека тој се држеше некако настрана во време на ова владеење на СДСМ, но воедно вика дека се согласува 102,5 отсто со ставовите и постапките на Заев. Оставајќи ги настрана секојдневните афери, пропусти и слабости при работата на Владата, сепак испаѓа дека тој се согласува со крупните работи како амнестијата за 27 април, слабото и селективното владеење на правото, трансформацијата на СЈО во институција без заби и редица други пропусти. Затоа еднакво релевантно е и за него да се прашува колку лица е спремен да амнестира за дневнополитички пазарења. На крај, треба да се каже и дека неговата пофалба дека е подржан од сите етнички заедници е крајно лицемерна. Тој нема поддршка од етнички заедници туку од политички партии, и тоа сите претходни партнери на ВМРО.
Професорот Река не страда од вакви багажи и затоа е најискрен кога зборува за владеењето на правото, трансформацијата од држава на неколку луѓе во република за сите или, пак, за евроатлантските интеграции. Неговите професорски квалификации се општо познати, но тој исто така има и политичко искуство како ексамбасадор во Брисел. Генерално, тој е најпогоден кандидат за областите каде што претседателот има најмногу ингеренции – надворешната политика и безбедноста. Некои му замеруваат дека зборува само за Албанците, но вистината е дека тој зборува и за Албанците, подеднакво како и за републиката. Сакале или не, албанскиот народ во Македонија има некои специфични проблеми, а кои се однесуваат на нивната дефиниција како статистичка нација и процентуалните им права, а за тоа другите двајца кандидати, кои претендираат да бидат претседатели на сите граѓани, немаат ни слух ни разбирање. Ако Река би добил гласови и од Македонците, тој би бил вистински претседател на сите бидејќи подеднакво лесно се служи и со македонскиот јазик, како и со албанскиот, и подеднакво ги разбира двата најголеми ентитета во земјата, нешто што длабоко им фали на двајцата други кандидати. Ако навистина сакаме општество за сите, збор што доминира во дискурсот на СДСМ, Блерим Река е вистинскиот претседател на таа република и тоа општество.
Сепак, Блерим Река веројатно нема да ги добие изборите и нема да стане претседател, од едноставна причина што е Албанец. Ист кандидат, со исти квалификации, исто минато и иста реторика, но етнички Македонец, сега би бил сериозен претендент, дури и без поддршка од големите партии. Но тој нема да добие бидејќи ние сме светлосни години од тоа што го викаат „општество за сите“. Овој концепт доби на тежина откако голем дел Албанци во 2016 година, без политички пазарења на политички партии, ја пробија етничката бариера и гласаа директно за СДСМ. Сепак, се покажа дека тоа било процес во еден правец. Од СДСМ тврдат дека и етнички Македонци гласаа за кандидати Албанци на локалните избори, но тоа беше чисто политичко пазарење и политичка наредба од СДСМ да гласаат за Рамиз Мерко, Теута Арифи, Блерим Беџети, Невзат Бејта и други. Вистината е дека Македонците сè уште не го поминале тој праг и таа етничка бариера за да гласаат за кандидат Албанец, па дури и да бил тој квалификуван како Река.
Затоа, процентот на гласови кој Блерим Река ќе ги добие од Македонците е најточен параметар до каде сме стигнале со „општеството за сите“ и „републиката за сите“. За жал, овој процент веројатно ќе биде крајно низок. Блерим Река нема некоја мана или вина, но сепак е Албанец, и затоа нема да може да победи.
(Авторот е аналитичар)