Ѕвезда, дасо и волк самотник : Македонија се простува од хитмејкерот Владо Јаневски 

Сакаше да ги освои и Русија и Хрватска, ама Македонија му беше судена, како неговиот хит „Дома си е дома“


Фото: Б. Поповиќ

Македонија е во шок по веста за смртта на Владо Јаневски, еден од најзначајните македонски пејачи, композитори и текстописци, со статус на ѕвезда, со изглед на дасо и волк самотник, по свое убедување. Почина вчера, по кратко боледување, на една од скопските клиники, на 65 години. Замина тивко, без поздрав, ко вчера да беше неговиот мегаконцерт заедно со Бајага, во „Борис Трајковски“. На пресот на Авалон, последен пат се видовме, кога ми пријде да се поздрави, меѓу мноштвото новинари. 

„Добредојдовте на романтика“ и „Животот вечерва е жолт“: Делириум со Владо и Бајага на концертот во Скопје

Се простуваме од еден од најпрепознатливите гласови на македонската музика, роден скопјанец, горд Чаирчанец, во последно време, жител на Гевгелија, со песни за сите генерации, сите од ред хитови. Неговите песни не беа само музика- беа спомени, љубови, надежи и дел од животот на многумина. Во секој стих се чувствуваше неговата душа, а во секоја нота неговата посебна емоција што знаеше да допре до секого.

Набилдан и подмладен – го препознавате ли новиот Владо Јаневски?

Искрен, на граница на арогантност, таков си беше Владо, но достоинствен во јавноста и скоцкан по последна мода, во костум, џемпер или кожена јакна, си ја научи музичката и животната лекција по времето како дел од „Ластовица“ и  „Куку леле“, пред да продолжи успешна соло кариера, особено неговиот настап на Евровизија во 1996 година, кога сите навивавме за него како прв македонски претставник. Сакаше да ги освои и Русија и Хрватска, ама Македонија му беше судена, како неговиот хит „Дома си е дома“.

Владо Јаневски држи рекорд на Евровизија , никој не знае

Неговото творештво ќе продолжи да живее преку безвременските хитови што ќе се пеат и паметат уште долго. Тој остави зад себе наследство што ги надминува времето и просторот, поврзувајќи луѓе , генерации и животи преку музика што никогаш не избледнува.

Иако денес тагуваме, неговото присуство ќе остане вечно во секоја изведба,  во секое слушање и во секое сеќавање што ќе го разбудат неговите песни.

Почивај во мир, Владо. Твојот глас ќе остане вечен, а твојата музика ќе продолжи да не поврзува и инспирира.

Вечна ти слава и благодарност.