Двојно зголемен бројот на работници загинати на работно место
Триесет и еден изгубен човечки живот на работно место е билансот за минАтата 2025 година. На Светскиот ден за безбедност и здравје при работа 28 април, Македонско здружение за заштита при работа го објави Годишниот извештај за минатата година, кој покажува загрижувачка реалност. Во текот на годината се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои дури 31 со смртен исход. Ова претставува речиси двојно зголемување на бројот на загинати во споредба со 2024 година, кога биле регистрирани 17 смртни случаи.
Наместо напредок, Македонија се соочува со драматичен раст на смртните случаи и повредите на работните места, што го отвора прашањето: колку вреди безбедноста на работникот? Трендот на влошување не е нов, но станува сè поизразен. Во 2023 година биле регистрирани 108 несреќи при работа, а веќе во 2024 година бројката пораснала на 133.
Истовремено, расте и бројот на тешки повреди, од 93 во 2023 на 116 во 2024 година. Овие бројки не се само статистика, туку сигнал дека ризикот на работните места системски се продлабочува. Најмногу несреќи во 2025 година се случиле во преработувачката индустрија- 33 случаи. Следуваат градежништвото со 15 несреќи, јавната управа и одбраната со 12, како и дејностите на домаќинствата со 11 случаи. Административните и помошните услужни дејности бележат 10 несреќи, додека транспортот и складирањето 9. Оваа распределба покажува дека ризикот не е ограничен само на традиционално опасните сектори, туку е присутен во речиси сите сфери на економијата.
Дополнителен аларм е растот на стапките. Стапката на смртност на 100.000 работници се зголемила од 2,16 во 2023 година на 2,45 во 2024 година, додека стапката на повреди пораснала од 13,42 на 16,76. Тоа значи дека не само што има повеќе несреќи, туку тие стануваат и посериозни. Во извештајот посебно место зазема трагичниот пожар во дискотеката Пулс, кој ја одбележа годината.
Во обид да се одговори на овие предизвици, Меѓународна организација на трудот, со поддршка од Европска Унија, го спроведува проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“. Проектот има за цел да ги намали повредите и професионалните заболувања преку зајакнување на законската рамка, модернизација на трудовата инспекција и воспоставување национален информациски систем. Предвидено е да трае до октомври 2028 година.
Анализите на Македонското здружение за заштита при работа покажуваат дека најризична група се лицата на возраст од 45 до 60 години, додека веднаш зад нив се работниците од 35 до 44 години.. Од Македонското здружение за заштита при работа предупредуваат дека ваквиот тренд не смее да се игнорира. Иако младите работници почесто се повредуваат поради неискуство, кај повозрасните последиците се далеку посериозни и почесто завршуваат со фатален исход.