Дуелот не беше децениски, туку дневно-политички

Александра М. Митевска

Да не постоеше Специјалното јавно обвинителство, како тема околу која деновиве повторно се одвива главната политичка конфронтација во државата, дуелот Заев – Мицкоски веројатно немаше да донесе ништо повозбудливо од самата возбуда што се случи. Вториот телевизиски дуел меѓу премиерот и лидерот на опозицијата ги оправда очекувањата за враќање на културата на отворен политички дијалог, што подолго од една деценија беше мисловна именка во државата. Ама далеку од тоа дека го поткрепи епитетот „децениски“, што домаќините „визионерски“ му го припишаа, во обид да постигнат поголем публицитет. А и без тоа предимензионирање, само по себе се подразбираше дека првото лидерско соочување – по потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор, односно по промената на уставното име на државата и потпишувањето на Протоколот за нејзино пристапување во НАТО, ќе го заскокотка вниманието на публиката. Независно од тоа што во оваа пригода беше прескокната националната телевизија, чиј реформа, патем, е исто така заглавена во натегањата и калкулациите меѓу партиите на двајцата завчерашни соговорници – Заев и Мицковски.

По „дуелот на деценијата“, јавноста остана покуса за одговорите на многу актуелни и горливи прашања кои, секако, ќе влијаат и на процесите и случувањата во декадата што претстои. Публиката, на пример, не доби поконкретен одговор како Мицкоски би го третирал Преспанскиот договор во случај да ја освои власта и дали и во таков случај би водел политики во насока на кочење на евроатлантските процеси на државата. А, таков одговор се чекаше од него,ако не за друго тогаш барем затоа што тој го иницираше јавниот „двобој“ со Заев, така што и се претпоставуваше дека ќе пристигне во студиото поподготвен да одговара на незгодни прашања,

Заобиколните одговори на опозицискиот лидер на прашањето дали би го поништил договорот, како што најавуваше порано, сепак, може да се протолкуваат и како сигнал за негово омекнување по тоа прашање и прифаќање на реалноста во која Македонија, и без асистенција на ВМРО-ДПМНЕ, е држава што веќе не го носи на плеќи товарот на билатералниот спор кој ги попречуваше нејзините евроатлантски перспективи. Во тој контекст, всушност, беше и најавата на Мицкоски дека остава отворена врата за враќање во ВМРО-ДПМНЕ на пратениците што ги избрка од партијата затоа што гласаа за пристапување кон промена на Уставот, согласно со Преспанскиот договор.

Но во таа најава може да се прочита и обид за саботажа на законот со кој се решава статусот на СЈО, што стана клучен критериум за почеток на преговорите со ЕУ, иако Мицкоски во почетокот на дуелот свечено соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ, сепак, подготвила амандмани за законот за јавно обвинителство. Прозорчето што со тоа го подотвори за продолжување на преговорите околу статусот на СЈО, всушност, беше една од малкуте новини што можеа да се слушнат во текот на двочасовниот дуел во кој, генерално, доминираа веќе чуени или прочитани тези во репликите и соопштенијата што секојдневно си ги разменуваат партиите или нивните лидери – за судбината на СЈО и реформите во правосудството, за непотизмот и за интеграциските процеси… Што се однесува до економијата, таа и овој пат остана на маргините на конфронтацијата меѓу челниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Дебатата не ја намали ниту неизвесноста околу можниот неуспех на претстојните претседателски избори, откако премиерот отворено навести дека стравува од бојкот на опозицијата, а Мицкоски најави дека нема да бојкотира доколку првиот круг биде кристално чист и регуларен, за што оценката, сепак, може да биде релативна и субјективна. Затоа, пак, за разлика од Мицкоски, кој избегна конкретен одговор и за тоа дали ќе преземе одредена одговорност во случај на пораз на Гордана Силјановска-Давкова, Заев повтори дека е подготвен да понесе одговорност ако Стево Пендаровски не стане претседател – со распуштање на парламентот и распишување предвремени избори.

Ако некој воопшто очекуваше дека од оваа соочување ќе произлезат одговори на прашања од суштинско значење за политичките процеси во земјава или концепти што ќе ги исцртаат контурите на дејствување на двете водечки партии во наредниот период, тогаш тие очекувања тешко дека се задоволени. Затоа и веројатно многу поголема заинтересираност кај гледачите предизвикаа досетките со кои лидерите ја зачинија меѓусебната конфронтација, како што беше неологизмот „мрчи“ што Заев го промовираше како „фин македонски збор“ или обидот на Мицкоски да му подари на премиерот беџ со сонце во црна боја.

Сепак, тоа не го наруши, генерално, умерениот и културен тон на комуникацијата меѓу двајцата лидери, кои на крајот и се ракуваа, како позитивен сигнал дека домашната публика нема да мора да чека уште една деценија до некое ново лидерско соочување пред камери, туку дека тоа ќе стане практика. Што се однесува, пак, до дуелот Црвенковски – Георгиевски, кој уште се прераскажува, иако од тогаш поминаа дваесетина година, впечатокот е дека за некое друго такво соочување ќе мора да почекаме уште извесно време. Кога соговорниците од завчера или барем едниот од нив нема да бидат истите на жешкото столче.