Дронови над Сараево го создадоа ликот на Бешлиќ додека Мерлин го пееше нивниот дует
Сараево – Регионалната поп-ѕвезда Дино Мерлин викендов одржа три концерти на стадионот Кошево и собра над 200 илјади публика од БиХ и регионот. Вториот концерт , во саботата вечер, го отвори со песната „Да шутиш“, а во текот на вечерта публиката беше придружена од импресивен сценски спектакл со светлосни ефекти, видео проекции и раскошна сценографија.

Посветен емотивен момент на Халид Бешлиќ
Еден од најимпресивните моменти на вечерта се случи кога над стадионот се појавија дронови и го обликуваа ликот на Халид Бешлиќ на ноќното небо. Во тој момент, Мерлин ја отпеа „Жешката година“, дует што го сними со познатиот пејач за време на неговиот живот, што предизвика силни емоции кај публиката.

Пред почетокот на концертот, повторно се формираа толпи на влезовите. За разлика од првата вечер, кога дел од посетителите не успеаја да влезат на стадионот и покрај тоа што имаа валидни билети, овој пат многумина решија да дојдат многу порано за да избегнат слични проблеми.

Тој се обрати до публиката
На самиот почеток од концертот, Мерлин се обрати до публиката и им се заблагодари за нивната поддршка.
„Сакам да ви се заблагодарам затоа што без вас ова не би било можно. И не бидете премногу строги кон мене – не сум совршен. Пеам во градот каде што сум роден. Врзан сум со папочна врвца за мојот роден град, за неговите мириси, ѕвона, повици за молитва и сè што ме обликуваше. Ги славиме нашите ноќи“, рече пејачот, пренесува Klix.ba.
Организаторите понудија решение по проблемите од првата вечер
За потсетување, за време на првиот концерт во петокот, многу посетители не успеаја да влезат во Кошево иако имаа важечки билети, што предизвика големо незадоволство. После тоа, организаторите објавија дека сите на кои им беше одбиен влезот ќе можат да ги користат своите билети за вториот концерт, што се одржа во недела.
Дино Мерлин е омилен и меѓу македонската публика. Се уште се памети концертот во Скопје, за дочекот на Новата 2020 година, во време на мандатот на градоначалникот Шилегов, кога 60 илјадна публика од целиот Балкан пееше заедно со поп-ѕвездата.