Здравко Чолиќ го собра цел Балкан на концертот во Битола (фото)
Еден е! Всушност, само двајца артисти во светот пејат над 40 песни на концерт – Bruce Springsteen и Здравко Чолиќ!

Најголемата регионална поп-ѕвезда на сите времиња, синоќа, на стадионот „Петар Милошевски“, во Битола, на единствениот концерт летнава сезона во Македонија, собра околу 20.000 посетители од земјава и Балканот. Чола повторно ни донесе возбуда, спомени од младоста, и надеж како полесно да се помине староста. На концертите на Чолиќ, најомилената наша ѕвезда од регионот, секогаш доаѓаш како дама и господин, а излегуваш како возбуден и среќен тинејџер, како да си освоил лото, како да не знаеш што да правиш со сета таа среќа, чувство и задоволство. Ѕвезда и мангуп цел живот, никогаш не е здодевен иако ги знаеме наизуст старите хитови но и новите песни. И да ни пее секоја вечер Чола во Македонија, не ни е доста. Тој ни е во крвта. За цел живот.

Ќе влезе во историја неговата серија од 5 распродадени концерти во ,,Зетра” во Сараево овој март и април (2026), што вкупно изнесува повеќе од 80.000 луѓе, или трите скопски концерти во ,,Борис Трајковски” (2025), што изнесува скоро 20.000 луѓе! А, тука се и рекордните 6 Белградски Арени (2019) со повеќе од неверојатни 120.000 посетители ! Рекорди кои впрочем и претходно самиот Здравко ги држеше, со распродадени концерти во ,,Ушчe, ,,Кошево” и ,,Маракана”…

Вечната борба со самиот себеси, да се оди само напред, само со неговите безвременски песни, скромно, културно и пред сѐ квалитетно, ги прави неговите тричасовни концерти секоја година сѐ подобри и подобри, неверојатно енергични и пред сѐ, на високо светско ниво според сите норми и стандарди… на големо задоволство на неговата публика која, како времето одминува, е сѐ побројна и побројна, правејќи ги неговите концерти голем собир на буквално сите генерации.

„Битола нема да застане овде. Затоа што Битола го заслужува тоа – во секој поглед! Се гледаме вечерва со Steve Aoki на истото место, заедно да ја започнеме прославата на 35 години независност на Македонија, во голем и светски стил“, порача организаторот , Авалон продукција. (Л.С.)
Фото: Стефан Рајхл



