Доцна е за промена на изборниот модел


ЃОРЃИ СПАСОВ

Во својата изборна програма од 2016 година, СДСМ има запишано: „Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Република Македонија да биде една изборна единица. На тој начин, секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници“.
Основната идеја за ваквото ветување, кое е содржано и во недамнешниот предлог на претседателот Стево Пендаровски, е со промена на изборниот модел да се обезбеди: 1. Поправедна распределба на пратеничките места според добиените гласови и можност за малите партии со самостоен настап на изборите да освојат пратеничко место. А тоа значи и повисока репрезентативност на Собранието; 2. Депривилегирање на големите партии при распределбата на пратеничките мандати и отежнување на можноста од концентрирање на власта во рацете на една или на мал број партии; 3. Давање можност на граѓаните да гласаат освен за партијата и за своите омилени кандидати, со што тие би можеле да го сменат редоследот на кандидатите за влегување во Собранието од листата на партијата за која гласаат и со тоа да го смалат влијанието на лидерите на партиите врз конечниот избор на пратеници во Собранието.
Сето ова звучи убаво, но неговата реализација е соочена со неколку суштествени проблеми.
Првиот е што СДСМ и со најдобри намери не може да наметне изборен модел по свој избор бидејќи нема двотретинско мнозинство во Собранието кое е потребно за промена на Изборниот законик.
Второ, сега е веќе јасно дека ВМРО-ДПМНЕ преферира замена на пропорционалниот со мнозински изборен модел, според кој во 120 изборни единици би се избирале 120 пратеници, и тоа само во еден круг, односно за избран пратеник би се сметал кандидатот на партијата кој веќе во првиот круг ќе освои мнозинство од гласовите на избирачите, независно од нивниот одѕив на изборите. Според тој модел, кандидатот кој во секоја од изборните конституенци ќе освои макар еден глас повеќе од другите кандидати го добива мандатот во таа изборна единица. А тоа значи дека при излезеност од 66 отсто на гласачите, една партија со 25 до 30 отсто од гласовите, ако се рамномерно распределени на целата територија на Македонија, ќе може да ги освои сите места во Собранието на Македонија.
Тоа секако не се случи во 1990 година, на првите парламентарни избори, кога имавме мнозински модел во два круга. Но тоа беа први парламентарни избори, граѓаните недоволно ги познаваа партиите и кандидатите, имаа можност да ги групираат своите гласови пред гласањето во вториот изборен круг и изборните единици беа конструирани според индиции за јасната политичка определеност на граѓаните уште пред изборите. Така се случи ВМРО-ДПМНЕ на тие избори со околу 30 отсто од освоените гласови да добие 38 пратенички мандати, СКМ-ПДП (СДСМ) – со 28 отсто од гласовите да добие 31 пратеничко место, Сојузот на реформските сили со Младинската демократска странка со 20 отсто од гласовите да добијат 23 пратенички места, а Партијата за демократски просперитет и Народната демократска партија со околу 21 проценти од гласовите да добијат 22 пратенички мандати. Овој изборен модел таа година всушност даде слични резултати на еден чист пропорционален модел, иако партии, како МААК на пример, кои во првиот круг добија над 40 илјади гласа и други чии кандидати освојува на целата територија на Македонија над 20 илјади гласа, во првиот изборен круг не освоија ниту еден мандат во Собранието. Нивните кандидати во ниту една од изборните единици не го поминаа прагот за влегување во вториот изборен круг, па моделот да беше и во еден изборен круг тие ќе останеа без пратеници. Ако изборите беа само во еден изборен круг, СКМ-ПДП, кој освои над 70 илјади гласа повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, во првиот круг ќе оствареше огромна победа на тие избори.
Тој изборен модел веќе во 1994 година, по бојкот на изборите од ВМРО-ДПМНЕ пред вториот изборен круг, доведе практично до Собрание доминирано од една партија, односно коалиција. Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ верува дека во секоја од таквите изборни единици би имала малку повеќе гласови од СДСМ, инсистира на таков изборен модел кој би ѝ обезбедил евентуално несразмерно поголем број пратенички мандати од процентот на освоените гласови или целосна доминација во Собранието.
Од друга страна, ДУИ не преферира пропорционален модел и Македонија да биде една изборна единица. Поради просечно пониската излезеност на Албанците од излезеноста на Македонците, партиите кои сметаат само на гласовите на етничките Албанци, се свесни дека при таков модел, дури и со низок изборен праг во Собранието, би се избирале помал број Албанци од сега. И затоа навестуваат дека за нив би бил прифатлив евентуално сегашниот изборен модел со смалување на бројот на изборните единици од шест на три, во кои би се избирале по 40 пратеници, евентуално и од отворени листи. Но и таа промена не би донела ништо ново бидејќи природниот изборен праг за избор на пратеник ќе се зголеми двојно, а ако остане пресметката на мандатите според Донтовиот модел, големите партии одново ќе добиваат повеќе мандати на сметка на оние што нема да го поминат изборниот праг.
Оттука, СДСМ и да предложи промена на изборниот модел, во согласност со својата програма, во услови на ваква спротивставеност на ставовите и на интересите на политичките партии, тешко е да се поверува дека таа ќе помине од неколку причини:
Прво, добро е Изборниот законик да се донесува со консензус на политичките партии. Второ, измени во него се можни само со обезбедување двотретинско мнозинство, кое е речиси невозможно да се постигне во сегашните услови. И трето, бидејќи промената на изборниот модел значи промена на правилата на играта, секогаш се препорачува новиот изборен модел да важи за едни од следните избори, а не за првите наредни, со цел да им се даде можност на партиите да се подготват и на избирачите да им се објасни новиот изборен модел.
Она што е можно во вакви услови за постигнување на посакуваната цел е предлогот на пратеничка Ивана Туфегџиќ од 2015 година за прифаќање на предлогот Македонија да биде една изборна единица, да се гласа според пропорционалниот модел со изборен праг од најмногу еден отсто (како во Холандија) и да се замени Донтовиот модел при претворањето на добиените гласови на партиите во мандати со Сент Лагеовиот модел (види http://respublica.edu.mk/blog/2015-11-03-12-22-58). Во тој модел наместо делители во серија 1.2.3.4 се користи систем на делители на непарни броеви односно 1.3.5.7.9 со што им се намалува просторот на големите партии да добијат повеќе пратенички места, се обезбедува значително поправедна распределба на мандатите и внесување во Собранието на помалите партии, а истовремено не се оневозможува формирањето на стабилни влади што не е помалку важно од застапеноста на малите политички партии.
Отворените листи можат да се воведат само при сегашниот изборен модел со шест изборни единици, но мора да се има пред вид една голема опасност.
При затворените листи, се обезбедува родовата рамноправност и вклученоста на помалите етнички заедници со претходно менаџирање од страна на политичките партии според системот: секој трет или втор кандидат на листата треба да биде жена, а се почитуваат и барањата на коалициските кандидати за број на нивни пратеници. Отворените листи создаваат можност за кандидати од дното на листата да станат пратеници, но и со инструирано гласање (или гласање оптоварено со предрасуди) да биде нарушена родовата еднаквост или да бидат елиминирани кандидатите од помалите политички партии на кои досега им беа гарантирани местата со коалициските договори при правењето на затворените листи.
Сè на сè, треба добро да се размисли вреди ли да се потроши огромна политичка енергија за нешто што може да доведе до нови политички поделби и дали дебатата околу измените на изборниот модел нема да се смири ако партиите би знаеле дека тој изборен модел ќе важи за првите наредни парламентарни избори по завршување на изборите во 2020 година. Со оглед на можноста и за одржување вонредни парламентарни избори веќе во јуни следната година, сега е веќе прилично доцна за темелна промена на изборниот модел.