„Дјуран Дјуран“ доаѓаат во Скопје со сопругите: Сите детали пред вечерашниот мегаконцерт
„Дјуран Дјуран“ отсекогаш биле бенд кој знае и сака да ужива во секој момент од своите турнеи, открива „Авалон“ за „Независен“
Британската поп-сензација „Дјуран Дјуран“ вечерва од 21 часот, по концертот во Софија, ќе одржи прв концерт во Скопје, во „Борис Трајковски“, во рамките на турнејата низ Европа, вклучувајќи концерти во Данска, Холандија, Чешка, Унгарија, Србија, како и три специјални настапи во Италија ова лето: 7 јули во Верона, 9 јули во Казерта и 11 јули во Кодроипо.

Дина Јашари и нејзиниот бенд се официјалниот opening act на концертот на Duran Duran во Скопје, како едно од највозбудливите и најавтентични имиња на новата македонска музичка сцена.
Познати по нивните светски хитови „Rio“, „Save A Prayer“, „Ordinary World“ и „Come Undone“, „Djuran Djuran“ беа еден од најуспешните бендови во осумдесеттите години и бенд број еден во „Втората Британска Инвазија“ од Ем Ти Ви во САД. Од осумдесеттите години до сега, имаат пласирано 14 синглови во Топ 10 на Британската топ листа и 21 сингл во Билборд Хот 100, а според Сандеј Меркјури, имаат продадено преку 100 милиони копии. Кога првпат се појавија, општо беа сметани за дел од нео романтистичката сцена, заедно со други бендови како Спандау Балеј, но подоцна го изгубија овој имиџ. Групата беше формирана од страна на Ник Родс, Џон Тејлор и Стефан Дафи, со подоцнежно приклучување на Роџер Тејлор и по бројни промени во составот, Енди Тејлор и Сајмон Ле Бон. Никогаш не престанаа да создаваат, само имаа промени во составот. Во 2021 го објавија својот 15-ти студиски албум Future Past, а во 2013 година, албумот со 13 песни, Dance Macabre.
Се за рајдер листата на „Дјуран Дјуран“ за концертот во Скопје, за „Независен“ откри организаторот „Авалон“.
Само еден ден. По концертот во Скопје заминуваат за Лондон, каде што ги очекува голем настап во „Хајд Парк“ пред околу 80.000 посетители.
Дали имаат посебни барања во однос на сместувањето, храната и бекстејџ зоната?
Секако, станува збор за масовна организација. Во Скопје пристигнуваат со тим од околу 90 луѓе, девет големи шлепери со опрема, шест автобуси и еден приватен авион, па затоа постојат бројни логистички и организациски барања кои треба да бидат исполнети како сеʼ би течело во најдобар ред.
Меѓу другото, „Дјуран Дјуран“ отсекогаш биле бенд кој знае и сака да ужива во секој момент од своите турнеи. Нивните фанови добро знаат дека и на оваа турнеја патуваат во друштво на своите сопруги и блиски пријатели, што дополнително придонесува за позитивната атмосфера што ја носат со себе каде и да настапуваат.
Дали носат своја опрема за концертот во Скопје?
Да, доаѓаат со комплетна сопствена продукција – врвен звук, светло и видео продукција каква досега не е видена во оваа сала.
Дали техничкиот рајдер им е најважен?
Дефинитивно. Имајќи предвид дека доаѓаат со сопствена продукција, исклучително е важно да се реализираат сите нивни технички барања за концертот да изгледа и да звучи според нивните исклучително високи стандарди.
Дали како организатори, вие ја бирате предгрупата или пејачот?
Ние даваме предлози, а конечната одлука ја носат бендот и нивниот менаџмент. Дина беше веднаш одобрена од нивна страна, бидејќи сметаат дека совршено се вклопува во нивниот музички и стилски концепт.
Л.Сабит