Дечев: Антибугарска кампања во Македонија има кај опозицијата а не кај власта


Постои тишина и изобличување на позициите на бугарските историчари и на други научници во врска со бугарско-македонскиот спор. Дури и медиумите се користат да разгорат одредена напнатост, оцени денес за бугарската секција на „Дојче Веле“  бугарскиот историчар Стефан Дечев.

-Уште кога започнаа разговорите за минатото во Мешовитиот комитет за историски и образовни прашања, бугарската страна тргна од погрешна позиција: дека скоро целата вистина е на бугарска страна, а македонската страна треба да ја препише бугарската историја до 1944 година.  Од македонска страна постоеше надеж дека разговорот за минатото може да помине. И ова на крајот доведе до Бугарската рамковна позиција, како и до очигледната решеност на Софија да го искористи овој момент и почетокот на преговорите со Северна Македонија за да се обиде да наметне агенда блиска до бугарската гледна точка. Ова е премногу оптоварување, бидејќи не е можно да се објасни дека сите народи во Европа се „природни“ ,а само македонската нација и македонскиот јазик се вештачки. Дека тие започнале во 1944 година, а целата претходна историја е само бугарска, вели Дечев во интервјуто.

Кои се политичките цели што Софија ги спроведува со оваа блокада? И, дали позицијата на владата не го одразува широко распространетото расположение меѓу луѓето во Бугарија?Според него, оваа бугарска позиција, сепак, ги одразува широко распространетите чувства, но проблемот е што тие се претвораат во државна политика.

-За жал, луѓето што добија доверба да се справат со односот на Бугарија кон Северна Македонија – и на политичко и на таканаречено „експертско“ ниво, се чини дека донесоа прелиминарна одлука. Тие дури ги користат централните бугарски медиуми, особено трите главни телевизии, за да надујат одредена напнатост и потоа да ја внесат во одредени социолошки истражувања, вели тој.

Запрашан зошто мисли така, тој посочи дека веднаш откако бугарскиот дел од Комисијата се врати од Скопје во Софија, во едно интервју за БНТ, еден од членовите од бугарска страна, професорот Иван Илчев, излезе со неколку тези кои во следните денови станаа бугарска државна политика и бугарска медиумска кампања.

-Како прво, тоа е тврдењето на Софија  дека   во моментов се спроведува гневна антибугарска кампања во Република Северна Македонија, а Бугарите се претставуваат како Монголи-Татари. Тоа  не е точно, бидејќи не постои таква официјална политика. Тоа е всушност линија на опозициските медиуми во Северна Македонија, кои едноставно се обидуваат да ја поткопаат владата на Заев и да го искористат евентуалното бугарско вето за да го симнат од власт.

Втората теза на Илчев е дека Бугарија треба да ја третира Северна Македонија како обичен сосед, кој има свои интереси и не може да се гледа наивно, емотивно и сентиментално само како братска земја. И како трето, имаше итворен политички повик од член на експертска историска комисија, кој побара Бугарија да го направи својот прв решителен историски чекор во последните 100 години блокирајќи ја Република Северна Македонија.Тоа беше вистински повик за блокада, заедно со обидот истовремено  да се замолчат сите алтернативни гласови за историски прашања во Бугарија – преку нивна маргинализација и преку погрешни информации што редовно ги пренесуваат централните медиуми.

Станува збор за тишина и изобличување  на обраќањето од почетокот на октомври, упатено од бугарски историчари и други претставници на хуманистичките и општествените науки против таканаречениот Меморандум за објаснување, и на Отвореното писмо на бугарските и македонските научници, кое се појави пред само неколку дена, до премиерите, министрите за надворешни работи и министерот за европски прашања на Република Северна Македонија за потребата од промена на пристапот, посочи Дечев.

Тој , со оглед на актуелната реторика и потезите пто се влечат, не гледа сигнали ниту од Софија ниту од Скопје за излез од ќор-сокакот.

-Гледам дека очигледно од страна на Скопје постои желба да не се постигне вето. Ја гледам и желбата на германската страна да посредува. Но, фактот дека во моментот во Бугарија им се дава гласност на националистичките историчари со екстремни мислења е крајно индикативен. И, ова ме тера да мислам дека бугарската позиција ќе продолжи да биде цврста и бескомпромисна, и тешко можеме да очекуваме од Скопје дека со ваква цврста бугарска позиција може да започне некоја внатрешна македонска дебата за историски прашања. Ова ме прави песимист – освен ако не се најде политичко решение што има карактер на барем привремен политички договор постигнат преку Германија“, оцени Дечев.