Децата како политичко орудие


Наум Котевски

Како човек да не се изнасмее на најавите на претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски дека со претставниците на партиите ќе потпишеле кодекс на однесување и оти со тоа апелираат на фер и коректно политичко натпреварување. Да е првпат, па ајде да се зафркне човек и да поверува.

Кодексите не се новина, напротив, тие се практично дел од сите изборни циклуси. Но се покажа дека тоа е само добро напишан текст кој не служи за ништо – останува мртво слово на хартија, а реалноста е сосема поинаква бидејќи се користат сите расположливи средства да му се нанесе непоправлива штета на политичкиот противник. Морално-етичкиот компас се докажа дека не се штима со пенкало. Тажен е, конечно, и самиот факт дека на оние што мора да бидат пример треба да им се пропишува кодекс! Тоа е жив доказ дека нешто е труло во државата наша.

Валканите политички кампањи во кои проработува „политичкото подземје“, вистина, не се проблем само кај нас. Тоа се случува насекаде во светот бидејќи влогот е огромен.

На кандидатурата за претседател на САД штетеа, да речеме, шпекулациите за нарушеното здравје на кандидатот на Демократската партија Хилари Клинтон. Шпекулациите за нејзиното кревко здравје станаа главна тема кога ѝ се слоши за време на посетата на меморијалниот собир посветен на жртвите од терористичкиот напад во Њујорк. Актуелниот шеф на државата Доналд Трамп, тогаш кандидат од редовите на Републиканската партија, не пропушти да го повтори својот став дека Хилари не е доволно физички и психички силна да ја извршува функцијата претседател. Мораше да се вклучат и американските лекари кои недвосмислено се сложија дека здравствената состојба на двајцата кандидати е задоволителна. На еден од серијата митинзи Трамп дури шест пати повтори дека Барак Обама е основач на „Исламската држава“, а Хилари, која во првиот негов мандат беше на функцијата државна секретарка, ја нарече коосновач на терористичката организација. Тој свесно го игнорираше фактот дека оваа организација настана во Ирак во 2004 година пред Барак Обама да стане претседател и да ја постави Хилари на една од најважните позиции во американската администрација.

Но ваквите примери на белосветските бескрупулозни удари под појас во никој случај не треба да претставуваат олеснителна околност за она што ни се случува нам. Претседателската кампањата која е во тек, иако официјалниот старт е закажан за денот на шегата 1 април, откога двата табора уште посериозно ќе тргнат во битката на „живот и смрт“, несомнено ги надминува границите на пристојноста.

Спинувањата и паролите кои не наликуваат на битка на различни политички стојалишта туку на повик на меѓусебна пресметка се рефлексија на еден примитивизам, на една своевидна исклучивост која ја обележува нашата политичка култура. Она што на некој начин може уште отсега да се насети е дека оваа кампања може да биде една од највалканите. Тоа чувство има своја предигра во различните кризни ситуации во периодот по промената на власта кои кулминираа со неодамнешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека рацете на премиерот Зоран Заев биле крвави и немало вода што ќе ги испере.

Во калта на поразителното отсуство на правила, начела, вредности почнаа да се препелкаат и децата. Подолг период јавноста е сведок на поединечно или групно вклучување на малолетни лица во случувања кои имаат партиски, односно пропагандно-политички карактер. Ама сега напреднавме. Во актуелниот миг немаме, барем засега, проблем со злоупотреба на дечиња туку со злоупотреба на малку повозрасни синови и ќерки на политичари во политичката комуникација.

Сè почна со навидум безопасното, случајно или не, објавување на социјалните мрежи на фотографија од синот на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, како свири кавал во Градскиот парк, собира некоја паричка како доброволен прилог и потоа им ги дава на дечиња. Таа предизвика бура од реакции на социјалните мрежи – позитивни со поддршка, но и исклучително негативни. Не требаше да помине многу време па да осамнат и слики од внуката и ќерката на македонскиот премиерот Зоран Заев. Целата мизерија на крајот беше заокружена со креативниот видеоколаж објавен од претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, во кој се „закачуваат“ со штипка фотографии од децата на функционери од власта со цел да се развијат во слика која ќе му го прикаже на народот нивниот луксуз и раскош, наспроти скромноста на синот на Силјановска.

Во право се донекаде оние што велат дека кога станува збор за функција која може да има огромно влијание врз голем број луѓе и за квалитетите на човек кој може да ги загрози основните права на голем број луѓе, јавниот интерес во голема мера го ограничува правото на приватност на тој човек. Ширењето одредени сензитивни информации секако дека може да претставува искрена желба да се предупредат другите на вистинската опасност од изборот на даден кандидат, но тоа може да се покаже и како неискрена идеја за методите за победа во сферата на политиката.

Се поставува прашањето до каде е границата. И дали децата на политичарите треба да се дискредитираат на ваков начин, во некакви извртени контексти кои немаат врска со реалноста.

Триесетина години сонуваме ронка нормалност во политичката битка – цивилизиран судир на два различни концепта. Тој степен на примитивизам на кој сме присилени, насочени, кој ни е наметнат, е невозможно да не фрустрира.

Политичките кампањи по дефиниција се валкани бидејќи зад себе оставаат еден тон ѓубре на улиците, од искинати постери, плакати, летоци, запалки и останат рекламен материјал. Но вербалната контаминација на просторот е далеку пострашна. Правењето од кампањата фудбалски натпревар во ситуација кога се бркаат цензуси ги тера луѓето, особено младите, да се дистанцираат од политичките случувања. И на крајот да фатат џенем.