Давид Оберхубер, директор на ГИЗ: Охрид мора да има различен третман


И наследството треба да се сочува и економијата треба да се развива, вели директорот на ГИЗ за Северна Македонија и за Косово, Давид Оберхубер, за  загрозувањето на охридското крајбрежје во интервју за „Независен“. Еден од неговите проекти е и помошта за управување со отпадот во земјата, нешто што според него е мошне ниско на агендата на приоритети на Владата. Треба да се инвестира во систем за рециклирање место да се носи селектираниот отпад во соседните земји, порачува тој.

Многу актуелна тема деновиве е загрозениот статус на Охрид. Која е вашата оцена за состојбата во овој град и што прави ГИЗ на овој план?

За жал, забелешките и предупредувањата на УНЕСКО се основани. Со години сме сведоци на забрзана урбанизација на градот и уништување на крајбрежјето на Охридското Езеро. Изгледа дека препораките од последната мисија на УНЕСКО во 2017 година сè уште не се целосно испочитувани, а сите се надеваме дека ќе видиме реакција што поскоро. Како едно од 38-те мешани подрачја на УНЕСКО, дел од светското културно и природно наследство, Охрид мора да има различен третман. Можеме да го разбереме економскиот притисок што овој град го чувствува: недостаток на економски можности, високата стапка на миграција и стапката на невработеност, особено кај младите. Сепак, различните и конфликтни интереси треба да се решат и во интерес на идните генерации да се договорат начините за одржлив развој.

Богатото природно наследство на Охридското, Преспанското и Скадарското езеро и важноста за неговото зачувување и одржливо користење се во фокусот на неколку регионални проекти на ГИЗ кои имаат за цел прекугранично управување со природните ресурси на езерата во согласност со целите на ЕУ за заштита на животната средина и биолошката разновидност. Ги советуваме локалните заедници, организациите за заштита на природата и риболовните здруженија како да преземат мерки за заштита на биолошката разновидност и подобрување на еколошкиот квалитет на езерата. Риболовните регулативи се усогласија, со што се промовира одржливоста на риболовните активности преку границите.

Која е мисијата на ГИЗ во земјата?

Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ (претходно ГТЗ) работи во земјава над 25 години. Тоа е во сопственост на германската федерална влада и е основано за да нуди поддршка на германската меѓународна соработка. Организацијата не работи на дипломатско ниво, и можеби затоа не сме толку видливи во јавноста. Ние сме повеќе ангажирани во „оперативната соба“ на меѓународната соработка, осигурувајќи дека моторот е во добра форма, брзините се подмачкани, воланот не заглавува и сопирачките се добри.

Целта на ГИЗ е да ги подобрува односите со германските партнери во странство на оперативно ниво, на ниво на институции и луѓе и да работи на подобрување на функционирањето на општествата во нашите партнерски земји. Ова е од особена важност во процесот на европска интеграција, што е и една од клучните цели на германската надворешна политика. Европската интеграција може да биде успешна само доколку сите вклучени земји партнери професионално работат и ги исполнуваат своите задачи.

Примарна мисија на ГИЗ во овој поглед е да ја поддржи земјата на нејзиниот пат кон ЕУ. Северна Македонија мора да ја подобри својата економија за да биде доволно силна за пазарот на ЕУ, а ГИЗ е тука да даде поддршка во овој процес.

 На што конкретно сте ангажирани во моментов и кој е германскиот интерес да го правите тоа?

ГИЗ во моментов спроведува 14 регионални проекти во три тематски области: Добро владеење и административна реформа, Одржлив економски развој и Одржливо користење на природните ресурси (вклучувајќи биодиверзитет, акции за климатски промени, енергетска ефикасност).

Конкретно, работиме на заштита на Охридското, Преспанското и Скадарското езеро и на управувањето со ризикот од поплави. Покрај тоа, ние промовираме одржливи модели за развој на туризмот и ги помагаме руралните економии. Многу сме активни во областа на социјалното претприемништво и подобрување на социјалната интеграција на ранливите групи на пазарот на трудот. За да се подобри конкурентноста на македонските компании, ја промовираме надворешната трговија и ги поддржуваме претприемачите да влезат на пристапните пазари, а воедно работиме и на олеснување на царинските постапки. Работиме и со општините за подобрување на нивните услуги за граѓаните. Списокот на нашите активности е навистина долг, како и листата на нашите партнери и корисници. Горди сме што можеме да му помогнеме на општеството во справувањето со некои од приоритетите во моментов.

 Владата има Германец специјален советник за економија, Валтер Дефа. Неговото присуство дејствува како пожарникарска мисија на германската влада во Македонија. Зошто е тој тука и што можеме да очекуваме од неговата работа?

За време на посетата во септември 2018 година, канцеларката Ангела Меркел во разговорите со премиерот Зоран Заев изјави дека Германија е посветена на продолжување на поддршката на процесот на економските реформи во Северна Македонија, преку обезбедување на професионални економски советници во кабинетот на премиерот. Валтер Дефа е еден од тие советници. Главната задача на Дефа ќе биде да работи на подобра координација во спроведувањето на различните економски политики и заедно со групата економски советници на премиерите, ќе ги идентификува приоритетите на агендата на економски реформи, за да може да се работи на започнување на долгорочни реформи, заедно со некои конкретни чекори кои ќе дадат брзи резултати и ефекти видливи во наредните една до две години. Тој ќе продолжи да доаѓа секој месец и заедно со тимот на економски советници ќе го следи напредокот во спроведувањето на приоритетите.

Германскиот бизнис изнесе лоша оценка за бизнис-климата во земјата. Кои се вашите согледувања во ГИЗ, зошто е тоа така и кои се главните области во кои треба промена?

Задача на бизнис заедницата е да ги поттикнува владите постојано да ги унапредуваат бизнис условите и да го олеснуваат животот на компаниите. Нивна работа е да критикуваат и да го вперат прстот, доколку идентификуваат проблеми. Работата на владата е да ги балансира интересите на различните групи и да обезбеди одржлив развој на земјата, земајќи ги предвид сите аспекти на општествена одговорност, заштита на животната средина и економски перформанси на транспарентен начин. ГИЗ работи токму на тоа, на создавање поволна бизнис клима во Северна Македонија. Дали преку поддршка на извоз на стока, подобрување на стандардите на производство, едукација, стратегиска соработка со владата за подобри услови и одржлив раст, нашата крајна цел е подобрување на бизнис климата во земјата.

Бидејќи работите и на заштита на Охрид, Преспа и Скадар, може ли да направите споредба меѓу трите града?

Сите три града имаат свои карактеристики и уникатност. Тие имаат различен степен на заштита, но нивното природно и културно наследство е признато и дома и во меѓународни рамки. Нивен заеднички предизвик е како да се справат со економските проблеми. Ние треба да разбереме дека и наследството треба да се сочува и економијата треба да се развива. Во оваа смисла, на сите три града им е потребна посилна поддршка преку координирани, и домашни и меѓународни програми и иницијативи, кои ќе нудат модели на развој преку заштита на природното богатство.

Македонија доцни децении во однос на Германија околу енергетската ефикасност, рециклирањето и менаџирањето на отпадот. Какви се вашите согледувања на овој план?

Среќен сум што од неодамна можеме да сведочиме за зголемена посветеност на владата кога се работи за енергетската ефикасност. До крајот на оваа година земјата ќе добие Закон за енергетска ефикасност, усогласен со директивите на ЕУ. Стратегиските документи за енергија и енергетска ефикасност имаат зголемена практична примена, но исто така е подобрена врската меѓу климатските промени и индикаторите за квалитетот на воздухот. Мислам дека енергетската ефикасност постепено се позиционира во националната платформа за развој на енергијата, а стратегиските обврски сè повеќе се пренесуваат во активни мерки кои не се фокусирани само на јавни згради, туку исто така се насочени и кон резиденцијалниот сектор со обезбедување субвенции. Сепак, морам да кажам дека капацитетите не се доволни, а тука мислам и на човечките ресурси во Министерството за економија и Агенцијата за енергетика, како и на финансиските средства што се предвидени за постигнување на подобри резултати во областа на енергетската ефикасност.

На полето на управување со отпад, мислам дека треба уште многу да се работи. Темата се смета за област од животната средина и како таква таа низ сиве овие години беше мошне ниско на агендата на приоритети на Владата. Поради зголемената свест на граѓаните и повиците за подобрување на квалитетот на воздухот во последните години, постои силен притисок врз владата и општинските власти меѓу другото и за зголемување на инвестициите во областа на управувањето со отпадот. Она што очекуваме многу наскоро е создавање систем кој ќе се заснова на активни механизми за намалување, повторна употреба и рециклирање, заедно со алатки за стимулирање на граѓаните да прават селекција на отпадот. Властите, исто така, треба да почнат да размислуваат за инвестирање во систем за рециклирање во земјава, наместо да се носи селектираниот отпад во соседните земји, како што е сега случај.

 Ваши обвинители им помагаат на наши обвинители во откривање сериозен криминал. За каков тип криминал станува збор и што е мотивот за ваквата соработка? Дали нашите обвинителства се на ниво на оваа задача?

Во рамките на нашиот проект за борба против сериозниот криминал во Западен Балкан, финансиран од ЕУ и Германија, го поддржуваме Обвинителството на Северна Македонија во исполнувањето на стандардите на ЕУ во врска со прекуграничната соработка за кривичните случаи. Ние работиме на сите области во кои се вклучени организирани криминални групи, како што е трговијата со дрога, шверцувањето мигранти или перењето пари.

Еден од најголемите успеси на проектот досега е поддршката во т.н. случај „Доктор“, заедничка истрага на Северна Македонија и Србија, што доведе до поднесување на обвинение против 7 луѓе, конфискација на 240 килограми таблети амфетамин и откривање на две лаборатории за синтетички дрога, една во Белград и една во Тетово. Особено сме горди на фактот дека во текот на истрагата беше формиран првиот меѓурегионален заеднички истражен тим помеѓу Србија и Северна Македонија.

Слободанка Јовановска