За една деценија пад од 30 отсто на новороденчињата 


Македонија за десет години изгубила речиси една третина од новороденчињата. Според најновите демографски податоци за 2025 година, во државата се родени околу 15.500 бебиња, додека пред една деценија бројот изнесувал околу 23.000. Гинеколозите предупредуваат дека се потребни поголема грижа за женското репродуктивно здравје, подобра превенција и посилна институционална поддршка

Во последната деценија, Македонија бележи значителен пад на бројот на новороденчиња, од околу 23.000 пред десет години на околу 15.500 во 2025 година. Според лекарите, тоа претставува пад од околу 30 отсто и јасен сигнал за продлабочување на демографските предизвици во државата, но и за потребата од посилна поддршка на женското и репродуктивното здравје. Податоците беа соопштени на одбележувањето на „Неделата на женско здравје 2026“, организирана од Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.

Проф. д-р Елена Џикова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и член на Управниот одбор на МАГО посочи дека падот на наталитетот не смее да се гледа само како статистички податок, туку како сериозен општествен аларм кој бара поширок пристап.

„Кога ќе се навратиме една деценија наназад, гледаме дека имаме намалување од околу 30 проценти во бројот на новороденчиња. Тоа не е само бројка, туку сигнал дека мора многу повеќе да се вложува во женското репродуктивно здравје, во поддршка на семејствата и во системска грижа која ќе почне уште од најрана возраст“, рече Џикова.

Таа додаде дека едукацијата и превенцијата се клучни и мора да бидат континуиран процес, почнувајќи од школска возраст, преку репродуктивниот период, па сè до бременоста.

„Жените треба да знаат како да го чуваат своето здравје уште од најмлада возраст. Но особено е важно во репродуктивниот период и во бременоста да има редовни прегледи, бидејќи современата медицина денес овозможува рано откривање и превенција на компликации, кои ако се следат навреме, можат да се држат под контрола или да се појават во многу поблага форма“, истакна таа.

Од МАГО предупредуваат дека и натаму голем број жени доаѓаат на прегледи предоцна, најчесто кога симптомите веќе се развиени.

Специјалистот д-р Илир Шурлани од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир нагласи дека најголем проблем е недостигот на навика за редовни контроли.

„Имаме случаи каде што жените доаѓаат предоцна не затоа што не чувствувале симптоми туку затоа што немале навика или храброст навреме да направат преглед. Тоа е најтажниот дел, затоа што многу состојби можеле да бидат откриени многу порано и третирани успешно со едноставни и редовни гинеколошки контроли“, рече Шурлани.

Тој додаде дека особено е важно да се допре до младите девојки и до бремените жени, бидејќи навремената грижа значително го намалува ризикот од компликации.

Претседателот на МАГО, проф. д-р Глигор Тофоски, истакна дека организацијата има за цел не само едукација на лекарите туку и поширока едукација на јавноста за современите пристапи во гинекологијата и превентивната медицина.

„Во последните години се обидуваме да направиме поширок пристап кон женското здравје, не само од аспект на лекување, туку и од аспект на превенција и едукација. Годинава, посебен фокус ставаме на синдромот на полицистични јајчници, кој сега на светско ниво се дефинира како полиендокрино-метаболно-оваријално заболување, бидејќи станува збор за состојба која не се однесува само на јајчниците туку има системски последици врз целиот организам“, рече Тофоски.

Тој појасни дека оваа состојба е поврзана со зголемен ризик од дијабетес тип 2, покачени масти, кардиоваскуларни заболувања и проблеми со плодноста, што ја прави значајна за рано препознавање и долгорочно следење. Тофоски додаде дека на настаните во рамки на Неделата на женско здравје ќе се дискутира и за ХПВ-вакцинацијата како клучна превентивна мерка против цервикалниот карцином.

„ХПВ-вакцината е единствената вакцина која може да спречи појава на цервикален карцином, но и да придонесе кон негово искоренување. За жал, опфатот кај нас е околу 56 до 58 проценти, што е далеку од потребното ниво. Во земјите со високоразвиени здравствени системи тој опфат е поголем од 90 проценти, и таму веќе се гледаат резултатите“, истакна тој и посочи и дека пристапот до гинеколошка заштита треба да се подобрува преку подобра организација на системот и поголем акцент на превентивните прегледи, според современи медицински препораки.