Тошковски за моторџиите: „Ќе ги изгориме“ во наредниот период
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека полицијата во наредниот период ќе ги засили контролите во градските средини, со посебен фокус на возачите на мотори кои не ги почитуваат сообраќајните правила и претставуваат ризик за безбедноста.
Тошковски направи разлика меѓу, како што рече, „вистински моторџии“ и оние кои „глумат моторџии“.
„Тие кои се вистински моторџии, тие во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Тие се посветени за почитување на сообраќајни правила особено во град, бидејќи ги знаат последиците кога не ги почитуваат, тие се на две тркала“, рече Тошковски.
Според министерот, мерките не се насочени кон оние што возат со кацига, со соодветна брзина и ги почитуваат правилата, туку кон возачите кои возат опасно.
„Ова не се однесува на тие кои возат со кацига, со соодветна брзина… А најавувам за тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, возат на црвено светло, го креваат моторот на едно тркало, и мислат дека ‘Сејф сити’ не ги детектира, МВР ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини“, кажа министерот.
Тој порача дека токму ваквите возачи ќе бидат главен таргет на полицијата во наредниот период.
„Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии“, изјави Тошковски.
Министерот оцени дека станува збор за возачи кои со своето однесување создаваат сериозна опасност во сообраќајот.
„Тие ќе бидат таргет, тие што употребуваат мотори надвор од закон. Затоа што тие се најголем ризик да отепаат некого“, рече Тошковски.
На крајот, тој упати пофалби до моторџиите кои ги почитуваат правилата.
„Не за вистинските моторџии, за нив секоја чест и поздрав“, додаде министерот.