250 евра ќе биде казната за родителот чие дете е насилно во училиште


Фото: Б. Богдановска

Со 250 евра ќе биде казнет секој родител на дете кое се однесува насилно во училиштето, но и ако тој родител не сака да соработува со училиштето или со другите институции, потврди денеска министерката за образование Весна Јаневска.

– Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците и мислам дека во овој момент се во Собрание , за да ги дооформат тие предлози и веќе е донесена таа одлука, тие измени ќе се направат и останува казната од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно, повторувам, и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции – рече Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање до каде е процесот за измената на законот.

Пред два дена министерката најави измени на Законот за основно образование, во кој би се предвидела казна за децата кои се насилни во училиштето, пто ќе треба да ја плати родителот. Овие измени доаѓаат по екстремните поединечни случаи, кои деновиве ја брануваат јавноста, како избодениот деветтоодделенец од скопската населба Ченто, кој се бори за живот, откако поранешен ученик го избоде во училиштето, но и случаите на безобѕирно насилство на деветтоодделенки врз шестоодделенка во Ѓорче Петров.

Во критична состојба е момчето избодено со нож во училиште во Ченто