Македонија отвора амбасада во Литванија
Влада донесе одлука за отворање на Амбасада на Македонија во Литванија, со седиште во Вилнус.
Одлуката е донесена на предлог на Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, а според Владата, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на политичкиот дијалог и билатералната соработка меѓу двете земји.
Амбасадата ќе има и поширока регионална улога, односно ќе служи како централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната и конзуларната сфера.
Од Владата посочуваат дека Литванија е меѓу најактивните членки на Европска Унија и НАТО во делот на безбедносните политики и проширувањето на Унијата, како и континуиран поддржувач на европската интеграција на Македонија.
Во соопштението се наведува и дека блиските односи меѓу двете држави биле потврдени со отворањето на литванска канцеларија во Скопје во ноември 2023 година.
Со новата одлука, Амбасадата на Македонија во Варшава повеќе нема да биде надлежна за Литванија на нерезидентна основа.